„Ве молам. Билатералните прашања да се решаваат билатерално, без блокирање на напредокот на целата Европска унија. Да размислиме стратегиски и да сфатиме: треба да ги исполниме нашите обврски кон Албанија и Северна Македонија СЕГА и плус немаме интерес да оставиме стратегиски вакуум таму. Благодарам“.
Овој краток твит на германскиот министер за Европа Михаил Рот кој заедно со своите колеги од 27 земји членки на ЕУ се состанаа на Советот за општи работи на ЕУ ја навести атмосферата зад затворени врати во Луксембург. На состанокот, последен за време на шестмесечното претседавање со унијата на Португалија, Бугарија како што и најави минатата недела остана на истата позиција дека не се исполнети нивните барања за преговарачката рамка меѓу С.Македонија и ЕУ и не се исполнети условите за одржување на првата меѓувладина конференција.
Видете и ова: БНР: Не се очекува промена на позицијата на СофијаВо Скопје таквиот развој на настаните поврзани со европскиот напредок на земјава го коментираше шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
„Точно е. Првичните информации кои доаѓаат од Луксембург се дека Република Бугарија смета дека не е спремна да даде зелено светло за преговарачката рамка и за одржување на меѓувладината конференција. Но истовремено, информациите се дека гласни се ставовите на 26 земји членки кои сметаат дека тоа е сосема неоправдано и дека Р.С Македонија одамна ги има исполнето условите“, рече Османи.
Тој сепак спомена и теоретска можност на 24 и 25 на Самитот на лидери, ако се земела предвид политичката ситуација во Бугарија.
Единствено претседателот на државата има целосен политички мандат, додаде Османи нагласувајќи дека тоа е можност и да се повлече ветото.
Османи самиот последниве денови неколкупати се виде со бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев.
Патоказот и зошто не е прифатлив-непознато
Двајцата беа дел од државните делегации предводени од премиерите на двете земји Зоран Заев и Стефан Јанев, кои се сретнаа минатата недела во бугарскиот главен град. Македонската страна тогаш достави патоказ, бугарската вети дека ќе го разгледа, но и од двете страни денови подоцна нема информација- што точно бил патоказот кој го предложила македонската страна, ниту пак што е неприфатливо од него за Бугарија.
„Прашувате зошто не зборуваме јавно за тие идеи, затоа што се се уште идеи, но бидете сигурни дека ако има најмала индикација дека која било идеја може да прерасне во основа за надминување на разликите јавноста ќе биде информирана пред ние да заземеме каков било став. Прашањето за македонскиот јазик го третира португалскиот предлог и таму има предлог и за разликите кои што постојат во однос на јазикот во текстот на преговарачката рамка и ние сметаме дека тој предлог е добра основа за решение“, рече Османи.
Прашањата поврзани со македонскиот јазик кој официјалната политика на Софија смета дела е само норма на бугарскиот јазик, викендов ја разбрануваа јавноста откако некои бугарски медиуми објавија предлогот на Заев бил „дека Бугарите и Македонците зборуваат ист јазик, но и различни, кои се светски признати одделно“. Ова го демантираше македонската влада со тврдењето дека јазикот и идентитетот не се предмет на преговори, а дека во Софија немало формулации за решенија.
Португалскиот предлог кој сега Османи споменува дека го третирал прашањето за јазикот официјално не е објавен, но според она што го објави бугарската агенција БГНЕС која што тврди дека го има решението кое што се нуди Македонија „да признае, дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година“.
Следна шанса- словенечкото претседателство
Инаку седницата на Советот за општи работи е последна на португалското претседателство со Европската унија. Таа не се дочека со големи очекувања за македонскиот пробив во европските интеграции, закочени од лани поради блокадата од Бугарија. Софија ги потопи и малите надежи уште минатата недела, кога ден пред посетата на премиерот Зоран Заев на бугарскиот главен град соопшти дека нема промена во нивната позиција.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија на состанокот во Луксембург за последен пат за време на шестмесечното претседавање со унијата на Португалија расправаат за, како што е наведено во нивната агенда- проширувањето и процесот на Стабилизација и асоцијација пред меѓувладините конференции со Србија и Црна Гора, владеењето на правото во Полска, вредностите на ЕУ ви Унгарија и други теми.
По Португалија од први јули до крајот на годинава со унијата ќе претседава Словенија. Toa ќе биде трето претседателство со унијата кое, според сегашните најави од Љубљана, ќе се обиде да бара решение меѓу Македонија и Бугарија. Источниот сосед одлучи да ја блокира земјава лани, со тврдење дека не се исполнува Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, а со забелешки поврзани со историјата. Тогаш со унијата престедаваше Германија чиј министер за Европа Михаил Рот беше ангажиран во наоѓањето решение. Потоа претседавањето го презема Португалија. Минатиот месец еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва во Скопје и Софија доставија предлог врз чија основа се правеше обид да се дојде до решение со кое ќе се деблокираат македонските европски интеграции.
Во меѓувреме Бугарија повторно влегува во предизборен период за изборите што треба да се одржат на 11 јули. Претходните не донесоа јасен резултат за формирање влада, па земјата сега ја води таканаречена службена влада.