Субвенциите за малите хидроцентрали да се пренасочат во борбата против коронавирусот

Илустрација: Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“

Граѓански организации за заштита на животната средина од регионот апелираат субвенциите преку повластените тарифи кои ги добиваат малите хидроелектрани, да бидат пренасочени во здравството за борбата против актуелната криза со новиот коронавирус. Еко-активисти од земјава велат дека е време и Македонија да ја преиспита државната помош за овие проекти.

Инцијативата за стопирање на субвенциите за малите хидроелектрани и нивоно пренасочување кон загрозените од новиот коронавирус деновиве ја покренаа граѓански организации во Србија и БиХ, додека во Црна Гора производителите на електрична енергија од малите ХЕЦ донираа над 400.000 евра за набавка на медицинска опрема.

Можност за пренасочување на субвенциите постои и во Македонија, сметаат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“, особено, како што посочуваат, бидејќи во конвенцијата за заштита на биодиверзитетот стои дека земјава треба да ги преиспита „сите штетни субвенции“ кои придонесуваат кон уништување на екосистемите.

„Од сите истражувања и студии кои излегоа во изминатите неколку години, свесни сме дека малите хидроелектрани навистина предизвикуваат голема штета врз екосистемите и биодиверзитетот и тие на некој начин би биле први на таргет да бидат лишени од оваа државна помош, која всушност претставува финасиски средства од граѓаните“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко свест.“

Доколку се пресмета колку во моментов изнесува субвенционирањето преку повластени тарифи за малите хидроелектрани, се добива сума од над еден милион евра месечно, пари што државата ги издвојува за овие проекти.

Радио Слободна Европа истражуваше и дојде до податоци дека само до октомври 2019 година биле потрошени 11 милиони евра за хидроенергијата од малите хидроцентрали, додека во 2018 година на нивното салдо легнале над 15 милиони евра, според податоците од МЕПСО, што значи сума од 1.250.000 евра месечно.

Малите хидроцентрали се финансирани од сметките за струја во форма на повластени тарифи, односно шест проценти од сите сметки кои граѓаните ги плаќаат за струја, се наменети за субвенционирање на обновливи извори на енергија.

Во 2018 година скоро 40 милиони евра беа наменети за сите обновливи извори на енергија (малите ХЕЦ, фотоволтаични системи, ветерни централи и биогас), а од нив скоро 15 милиони евра беа издвоени за малите хидроцентрали, кои произвеле само 2,6 проценти од вкупната потрошена електрична енергија, според податоците кои ги добивме од МЕПСО.

Во изминативе десет години десетици проекти за мали хидроелектрани беа реализирани во Македонија, некои од нив во еколошки сензитивни области кои предизвикуваат значителни штети врз животната средина, како што се случаите во националните паркови Маврово и Пелистер, но и на Шар Планина која сѐ уште чека да биде прогласена за национален парк.

Граѓанските организации во Србија потенцираат дека парите кои ги плаќаат граѓаните и одат на сметките на повластените производители, треба итно да се запрат и пренаменат за помош на загрозените граѓани од епидемијата од новиот коронавирус, кон цивилната заштита и здравството, а по укинувањето на вонредната состојба, во потполност да бидат укинати и субвенциите за малите ХЕЦ, побараа активистите од Светската организација за природа „ВВФ Адриа.“

Претставниците на оваа организација наведоа дека малите ХЕЦ, освен директните штети врз природата, предизвикуваат значителни загуби за цела држава, особено за нејзините граѓани.

Во Црна Гора, пак, неколку компании кои произведуваат електрична енергија од малите хидроелектрани, деновиве донираа над 400.000 евра за набавка на медицинска опрема, приход кој го оствариле во претходниот месец, како што пренесоа црногорските медиуми. Наваедено е дека станува збор за 7-8 компании, чии пари се донирани во Националното координативно тело за заразни болести.

Во Македонија досега се изградени и функционираат над 75 мали хидроелектрани, уште десетици други се во градба или чекаат концесија.

Но, дали ќе можат да функционираат малите хидроцентрали без државните субвенции? Чоловиќ – Лешоска вели дека во изминативе години, големиот број на проекти е реализиран токму поради државната помош, но смета дека тие можат да функционираат и според пазарната цена на електрична енергија.

„Доколку се воведе ваквата мерка, не би требало да има проблем по нивната економија, особено бидејќи во случајот со хидроенергијата, препораката која кружи во целиот регион од страна на ЕУ, е дека ваквите субвенции би требало полека да се напуштаат“, вели Чоловиќ Лешоска.

Таа додава дека субвенциите за останатите извори на обновливи извори на енергија не треба да бидат запрени, бидејќи смета оти не предизвикуваат голема штета врз екосистемите, каков што е случајот со хидроцентралите.

За субвенционирањето на малите хидроелектрани, најголемата мрежа од еколошки организации и групи за човекови права „Бенквоч“ наведува дека еден од главните двигатели на „деструктивниот бум“ на мали хидроелектрани на Балканот е токму достапноста на јавна финансиска поддршка во форма на повластена тарифа.

„Во 2018 година малите хидроелектрани имаа корист од 70 отсто од поддршката за обновлива енергија во Западен Балкан. Сепак, придонесот од малите електрани во производство на електрична енергија е исклучително скромен: во 2018 година само 3,6 проценти од електричната енергија на Западен Балкан беше произведена од хидроценталите под 10 мегават часови“, велат од Бенквоч.

Во последната декада, овој бран од проекти за изградба на мали хидроелектрани предизвика јавно негодување со протести и блокади на локалното население скоро во сите балкански земји, вклучително Македонија, поради оштетените реки и потоци ставени во деривациони цевки и пресушените корита, а во некои случаи поради овие проекти локалното население беше оставено без вода за наводнување, a животните без вода за пиење.

Според „Бенквоч“во периодот меѓу 2009 и крајот на 2018 година, најмалку 380 мали хидроелектрани се изградени во регионот, од кои практично сите добиваат повластени тарифи. Со тоа вкупниот број е за четири пати зголемен, од 108 на најмалку 488 мали хидроелектрани.