Од денеска сите заинтересирани граѓани кои сакаат да примат вакцина против Ковид-19, тоа ќе може да го направат на интернет страниците vakcinacija.mk и kovid19vakcinacija.mk. Како што е најавено секој граѓанин ќе може да се регистрира, а самиот систем ќе ги регенерира податоците за тоа кој прв би бил повикан на вакцина, односно би му се дал приоритет.
Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека е направен оперативен план за процесот на вакцинација, согласно бројот на вакцини кои ќе бидат на располагање, како и приоритетните групи според кои ќе се спроведува имунизацијата. Според најавите, дневниот капацитет за вакцинирање е 880 лица во сите седум поликлиники што се под Здравствен дом во Скопје, а дополнителни 500 ќе бидат во пунктот кај Клиничниот центар во Скопје.
Стручата јавност оценува дека е добро што се воведува електронска регистрација на граѓаните кои ќе сакаат да се вакцинираат, бидејќи на тој начин би се одбегнале непотребните гужви и нервози кај пациентите и лекарите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Но, освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин”. Повозрасните лица и оние со хронични заболувања, закажувањата треба да ги направат во консултација со нивните матични лекари, и тие ќе бидат регистрирани преку системот „Мој Термин“. Но токму на вклучувањето на матичните лекари и во процесот на вакцинација реагираа од Здружението на приватни лекари, укажувајќи на тоа дека примарното здравство е пренатрупано со административни обврски.
„Не може примарното здравство да прими дополнителни обврски. Сметам дека Мој термин треба да се инсталира таму и тие луѓе кои работат само вакцина да продолжат да го работат тоа. Значи не може матичниот лекар да го правиме „сваштар“, бидејќи на тој начин ќе падне квалитетот на работа. Матичниот лекар треба да прави тријажа, прегледува, советува, да учи народ за превенција и така натаму“, вели претседателката на ЗПЛ, доктор Лидија Дервишова-Чолакова
Видете и ова: Вакцините од соседите на почек, надеж во кинескитеСпоред Злате Мехмедовиќ, лекар во Ковид центарот на интерните клиники, добро е тоа што постојат две решенија за аплицирање на граѓаните за вакцина, во случај едното да затаи. Еве зошто:
„Доколку има регистрација на корисниците коишто се од критичната гупа граѓани кои треба да примат вакцина преку системот на Мој термин тоа значи дека на тој начин ќе се контролираат сите оние кои примиле или треба да примаат вакцина, а се со хронични болести. Меѓутоа во случај да има такви кои ќе одбијат да примат вакцина, потребно е да постои еден систем на поддршка во којшто ќе можат останатите кои не се во листата на приоритетни, ќе можат да аплицираат во случај да останат вакцини коишто се употребливи и коишто би требало да се потрошат во одреден временски период. Очекувам системот да биде логички функционален, а дали ќе биде реално фукнкционален, останува да видиме“, вели доктор Мехмедовиќ.
Доза транспарентност и релевантност, пред доза вакцина
Засега нема опција да се избере која вакцина сака да ја прими одреден граѓанин бидејќи на почетокот имунизацијата ќе се спорведува само со вакцината од Синофарм. Според Националниот план за вакцинација против Ковид-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид-центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во итна помош и други здравствени работници опфатени во првата група од Фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години.Досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2.000 во Скопје, а останатите се во другите градови.
Инаку Северна Македонија се уште ги чека вакцините против ковид 19. Последните најави се дека во најскоро време ќе стигнат вакцините од кинеската компанија Синофарм, чиј договорот за 200 илјади кинески вакцини беше потпишан пред два дена. Прецизен датум за тоа кога ќе стигнат вакцините нема, но очекувањата се дека тоа ќе се сличи до крајот на месецот.
Во меѓувреме се чекаат и вакцините преку КОВАКС системот, како и најавените вакцини кои преку Солидарниот фонд ни ги ветија Грција, Полска, Австрија и Бугарија. Тие како што соопшти министерството треба да пристигнат после март. Што се однесува до вакцините на производителот Фајзер, кои треба да стигнат од Република Србија, тие се најавуваат за утре. Примопредавањето е превидено на граничниуот премин Табановце каде премиерот Зора Заев ќе го пречека српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 95.347, бројката на оздравени пациенти е 85.846, на починати е 2.955, а бројот на активни случаи изнесува 6.546.