Oткако членови од организацијата „Младите на Една може“ реагираа на социјалните мрежи за одземената можност на студентите од самохрани и еднородителски семејства да плаќаат пониска партиципација, Студентската правобранителка и Универзитетското студентско собрание го пренесоа проблемот до надлежните на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а тие ветиле корекција на пропустот.
„Ни одговорија дека пропустот којшто бил направен ќе биде исправен и дека оние права коишто им се загарантирани на студентите со правилникот донесен во 2017-та, ќе продолжат да важат, односно ќе се почитуваат при уписите. Со други зборови, сите оние кандидати коишто ги исполнуваат критериумите коишто се наведени во правилникот, ќе плаќаат пониска партиципација“, изјави за РСЕ, Теа Мицевска, Студентска правобранителка на УКИМ.
Проблемот не е од „вчера“
Иако Правилникот кој им го гарантира правото на пониска партиципација на студентите од самохрани и еднородителски семејства е донесен уште во 2017-та година, според искуствата на „Младите на Една Може“ ова не е прв уписен рок во кој тие се соочиле со дискриминација во однос на ова прашање, односно не можеле да го искористат своето право.
„По нашето објавување добивме многу пораки од млади кои потекнуваат од ваков тип на семејства. Тие ни кажаа дека се соочиле со истиот проблем и минатата година. Така што, сакаме да направиме и едно истражување колку всушност во изминатите години случувал овој проблем, дали е од оваа година или е од многу претходно. Минатата година си постоело како графа, можело да се кликне, можело да се одбере, меѓутоа кога дошол редот да однесат документи, им рекле дека таа графа не постои и дека џабе ја притискале, а оваа година воопшто не постои таа графа, значи е целосно извадена од системот на пријавување“, вели за РСЕ, Елена Божиновска, претседателка на „Младите на Една може“
Од УКИМ нема детално објаснување за тоа што воопшто дошло до ваков проблем.
„Подетален одговор околу тоа прашање не добивме, со тоа што ние како претставници, односно Студентскиот правобранител заедно со Универзитетското студентско собрание бевме задоволни со тоа што ќе се поправи тоа, бидејќи најбитно од сѐ ни е студентите да си ги остваруваат правата коишто се веќе востановени во важечки правни акти. Околу тоа зошто настанал пропустот, не ни дадоа подетални информации. Ветија дека уште од оваа година, односно уште од овие уписи ќе важат тие критериуми, односно ќе се применува правилникот“, истакна студентската правобранителка, Мицевска.
Со Правилникот се пропишува начинот на проверката на основните критериуми и запишување во квоти на студентите чие родителско право го врши само еден родител, како и посебните критериуми за остварување на правото на плаќање на половина од износот на уписнина во рамки на државните квоти.
Од „Младите на Една може“, како подружница на „Една може“ велат дека стојат на располагање за сите прашања и каква било помош и поддршка за студентите од самохрани и еднородителски семејства.