Се додека со сила ги бараме парите за нашето производство, нема радост во земјоделството и сточарството. Има се помалку млеко и месо во Пелагонија. Продаваме литар чисто млеко за 15 денари, вие пиете јогурт се хемикалии и го плаќате 50 денари. Вака реагираат сточарите од Пелагонија кои се жалат дека не им се исплатени субвенциите за 2020 година по грло добиток и за литар произведено млеко. Велат добиле ветување од министерот за земјоделство дека од буџетот се обезбедени пари, но се уште не добиле ниту денар, а се соочуваат со големи трошоци за пролетната сеидба.
Видете и ова: Слаба комуникација со граѓаните на кризниот ковид систем
„Доаѓаат пролетни сеидби, семенскиот материјал оди нагоре, ѓубривата, нафтата одат нагоре. Краен рок е министерството да преземе некои мерки за да се исплатат тие субвенции.“
„Сеидбата почна, а пари нема. Како можеме да преживееме сточари 365 дена, не знам. Да се свести Валдата да речи овие храна произведуваат. Секој ден во маркетот леб, млеко и млечни производи се купуваат, тоа се продава, пари се вадат, данок плаќаме, а ние нашето не можеме да го земеме“, велат сточарите Тони Апчевски и Тони Петковски.
Млекопроизводителите се жалат дека со години не е подобрена состојбата во сточарството. Откупната цена на млекото со години е иста, а трошоците постојано растат. Поради ваквите услови, луѓето се помалку се одлучуваат да се занимаваат со сточарство во Пелагонија, регионот кој порано беше најбогат со млекопроизводство, а денес сточниот фонд, по нивни пресметки, е намален за 60 проценти.
„Цела 2020 не ни е исплатена. Се додека ги бараме парите со сила нема радост во сточарството и земјоделството.“
„Имавме средба преку здружението „Пелагониско поле“ со министерот. Прво ни вети дека ќе се исплатат субвенциите за 2020, не исплати. Ни вети за 2021 да се направи буџетот дека ќе платат, ете четири месеци ништо и ние сега треба да лажеме некаде да земаме вересија без пари“, велат фармерите.
Доколку субвенциите за лани не легнат на нивните сметки во текот на април, по Велигденските празници се заканија дека ќе ги блокираат приодите кон Владата.
„После први мај доколку не ни исплатат ќе блокираме пред Влада. Нашите субвенции не се исплатени 15 месеци. И не е проблем само субвенцијата туку и млекото. Млекото почнува да се намалува. Ние даваме чисто млеко за 15 денари, а вие го купувате со хемикалии 50 денари. Слушаме сега и месото ќе поскапи 40 проценти, тоа е знак дека веќе нема стока во Македонија“, вели Борче Бучински, сточар од Могила.
Сточарите и лани во октомври најавија протести зашто не им беа платени субвенциите за 2019 година кои доцнеа поради пандемијата и изборите, по што со ребалансот на буџетот им беа исплатени.