Столтенберг: Подготвени сме да ве пречекаме во НАТО

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Столтенберг: Северна Македонија има столче на масата на НАТО

Членство во НАТО ќе донесе поголем просперитет за сите луѓе. Вашиот глас ќе биде важен како и на секоја друга членка. Го очекувам денот кога Северна Македонија ќе стане триесетта членка на Алијансата, порача првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг по состанокот на Северноатланскиот Совет во Скопје

Историска посета која праќа порака дека членките на НАТО се подготвени да ја примат Северна Македонија како триесетта земја членка на Алијансата. Вака првиот човек на оваа воено-политичка организација Јенс Столтенберг го опиша денешниот состанок на Северноатланскиот Совет со Комитетот за интеграција на земјава во Алијансата, на кој се дискутирало за процесот на интегрирањето на земјата во НАТО.

„Важно е да се напомене дека Северна Македонија постигна реформи, поради што и 29-те земји-членки се согласија да го потпишат Протоколот за пристапување. Овие реформи, односно реформите во одбранбено-безбедносната сфера и на разузнавачкиот сектор треба да осигурат дека институциите кои работат во овој сектор се стабилни и доверливи и ќе можат да оперираат и дејствуваат со таквите институции во земјите-членки, рече првиот човек на НАТО, Столтенберг по завршувањето на состанокот на Советот.

Тој сепак додаде дека земјава треба да ја одржи динамиката на спроведување на реформите и дека НАТО ги цени овие напори. Сепак истакна дека Алијансата очекува да се зголемуваат и средствата за одбраната и оти буџетот за оваа сфера ќе стигне до најавеното ниво од два отсто од БДП. Столтенберг неколкупати повтори дека потпишувањето на Договорот со Преспа бил исклучителен храбар и историски потег, кој пак како што рече треба да биде инспирација и модел за решавање на другите отворени прашања на Балканот.

Видете и ова: Столтенберг: Членството важно за земјата, но и за регионот и за НАТО

Првиот човек на Алијансата нагласи дека откако сојузниците ќе го ратификуваат Протоколот, Северна Македонија ќе стане 30-та земја-членка на НАТО и дека по пристапувањето, земјата со својот глас ќе учествува во носењето на одлуките за НАТО

„Истриски гледано, нашата политика на отворени врати се покажа како мошне успешна во зајакнувањето на трансатлантската безбедност и наскоро ќе бидете дел од тој успех. Го очекувам денот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО“, порача Столтенберг.

Во однос на тоа до каде е процесот на ратификација на протоколот, премиерот Зоран Заев истакна дека се прави со забрзано темпо и дека најверојатно до крајот на октомври тоа ќе го направат останатите 16 земји. За тоа дали е можно Турција да биде пречка, тој рече:

„Турција е еден од нашите најголеми пријатели. Нивните очекувања се дека кога ќе завршат сите политички изборни процеси, знаете дека има повторено гласање на избори во Истанбул, после тоа ќе ја отпочнат процедурата, имаше и изјава од потпретседател на нивната влада со која ја покажуваат поддршка на нашата земја. Веројатно во најбрз можен рок ќе го ратификуваат протоколот, соработката со нив продолжува и дефинитивно Турција е еден од нашите најголеми пријатели и верувам дека тоа и овојпат ќе го докажат“, рече премиерот Заев.

Ова е прва посета на највисокото политичко тело на НАТО во земјава. Во текот на месецов, министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе присуствува на уште еден состанок на министри за одбрана во НАТО.