Листата надворешни соработници на премиерот Зоран Заев по таканаречената „метла“ во редовите на власта сега брои 33 имиња, меѓу кои и Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС). Хонорарите се движат од околу 500 до 1500 евра. Вкупно на месечно ниво се издвојуваат по 23 илјади евра. На неа нема нови лица, туку се избришани 8 соработници. Мерсел Биљали, Ванчо Узунов, Фатмир Бесими, Ѓорѓи Калајџиев, како и Александар Спасов, Џабир Доко, Ерик Едвадр Брнс и Петару Пулер повеќе нема да го советуваат премиерот.
ИФИМЕС се испостави дека е старо-ново име, односно премиерот Зоран Заев го ангажирал од почетокот на својот мандат, иако тоа досега не беше обелоденето во јавноста.
Најновата листа на надворешни соработници покажува дека ИФИМЕС всушност е дел од ова друштво од 14 јуни 2017 година. Тоа неодамна го потврди и Заев по повеќе од две години од ангажирањето на институтот.
„ИФИМЕС е ангажиран од почетокот на мојот мандат. Не е нешто ново. Господинот Зијад Беќировиќ е платен 0 денари. Про боно е ангажиран како советник. ИФИМЕС е ангажиран за 1000 евра месечно. ИФИМЕС е познат институт на регионално ниво и доста кредибилен институт“, рече Заев.
Видете и ова: Кои се луѓето на премиерската соработничка листа?
Но, пред една година кога РСЕ ја побара листата на надворешни советници на неа не фигурираше ИФИМЕС. На неа беа само имиња кои се поврзуваат со институтот на кој досега му се исплатени вкупно 26 илјади евра, а договорот е склучен до јуни, наредната година. До тогаш ИФИМЕС ќе наплати уште 10 илјади евра. Од Владата велат дека ИФИМЕС не бил вклучен на листата бидејќи се работи за тинк-тенк организација.
„Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии“ (ИФИМЕС) не е физичко лице, туку тинк-тенк организација, затоа во прво време не беше вброен со соработниците кои се физички лица. Подоцна одлучивме и овој Институт да биде ставен на листата на надворешни соработници, со цел да не правиме посебна категоризација при објавувањето. Не постои друга причина зошто претходно не се нашол на листата, редовно ги објавуваме сите јавни податоци“, велат од Владата.
Директорот на ИФИМЕС, Зијад Беќировиќ е ангажиран за економски прашања за соработка на Македонија со земјите од Југоисточна Европа, како и неговиот колега Алаф Бакхатирај, кој ,исто така, не ги наплаќа своите услуги. Надворешен соработник е и Владо Димовски со 1000 евра месечно за неговиот ангажман за економски прашања. Димовски е дел од одделот за економија и бизнис студии на ИФИМЕС.
Институтот е ангажиран за собирање и обработка на различни извори на информации за клучните прашања од областа на конфликтите во светот од верска, етничка, национална и расна основа.
„Јас верувам во еден таков институт, заради тоа што навистина помага и за регионалната соработка. Тој е за блиско источна политика. Еден од таргетите на нашата земја е освојување на токму на тие пазари. Градење на пријателства токму тие пазари каде што не сме присутни и се помага многу во тој дел“, смета Заев.
ИФИМЕС стана познат во јавноста по објавата на анализата „Косово-Албанија-Северна Македонија: Во исчекување на колапсот на поврзаниот режим Тачи-Рама. Претходно институтот објави и анкета за евентуалната излезност на референдумот за промена на името со предвидувања дека таа ќе биде над 63 отсто на гласови. Во 2017 година пак ИФИМЕС и додели награда и на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
На 11 имиња на листата на кои договорот за соработка им завршил во јуни, истиот им е продолжен до наредната година. На речиси сите останати надворешни соработници пак договорот им истекува на 31 декември. Околу 23 илјади евра месечно чинат надворешните соработници.
Странските советници се најплатени. Најголем месечен надоместок од 1500 евра и натаму зема Зоран Башановиќ. За двеста евра помали месечни примања зад него е Алиса Дограмаџиева Живановиќ, а по 1200 евра им се исплаќаат на Владимир Цветковиќ, Љубомир Шубара и Александар Обрадовиќ.
Од домашните советници со најголем хонорар од 1200 евра може да се пофали Љупчо Зафировски, кој работи на процесот на интегрирање во ЕУ, потоа Димовски со 1000 евра. По нив следи Спасе Додевски со примања од 60 илјади денари, а 10 илјади денари помалку зема Александар Ружин. За 12 од надворешните соработници се издвојуваат по околу 650 евра месечно. Осум од нив добиваат по речиси 500 евра. Само Митко Андреевски го советува премиерот бесплатно.