Стојкоски: Има жито, но недоволно за да се ослободиме од увозната зависност

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стојкоски – Осигурителните компании не сакаат да ги осигураат сите земјоделски производи

Приносите на пченица и јачмен се задоволителни, но нема да бидат доволни за да се се прехраниме цела година, предупредува првиот човек на Асоцијацијата на земјоделци Петар Стојкоски во интервју за РСЕ. Апелира до Владата да ги зголеми субвенциите за есенската сеидба поради растот на репроматеријалите за производство.

Господине Стојкоски обилните дождови предизвикаа значителни штети кај голем дел од земјоделците. Кои култури се најоштетени и дали веќе направивте проценка за колкава штета станува збор?

Да, после подолг временски период во кој немавме дожд, сега последните дождови предизвикаа поголеми оштетувања во земјоделството. Посебно имаме оштетувања кај раноградинарските производи, во лозарството, тутунопроизводството и кај скоро сите житни култури, особено кај јачменот. Но тоа е, не можеме ништо против природата. Општинските комисии коишто се задолжени за проценка и увид на лице место се на терен, ние сме во комуникација со нив, утврдивме дека тие се на терен и ги проценуваат штетите настанати од дождот и градот.

Какви се информациите од земјоделците, ќе бидат ли одобрените средства доволно за да си ги покриете трошоците?

Општинските комисии вршат проценка на штетата, меѓутоа ние не сме на ова ниво на кое треба да бидеме реално осигурани за да побараме средства коишто ќе бидат доволни по основ на оштетувањето. Можеби ќе имаме одредена сума на обештетување, но со оглед на тоа дека осигурителните компании не се доволно застапени во секторот земјоделство, нема да бидеме во целост обештетени во однос на вистинската штета од градот и дождовите.

Господине Стојкоски, во еден неизвесен период на војна во Украина и недостиг на жито, дали македонските граѓани треба да стравуваат дека ќе останат гладни оваа година?

Видете и ова: Летната жетва ќе биде добра, но за есенската сеидба ќе требаат повеќе пари

Од она што ни е дадено како количина за прехрана, можам да кажам дека и временските прилики, а и Господ ни помогна нас како земјоделци. Тоа значи дека имаме квалитетна пченица и јачмен и приносите ќе бидат на задоволително ниво. Но без разлика на тоа ние немаме доволно количина за да се прехраниме во текот на цела година. Сепак и оваа година ќе бидеме зависни од увоз на пченица. Тоа што Владата го обезбедува како дополнителни субвенции треба да го искористиме и да ги зголемиме површините под зрнести култури, но со оглед на тоа што нафтата и останатите репроматеријали се со повисоки цени, тоа значи дека дополнителната стимулација нема да биде доволна за есенските посеви.

Зошто во земја која има поволни услови за одгледување на жито, има недостиг од пченка и пченица?

Не требаше како пример да ни послужи војната во Украина. Ние веќе не можеме да увезуваме ниту зрнести производи од Украина и Русија, ниту пак вештачки ѓубрива. Тогаш седнавме и рековме дека грешиме со оваа политика- „ќе увеземе за да имаме“. Мислам дека сега Министерството за земјоделство води сметка за тоа како да се зголеми производството на пченица, јачмен, пченка итн. Сега имаме и дополнителни субвенционирања за да бидеме помалку оштетени. Меѓутоа еве од сега кажуваме дека за есенската сеидба овие субвенции кои сега ги добиваме ќе бидат мали. И затоа ставаме на знаење на Министерството за земјоделство да и пренесе на Владата да бидат зголемени дополнителните субвенции за есенската сеидба.

Владата воведе интервентен план сета слободна земјоделска површина да се даде за обработка на земјоделците. Каков е интересот кај земјоделците за оваа мерка, ќе успееме ли да ја намалиме увозната зависност?

Република Македонија има доволно сончеви денови и доволно земја која ако плански произведуваме, имаме услови тоа да го направиме. Со објавувањето на јавните повици на Министерството за земјоделство мислам дека ќе дојдеме до тоа решение да имаме целосно наша храна. Тоа не може да се случи за 24 часа, но политиката која се води, е во добра насока. Сега бараме дополнителни средства за субвенционирање, и тоа не го правиме за да се збогатиме, туку затоа што сите репроматеријали се многу зголемени. Добро е што дојде вештачко ѓубриво во овој момент имаме доволно, меѓутоа е со превисока цена. Ние немаме толкави средства за да можеме да ги набавиме тие средства за да имаме нормален приход од посевите.

Со најновите измени на Законот за земјоделство и рурален развој двојно се зголеми субвенционирањето на зелената нафта. Што значи ова за вас во услови на секојдневен раст на цените на горивата во енергетска криза?

Сè што е во интерес на земјоделците è добро и è добредојдено. Меѓутоа мора Владата да го следи тој тренд на зголемување на цените и трошоците на живот, така што ако денеска е зелената нафта толку по хектар, утре треба да биде повеќе. Затоа ние имаме изработено и план со кој сакаме да му докажеме на Министерството за земјоделие дека треба да имаме повеќе субвенции за зелена нафта, а Министерството е должно тој документ да го препрати на Владата.

Целото интервју со претседателот на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија Петар Стојкоски може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.