Субвенции во земјоделството - за некои неопходни, за други незначителни

илустрација

Барања за субвенции во земјоделското и сточарското производство може да се поднесуваат до петок неделава. Надлежните велат дека пари за субвенции има. Земјоделците пак, со поделени мислења околу потребата од оваа финансиска инјекција

Рокот за поднесување на барања за субвенции за Програмата за земјоделство 2020 година е 31 јули. Од министерството за земјоделство велат дека пари за субвенции има и дека на сите кои ги исполнуваат условите за користење на оваа поддршка согласно календарот за исплати во еден ден и без селекција им се исплаќаат парите.

Во овој период се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за пољоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади. Исто така, до крај на месецот барање за добивање на финансиска поддршка може да достават и сите кои се занимаваат со сточарско производство, односно, одгледуваат говеда, овци, кози, пчели свињи а може да се аплицира и за финансиска поддршка за заклани животни во кланица.

Но за земјоделците, субвенциите имаат различно значење. Повеќето се согласни дека без нив нема да можат да преживеат, но има и такви кои велат дека средствата не им се неопходни, ако притоа државата не обезбеди поголемо производство и подобар пласман на производството.

Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикати на земјоделски производители од југоисточниот регион вели дека субвенциите не се правилно насочени.

„За овие 12 години откако е почнато доделувањето на субвенции, да се запрашаме дали има зголемување на површината на растително производство, или пак на сточниот фонд? Треба да се соочиме со реалната слика на теренот, а таа е дека имаме помало производство, помал сточен фонд итн. Значи не сме задоволни од начинот на распределба на тие средства, а не од висината на субвенциите“, вели Велков, кој ,исто така, одгледува раноградинарски култури.

За разлика од него, Тоде Лазаревски кој се занимава со производство на житни култури во Битолскиот регион, вели дека субвенциите му се неопходни за да може да го одржува своето производство. Деновиве пак аплицирал за добивање финансиска помош, иако во минатото поради грешки во пополнувањето на барањето, неколку пати бил одбиван.

„Ако не се субвенциите на пченка и сончоглед, нема ниту едно зрно да садам. Само ќе ја садам мојата површина од еден хектар што ја имам, а тоа под концесија од 130 хектари ќе ја оставам, не се исплаќа. Пченицата е евтина, одвај 10 денари по килограм. Трошоците се се поголеми, навистина не се исплаќа“, вели Лазаревски.

Видете и ова: Расте интересот на земјоделците за парите од ИПАРД

Парите од субвенциите Лазаревски вели дека ги троши на купување нафта, која му е воедно најголемиот трошок во производството.

„Земјоделците како мене, купуваме најмногу нафта, потоа репроматеријали, ги поправаме старите возила, па купуваме приклучна механизација, современи сеалки за сончоглед, мора да се вклопиме на современиот начин на обработка, не може со секакви сеалки да сееш“, вели Лазаревски и скромно додава дека е задоволен од годинешните приноси на житни култури.

Последните три години Велков пак не земал субвенции, но годинава пак аплицира. Иако вели дека не чувствува голем бенефит од субвенциите поради зголемените трошоци за производство.

„Ако има добра цена за пласман на финалниот производ, не ми требаат субвенции. Средствата мене не ми се пресудни. Еве зошто, јас произведувам домати, а тие ме чинат 20-22 денари производствена цена на килограм домати, значи 60 до 70 илјади денари имам трошок за производство. А за таа количина добивам помош од само 3000 денари. Мене најважно ми е да ми се обезбеди пласман на производството, а за тоа треба стратегија“, категоричен е Велков.

Од Сојузот на синдикати на земјоделски производители велат дека најдобро е средствата да се доделуваат во периодот ноември-декември, односно на стартот на растителното производство, кога се набавува семенскиот и заштитниот материјал. Нашите соговорници истакнуваат дека клучно е исплатата на субвенциите да биде редовна и навремена.

Инаку, барањата за добивање на финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат, а оние земјоделци кои не знаат сами да поднесат барања или имаат потреба од помош при создавање на електронски барања, можат да се обратат во Подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

Во исто време и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги потсетува сите заинтересирани за аплицирање за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства“ дека привршува рокот за доставување на апликации, односно дека јавниот повик завршува на 1 август.

Директорот на Агенцијата, Николче Бабовски информира дека финансиската поддршка по поединечно барање се доделува како неповратен грант во износ од 60 проценти од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за оваа мерка.

„Оваа мерка е наменета и нуди можност за реализација на инвестиции во секторите: растително, сточарско производство, преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство, производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка. Во овој повик тракторите не се прифатлива инвестиција“, посочува Бабовски.

Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик изнесува 9.216.693 евра или 568.147.394 денари.

Иако Македонија се смета за земјоделска земја, податоците на Завoдoт за статистика покажуваат дека таа останува увозно зависна земја. Субвенциите помагаат, но не успеваат да ја намалат зависноста од увоз.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 395 093 849 илјади денари и бележи пораст од 9.6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – декември 2019 година, изнесува 520 529 015 илјади денари, што е за 10.3 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Конкретно во делот на храна и живи животни, земјава има извоз од 367 милиони 372 илјади евра, а увоз од 670 милиони 768 илјади евра.