Достапни линкови

Стипендиите се зголемуваат за 100%, учениците велат - будно ќе ја следиме исплатата


Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на средба со претставниците на учениците и средношколците, 21 јули 2021
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на средба со претставниците на учениците и средношколците, 21 јули 2021

Со овие стипендии, вели министерката Царовска, ќе се влијае на намалување на одливот на мозоци. Студентите и средношколците се задоволни, но нагласуваат дека будно ќе ја следат исплатата на стипендиите

Социјалните стипендии за студентите се зголемуваат од 3.000 на 6.050 денари, а ученичките стипендии, кои се движеа од 2.000 до 2.900, сега се усогласени на 2.500 денари. За студентите од природните науки – хемија, физика и математика, стипендиите ќе бидат 8.000 денари поради тоа што се дефицитарни.

Ова денеска го соопшти министерката за образование и наука Мила Царовска на средба со ученици и студенти, каде информираше и дека по 10 години, повторно ќе се стипендираат студенти запишани на магистерски и на докторски студии на факултетите во државава.

Во изминатиот период овие стипендии беа наменети за студии надвор од земјава, што, според Царовска, постојано правело одлив на мозоци од Македонија.

Условите за сите овие стипендии, како и оние за учениците во дуалните паралелки и за тригодишните во стручните училишта, се наведени во конкурсите, а обрасците може да се најдат на веб-страниците на МОН (mon.gov.mk) и на e-uslugi.gov.mk.

Претставниците на учениците и студентите задоволни

Свои рекации по оваа одлука имаа и студентите и учениците кои присуствуваа на средбата со министерката Царовска.

Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, рече дека се реализираат нивните заложби за воведување нови и за дуплирање на износот на социјалните стипендии.


„Овие барања произлегуваат од декларацијата „Млади, образование и иднина“ која ја потпишавме на 12 јули 2020 година, напишана од студентските собранија и потпишана од шест политички партии. УСС УКИМ континуирано инсистираше на реализација на декларативните барања. Со поднесување до телото „Млади МОН“ за дуплирање на социјалниата стипендија, воведување стипендии за втор и трет циклус студии и за дефицитарните области, денеска конечно можеме да кажеме дека оваа идеја е реализирана“, истакна Цветковска.


Агрон Демири, претседател на УСС на Универзитетот на ЈИЕ, истакна дека во изминатите месеци интензивно работеле на мерки за подобрување на стандардот на студентите и дека резултат на тоа е оваа одлука.

„Државата на овој начин го стимулира нашиот труд и постигнувањата на подобри резултати“, рече Демири, заблагодарувајќи се на МОН и на останатите студентски собранија за успешната соработка.

Павичевиќ: Будно ќе ја следиме исплатата

Одлуката на МОН да ги зголеми и стипендиите за средношколците ја поздрави и Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.

„Оваа одлука е добра и е производ на долгомесечната соработка и консултација на МОН и Сојузот на средношколците и претставничките тела на студентите. Останува во иднина, како и досега, Сојузот будно да го следи спроведувањето и исплаќањето на стипендиите“, рече Павиќевиќ.

XS
SM
MD
LG