Спироски - Вакцината против ковид е ефикасна, но не може да се споредува со другите вакцини

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Спироски - Потребно е системски да се поттикне дарувањето на органи

Вакцината против ковид-19 е ефикасна и е добро направена за вакви услови, но таа не може да биде споредена со ефикасноста на другите вакцини произведени во претходниот период на попрецизен и поконтролиран начин и тоа е основна дилема, вели во интервју за РСЕ, доктор Мирко Спироски, имунолог, основач и прв директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика.

Господине Спироски, вие сте имунолог долги години. Една од најголемите достигнувања на имунологијата е развојот на вакцините против разни болести како дифтерија, грип, сипаници, туберколоза и слично. Како гледате на контроверзиите околу актуелната имунизација против ковид-19?

Развојот на вакцините против ковид-19, за жал, беше диктирано да биде развојот брз и што побрзо да бидат достапни за вакцинација на човештвото. Тој основен постулат принуди големите произведувачи на вакцини кои се бават со тоа долги години да мора да направат поинаков, побрз, поефикасен и регулаторно поскратен систем, тоа е основната причина што овие вакцини против ковид-19 беа произведени и пласирани и применети на една пократка постапка од вообичаеното тестирање на вакцините во претходниот период на човештвото. Значи, ова е за првпат такво нешто да се случи. Се разбира дека принудата беше поради големата брзина на ширење на ковид-19, поради огромниот број на заболени, поради компликациите и големата смртност итн. Јас мислам дека оваа вакцина е ефикасна и е добро направена за вакви услови, но таа не може да биде споредена со ефикасноста на другите вакцини произведени во претходниот период на попрецизен и поконтролиран начин и тоа е основна дилема.

Ковид-пандемијата трае веќе две години, дали сметате дека епидемиолозите веќе точно разбираат како оваа болест го напаѓа човекот и како може да се превенира?

Прво, имуниот систем е комплексен механизам и тој подразбира две раце, едната е имуниот систем во телесните течности, го викаме хуморален имунитет и другата е клетките што се борат со своите имунолошки механизми против надворешните штетни влијанија. Вирусите по правило во имуниот систем напаѓаат, односно организмот се брани преку клеточниот имунитет. Испитувањата кои досега се правени, за овие две години, главно се правени врз хуморалниот имунитет, значи оној којшто е помалку битен, којшто е заедно во соработка со клеточниот имунитет, меѓутоа не е доминантен и не е пресуден. И поради тоа многу дилеми има: мерењата на противтела кон ковид-19, висината на тие противтела, различноста на класите кои нив ги предизвикуваат, имуноглобулин M, имуноглобулин G, имуноглобулин А, сето тоа е проучено во релативно добра мерка до денес, меѓутоа клеточниот имунитет и соработката на клеточниот имунитет со хуморалниот имунитет сè уште во научната имунолошка литература не се конeчно разјаснети и утврдени, ќе треба уште време за да се направи тоа. Најнепознато е како генетските механизми, вродениот систем, она што го носиме со себе има влијание врз тоа дали некој ќе заболи, колку некој ќе заболи, дали некој лесно ќе помине, дали некој потешко, дали од двајца браќа и двајцата ќе заболат или едниот ќе заболи, другиот не, итн. за што ќе почекаме најверојатно малку подолго време.

Видете и ова: Дарувањето органи за некого значи живот, државата треба повеќе да го афирмира

Како ја оценувате подготвеноста за донирање на луѓето во Македонија на органи, на коскена срцевина и слично?

Кај нас состојбата е многу лоша или како би рекол, не е афирмирано дарителството во соодветна мерка, меѓутоа дарителството на крв од друга страна е извонредно добро афирмирано, долготрајно е присутно и многу ефикасно и ги покрива сите потреби од крв во нашата држава. Според тоа, дарителството постои како облик и како чувство за одговорност за учество во него. Наспроти тоа, дарителството за солидни органи, коешто е многу покомплицирано и по начин на изведување, но и по начин на убедување на луѓето и по начин на организација подолго време не беше афирмирано, сè до минатата година кога во нашата држава е направен крупен исчекор и кога се направени над пет трансплантации на срце, повеќе на бубрези, на коски итн., значи не е тоа дека луѓето не сакаат или немаат спремност тоа да го направат, туку нашата држава нема спремност да поттикне и да направи убедување и организациска поставка на солидни органи и ткива. Третиот дел од дарувањето, дарување на матични клетки, односно срцевина е исто така присутен, меѓутоа во многу помала мера од надвор и имаме многу мала ефикасност на тоа дарување, односно од дарителите кои се согласиле да даруваат многу мал број биле избрани за потенцијални дарители, тоа е бројка од два, три дарители не повеќе. Тоа е исто така, затоа што во овој дел не постои програма за поттикнување на дарувањето на срцевина, односно на матични клетки. Нешто се подобри пред две години кога во Министерството за здравство направија програма за поттикнување, а нашата Фондација минатата година доби проект од невладината организација Цивика Мобилитас од каде што се финансира нашето учество во поттикнување на свеста и спремноста за дарување на срцевина, односно матични клетки. Во тој склоп е и нашата активност од минатата година и ќе трае до половината на идната година.

Каква е улогата на Научната фондација во дарувањето на коскена срцевина?

Улогата е практично комплетна, но зафаќа само еден дел од општеството, а тоа е невладиниот сектор. Во владиниот сектор постои дарителски регистар, на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, но во невладиниот, овој е прв и засега единствен. Разликата меѓу државниот и невладиниот дарителски регистар е огромна, односно во државните регистри државата, со целиот свој капацитет, простор, вработени, хемикалии, финансирање преку Фондот, поттикнување итн. ја покрива целокупната активност, а во невладиниот сектор нема никакво такво финансиско влијание, односно тука невладините организации и фондациите учествуваат во целосно покривање на трошоците.

Каков е процесот низ кој луѓето треба да поминат за да донираат коскена срцевина?

Треба да се пријават тие што сакаат. Кај тоа се прави преку веб-сајтот на нашата Фондација и откако ќе се пријават, од кај нас добиваат еден комплет, коверт во којшто постои упатство, во којшто постојат сите материјали и после тоа со тој комплет сами може дарителите да земат примерок од образ, односно брис од образ, да го внесат во коверт и да го пратат до нашата фондација. Од нашата Фондација, овие коверти се праќаат во Америка за тестирање на генетскиот состав на потенцијалниот дарител во акредитирана лабораторија и резултатите се враќаат кај нас во фондацијата. Од нашата Фондација овие резултати потоа се внесуваат во специјализиран софтвер за дарителски регистри и преку него се внесуваат во базата на податоци на Светската асоцијација за дарителски регистри. На тој начин, секој којшто сакал да биде потенцијален дарител, со завршување на оваа постапка, може да биде на располагање во цел свет на кој било ако му е потребна трансплантација на коскена срцевина.

Колку болести може да се третираат со трансплантација на коскена срцевина?

Најчесто и најмногу коскената трансплантација се врши кај малигните заболувања на крвта, кај нас меѓу народот познати како леукемии. Освен тие, можно е да се употребат за уште неколку други заболувања во коишто трансплантацијата на коскената срцевина може да помогне, но во сите овие случаи, би сакал да напоменам, пациентите на коишто им е трансплантирана коскена срцевина конечно се излекувани и цел живот всушност немаат потреба од дополнителни лекување освен од одржување.