Спорни мерења - којзнае колку е загаден воздухот

Аерозагадување во Скопје.

Не е прашање дали, туку колку е загаден воздухот што го дише Скопје и македонските граѓани. Вистинската состојба останува обвиткана во неизвесност, затоа што податоците на официјалниот мониторинг систем не се целосни. Нивната неверодостојност создава сомнежи во тврдењата на политичарите дека аерозагадувањето се намалува и ги остава граѓаните да се прашуваат дали навистина добиваат точна слика за воздухот што го дишат.

Официјалниот систем за мерење на загаденоста на воздухот ги изневерува граѓаните на Македонија, во време кога земјата долго се соочува со смртоносните последици од аерозагадувањето.

Во услови кога долг период не се спроведуваат потребните мерки за намалување на аерозагадувањето, проблем е и државниот мониторинг систем задолжен да ја мери концентрацијата на штетните честички во воздухот, кој работи со само тројца луѓе, што е половина од потребниот кадар.

Мерните станици се често расипани и не даваат податоци за сите загадувачи. Сето ова го отвора прашањето колку земјава може точно да ги процени нивоата на загаденост.

Ниските плати кои се нудат за позициите за мониторинг на воздухот резултираат со незаинтересираност од страна на потенцијалните вработени, според податоците кои ги добивме од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Воздухот има мирис и вкус, мерните станици потфрлаат

Среде мрачното сценарио кога годишно 4.000 луѓе во Македонија предвремено ги губат животите поради загадениот воздух, политичарите смело тврдат дека аерозагадувањето се намалува и покрај често расипаните мерни станици.

Пред неколку години тоа го тврдеа поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и поранешниот заменик министер за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, а сега со таков став е актуелниот министер за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

„Чекор по чекор ние ја подобруваме состојбата. Ние имаме податоци дека секоја година е се подобро и подобро“, изјави Нуредини во интервју за Радио Слободна Европа.

Но, во градовите каде воздухот за време на зимскиот период е густ со смог, на жителите не им требаат бројки и политичари, за да ја знаат вистината. Тие загадувањето можат да го видат со свои очи додека небото се затемнува со токсичната магла.

Нема мониторинг на блек-карбон

Официјалниот мониторинг систем ги мери честичките ПМ10, сулфур диоксид, јаглерод моноксид, озон и азот диоксид. Но, количеството на поопасните ПМ2.5 честички останува непознато, бидејќи поголемиот дел од мерните станици не го мерат овој тип на загадување.

Загадувањето со елементарен јаглерод (саѓи или блек-карбон) - нуспроизвод на фосилните горива што се согоруваат од автомобилите, електраните на јаглен и другите загадувачи, пак, воопшто не се мери.

Видете и ова: Аерозагадувањето се чувствува само во опозиција

Ова мерење е вовоедено во многу држави, бидејќи според Светската здравствена организација (СЗО) од 28 основни јаглеродни компоненти кои се јавуваат, 14 се канцерогени.

„Освен да знаете колкави се концентрациите во даден момент, треба и да знаете што содржат тие честички: хемискиот и минеролошкиот состав, концентрацијата на водено-растворливите јони, концентрацијата на елементарен јаглерод. Тоа е цел сет на податоци и се потрбни дополнителни мерења на тие што ги имаме за да можеме да го дефинираме учеството на поедините извори, а тоа е основа за преземање на соодветни мерки за контрола на загадувањето“, вели професор Дејан Мираковски од Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Скопје како главен град, ја носи тежината на долгогодишната криза со аерозагадувањето, како локација која доживува забрзана урбанизација, а воздухот што го дишат неговите граѓани е токсичен коктел во комбинација со емисиите од загревањето од домаќинствата, сообраќајот и индустриските загадувачи.

Домашните и меѓународните студии многу пати го нагласија сериозното влијание на овој токсичен микс врз здравјето на жителите, особено во зимските месеци кога ефектите од изложеноста на овие загадувачи се разорни.

Сепак, и покрај големината на проблемот, постои недостаток на акција и итност од страна на оние кои се на власт и се задолжени да го решат.

Нецелосни податоци

И додека граѓаните го вдишуваат отровниот воздух, последиците од неуспешната борба против загадувањето стануваат се појасни секој ден: илјадници загубени животи, полни клиники и огромни загуби во здравствениот систем и покрај донесените закони за заштита на јавноста од штетните ефекти.

Така, потребата за сеопфатен и прецизен систем за следење на аерозагадувањето никогаш не била поголема.

Дека официјалниот систем за следење на квалитетот на воздухот потфрла, покажуваат и објавените податоци од почетокот на годинава наваму.

Законот дозволува максимум 35 дена во текот на една година да има надминување на просечната дневна гранична вредност за ПМ10 честичките од 50 микрограми на метар кубен.

Основа за оценка за квалитетот на воздухот е просекот на загаденоста во текот на 24 часа. Но, само во јануари забележан е неверојатен број на вакви надминувања со ПМ10 честичките низ целата земја.

Аерозагадување во Скопје.

Во Центар, 18 дена имало надминување на просечните концентрации на ПМ10, кои изнесувале 63 микрограми на кубен метар. Во Лисиче било загадено уште повеќе - 17 дена имало надминувања со просек од дури 119,3 микрограми на метар кубен. Во Кичево, Струмица, Тетово и Гостивар, загадувањето било над дозволеното од 20 до 25 дена.

Овие бројки, сепак, се само за ПМ10 честичките. Податоците на официјалниот портал за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање се нецелосни за другите загадувачи.

И покрај присуството на 22 станици за следење на квалитетот на воздухот, податоците што тие ги собираат често се неверодостојни поради техничките проблеми: од прекини на струја, до дефекти во комуникацијата, клима уредите и пумпите за земање примероци.

Населбата Лисиче во Скопје е позната по најголемо и највидливо загадување, но нејзината мониторинг станица со години беше во мирување.

Мерна станица во центарот на Скопје. Најчести проблеми во мерните станици има прекини на струја, до дефекти во комуникацијата и пумпите за земање примероци.

Надградба на мониторинг системот

Вгнездена во халите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, се наоѓа лабораторијата АМБИКОН која се здоби со акредитација за мерење на квалитетот на воздухот во 2014 година.

Предводена од професорот Дејан Мираковски и неговиот посветен тим на научници, лабораторијата може прецизно да мери и хемиски да анализира филтри собрани од своите, но и од официјалните мониторинг станици.

Иако работи независно, лабораторијата неретко соработува со Министерството за животна средина и просторно планирање на различни проекти.

Професорот Мираковски верува во важноста за надградување на официјалниот систем за мониторинг и на континуирано мерење на елементарниот јаглерод за кој немаме податоци во официјалниот систем, особено во урбаните средини. Тоа ќе дава клучни сознанија за потеклото на загадувањето на воздухот, без разлика дали е од биомаса или од сообраќај.

„Ова е примерок од суспендираните честички, популарните ПМ2,5 коишто е земен на филтер. Бојата е темна, црна и тоа покажува дека има високи концентрации на елементарен јаглерод (јаглеродни компоненти) коишто се производ на сите процеси на согорување, може да бидат емисии од согорување на биомаса или загревањето на дрва, може да биде емисиите од возилата“, вели професор Мираковски.

Видете и ова: 15 насто од смртноста кај населението се должи на аерозагадувањето

Преку софистицираните техники на хемиска анализа, професорите од лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот во Штип успешно работеа на идентификување на изворите на загадувањето на воздухот во Скопје и во Битола, а во моментов своите истражувачки напори ги продолжуваат и во други градови во Македонија.

И покрај тоа што не се дел од државниот мониторинг, нивната работа останува клучна на полето на научното истражување за аерозагадувањето.

Заклучоците од нивните наоди се дека во зимските месеци зголемување на загадувањето има од согорувањето на биомаса, додека во летните месеци зголеменото ниво на аерозагадување доаѓа од сообраќајот и од прашината од градежништвото и коловозите.

Работата на лабораторијата може да покаже и концентрации на тешки метали. Професорите велат дека овие концентрации главно се под дозволените граници, со повремени дневни надминувања на некои елементи.

„Многу ретко и тоа на дневно ниво имаме само надминување на некои елементи од тешките метали за коишто имаме гранични вредности“, вели професор Афродита Зенделска – која е меѓу водечките научници во лабораторијата, која се обидува да ја разбере сложеноста на загадувањето на воздухот.

Локации на кои се поставени сите мерни станици на територијата на Македонија. Извор МЖСПП.

Дефектни мерни станици

Но, тажната реалност што опстојува премногу долго во Македонија е што и натаму секоја година воздухот што го дишеме одзема илјадници животи во земјава.

ПМ2.5 честичките се ситни, но смртоносни и предизвикуваат оштетување на секое човечко ткиво и орган со кои доаѓаат во контакт.

Уште поневеројатни последици од аерозагадувањето се што здравствениот систем на нацијата го чинат над 250 милиони евра годишно, што е потврдено од меѓународните студии, како онаа спроведена од Светската банка.

Видете и ова: Загадениот воздух ги напаѓа белите дробови, но и мозокот на децата

Ефектите и опасностите од аерозагадувањето во Македонија се познати и надвор од границите на земјата, каде што експертите ги препознаваат опасностите што ги носи.

За лошата состојба сведочи професорот Хари Пиетарила од Институтот за метерологија во Финска.

„За време на зимата во скопската котлина квалитетот на воздухот е меѓу најлошите во Европа, таква е ситуацијата за жал“, вели професор Пиетарила.

Освен што сегашниот систем за мониторинг го занемарува мерењето на елементарниот јаглерод, тој не ја зема предвид ниту прашината од градежните активности, што дополнително ги прави податоците нецелосни.

Што ќе значи надградбта на системот?

Надградбата на системот за мониторинг не само што ќе доведе до посеопфатно разбирање на загадувачите и нивните извори, туку и ќе ја донесе нацијата чекор поблиску до иднина со почист воздух.

Опасноста од дишењето на елементарниот јаглерод (саѓи) е застрашувачка. Вдишувањето на микроскопските честички може да доведе до белодробни заболувања, да предизвика иритација, не само во белите дробови, туку и во очите, носот и грлото. Долготрајната изложеност може да доведе до таложење на саѓите длабоко во белите дробови.

За да се реши овој итен проблем, неопходни се системи за следење за мерење на нивоата на саѓи во воздухот. Овие системи можат да бидат во форма на мобилни станици, сензори поставени на мониторинг станици или хибридна мрежа. Собраните податоци се од витално значење за разбирање на степенот на проблемот и изнаоѓање решенија.

Меѓутоа, за да може системот за следење да биде ефективен, тој мора да биде добро опремен и правилно одржуван. Потребните инструменти се скапи и бараат специјализиран персонал за оптимално да функционираат. За жал, недостигаат и средства и стручен кадар кој ќе биде посветен на ова суштинско прашање.

Како што објаснува професорот Мираковски, иако неодамна имаше подобрувања на Државниот автоматски мониторинг и обновувања на инструментите, сè уште имаме големи празнини во покриеноста на податоците поради проблемите со одржувањето, што го отежнува оценувањето на квалитетот на воздухот во дадена област.

„За жал мислам дека релативно мал број персонал има и Министерството за животна средина и просторно планирање, но има и мал број на научно-истражувачки групи кои се занимаваат сериозно со оваа проблематика“, вели Мираковски.

Луѓето уживаат во сончевиот ден на планината кај селото Кучково, над главниот град покриен со смог и загадување Скопје, Република Северна Македонија, 02 јануари 2023 година.

Овој недостаток на квалитетни информации за аерозагадувањето создава амбиент каде што политичарите можат да изнесуваат дискутабилни тврдења за состојбата на воздухот, во зависност од тоа дали се на власт или во опозиција.

Надградбата на системот за мониторинг до модерни, добро опремени и добро екипирани станици ќе бара значителни инвестиции, но тоа е неопходен чекор во обезбедувањето на здравјето и благосостојбата на луѓето.

Продолжува несигурноста и сомнежите

Засега, освен официјалниот, имаме и паралелен систем на неофицијални мерачи и мерни станици во кои граѓаните некогаш имаат и повеќе доверба.

Така среде несигурноста и недоверба во официјалните податоци, ова создава изобилство на сомнежи и прашања за изворите на загадување: дали е тоа резултат на индустриските емисии, начините на загревање во домаќинствата или од сообраќајот, дали пак, тоа се должи на употребата на алтернативни горива во домаќинствата наместо скапото огревно дрво?

Овие несигурности само го продолжуваат проблемот со загадувањето на воздухот и неговите разорни ефекти врз здравјето и благосостојбата на населението.

Императив е да се воспостави унифициран и точен систем на мониторинг и мерење, за да се осигури дека јавноста е информирана и заштитена од штетните ефекти на загадувањето на воздухот.

Оваа содржина ја изработи Радио Слободна Европа во соработка со онлајн платформата Само прашај (www.samoprasaj.mk) на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот „Употреба на новинарство, засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформации во медиумскиот простор во Северна Македонија (Користи факти), што го финансира Британската амбасада во Скопје.