Србија ќе бара од КФОР да распореди војска на северот на Косово

Косово, Блокади во местото Рудар

Во едно часовно обраќање до јавноста српскиот претседател Александар Вучиќ најави нова правна борба за поставување на војска во северниот дел на Косово со барање за дозвола од КФОР. Во меѓувреме, растат тензиите во северот на Косово со блокади и инциденти. Косовската претседателка најави одложување на вонредните избори во четирите општини.

Србија ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција на Косово. Ова денеска го изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во своето обраќање до јавноста, кога претставниците на Србите на северот на Косово поставија барикади, протестирајќи против апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ.

Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово.

Видете и ова: Кој одлучува за враќањето на српските сили на Косово - КФОР или Белград?

Вучиќ изјави дека „нема илузии“ дека КФОР ќе го прифати барањето на Србија и дека ќе најде „безброј причини“ да го одбие.

„Ќе бараме нови правни потези кои ќе ја водат Србија во иднина. Нашата формална правна борба допрва доаѓа“, рече Вучиќ.

Српските служби спровеле истрага за апсењето на Пантиќ

Вучиќ своето обраќање го почна со слики во рацете од вооружени полицајци во северниот дел на Косово каде што мнозинството од населението е со српска националност. Тој ги обвини косовските власти дека не ги почитуваат договорите постигнати со посредство на меѓународната заедница.

Српските служби го истражиле случајот со апсењето на Дејан Пантиќ, и за тоа Вучиќ ги известил претставниците на меѓународната заедница, обвинувајќи ги косовските власти за непромислена акција со која, како што вели, со тоа го загрозиле мирот.

Од друга страна, пак косовските власти ја обвинија Србија дека наредила поставување барикади на северот.

Министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља претходно изјави дека поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ е уапсен денеска на административниот премин Јариње, под сомнение дека, како што наведе, „организирал терористички напад во просториите на Централната изборна комисија на северот на Косово. “.

На 6 декември беа демолирани просториите на Централната изборна комисија во Северна Митровица и Зубин Поток. Тогаш членовите на општинските изборни комисии придружувани од полицијата се обидоа да започнат со организирање на изборите за градоначалник.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дополнителни безбедносни сили во Косовска Митровица

Во тој инцидент е употребено огнено оружје и експлозивни направи, а Свечља потоа на прес-конференција изјави дека има информации дека во нападот учествувале некои од поранешните полицајци.

Вучиќ во денешното обраќање до јавноста ги негираше обвинувањата против Пантиќ.

„Тоа беше денот кога тие (претставниците на институциите на Косово) се обидоа да ја окупираат зградата на општинската изборна комисија. Се случи Дејан Пантиќ, човек кој живее во таа зграда каде што е седиштето на општинската изборна комисија, носел намирници до дома. Според нив тој направил страшно злосторство дело, носел вино со српска налепница “, рече Вучиќ покажувајќи слики од приведувањето што беа објавени во медиумите.

Пантиќ е поранешен припадник на косовската полиција. Тој ја напушти полицијата на 5 ноември, заедно со други претставници на Србите кои потоа започнаа со бојкот на косовските институции.

Одложени изборите во северот на Косово

Претходно претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска соопшти дека вонредните локални избори на северот на Косово се одложени за април 2023 година.

Османи ова го изјави по средбата со лидерите на политичките партии.
Изборите во четири општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, претходно беа закажани за 18 декември.
Османи изјави дека постои целосен консензус меѓу политичките партии за одложување на изборите и додаде дека е земен предвид извештајот што Централната изборна комисија го проследи на 9 декември.

Таа на прес-конференцијата објасни дека во овој момент е неопходно одложување на вонредните локални избори и додаде дека и Европската Унија одбила да ги следи изборите поради кратката временска рамка во која требаше тие да бидат организирани.

Меѓународната заедница претходно повика на одложување на изборите на северот на Косово.

Прашањето за одложување на вонредните локални избори на северот на Косово стана актуелно по серијата инциденти што се случија во северните општини, кога Централната изборна комисија се обиде да започне процедура за нивно организирање.

Изборите треба да се одржат по оставките на претставниците на локалните власти по одлуката на косовската влада за пререгистирање на возилата со српски регистарски таблички во таблички со ознака РКС (Република Косово).

Тензиите на северот на Косово денеска повторно добија на интензитет, откако на граничниот премин „Јариње“ утрово беше уапсен Дејан Пантиќ (56) од Косовска Митровица, Србин кој бил интегриран припадник на косовската полиција. Во знак на протест, а за да не биде одведен во Приштина, Србите од северот на Косово се собираат и поставуваат барикади на патиштата.

Нови барикади и затворени гранични премини во северот на Косово

Во меѓувреме граничните премини на северот на Косово, Јариње и Брњак, се привремено затворени, а поводот за тоа е полициска проценка и мерка за претпазливост по блокадите кои ги поставија српските жители на неколки села.

Полицијата соопшти дека мерките за претпазливост се преземени по блокадите на територијата на општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, каде што е нарушена слободата на движење.

Граничната полиција ги повика граѓаните кои сакаат да влезат во Косово да ги користат другите гранични премини. Во повикот кон нив се бара и соработка како и „ да не наседнуваат на повиците за провокации од криминалнни групи“.

Каде се поставени барикадите

На северот на Косово во близина на Звечани, каде што мнозинството од населението што живее таму е српското население, денеска попладне поставија барикади. Според информациите на репортерот на Радио Слободна Европа, причина е апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ. Патот е блокиран со четири камиони.

Според информациите од дописникот на РСЕ кој е на терен, хеликоптер на КФОР мисијата го надлетувал местото Рудар. Намален е бројот на демонстранти за разлика од почетокот на поставувањето на барикадите, јавува дописникот на РСЕ.

Видете и ова: Тензично мирно на Косово

На почетокот на ноември, припадниците на српската заедница ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството, за да го изразат своето незадоволство од одлуката на Владата на Косово во врска со пререгистрацијата на возилата со косовски регистарски таблички. Спроведувањето на одлуката беше прекинато, но бојкотот на институциите продолжи.

Србите на северот последен пат поставија барикади на 31 јули, и поради одлуката за пререгистрација на возилата, но и поради реципрочните мерки кои потоа беа воведени во Србија во однос на личните документи. Во меѓувреме беше постигнат договор за документ.