Случајот со тендерот за ископ на јаловина во РЕК Битола отвора сомнеж за две кривични дела. Првото наводно кривично дело е дека фирмата Рубитон која го добила тендерот, според пријавата до обвинителството која ја објави ВМРО-ДПМНЕ, била предмет на изнуда од 250 илјади евра и на крајот и бил раскинат договорот и претрпела штета. Второто дело се однесува на обвинувањата од опозициската партија дека пријавата која ја поднела Рубитон била фалсификувана во обвинителството со цел да се тргне името на Вице Н., кој наводно е братот на премиерот Зоран Заев.
Најпрвин пријавата до полицијата ја поднеле сопствениците на Рубитон, од кои како што било посочено директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски сакал да изнуди пари и дел од работата да ја преземе фирмата СВ Инвест на Стојан Чифлигароски. Откако сопствениците не прифатиле, Рубитон ја загубила работата поради неспроведување на договорот и претрпела штета од 30 милиони денари. Потоа ископот на јаловина започнала да го врши СВ Инвест.
Во меѓувреме Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски изјави дека СВ Инвест, која, според партијата важи за блиска до семејството Заеви, на 22 март годинава започнала постапка за стечај.
„Фирма која од година во година и растел профитот по 50, 100 и 200 проценти, и во 2019 година заработила 2,5 милиони евра оданочени, отпочнала стечајна постапка за неизмирено побарување од нешто над 250 000 евра“, рече тој.
Според него, очигледно е дека оваа фирма сакаат свесно да ја затворат сите инволвирани во криминалот и да ја стават во стечај за да не ги поврзува ништо.
„Да потсетиме, Столе Чифлигароски, сопственикот на ’СВ инвест‘, и индиректно Вице Заев, преку ’СВ инвест‘ се обидоа да изнудат тендер, без да исполнуваат услови за да го добијат тендерот, од фирма која си го добила на јавен повик во РЕК ‘Битола’ и притоа да ѝ направат штета на компанијата на која ѝ го изнудиле тендерот од нешто повеќе од над половина милион евра. Дополнително, истите тие луѓе барале 250 000 евра рекет во кеш од сопствениците на компанијата за да ги однесат во Струмица“, рече Арсовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека поранешниот полициски началник Лазе Велковски, и обвинителката Вилма Рускоска сокриле детали од пријавата кои се однесуваат на лицето Вице Н. Обвинувањата ги демантираше Вице Заев.
ОД СДСМ реагираа дека пријавите до Обвинителството за аферата „Рубитон“ се потпишани од началник близок до ВМРО-ДПМНЕ и од поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Од владејачката партија порачаа и дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести и конструира непостоечки скандали.
Случајот со тендерот сопствениците на Рубитон го пријавиле во февруари, минатата година. Од фирмата велат дека не сакаат да го коментираат, бидејќи за него се води постапка во надлежните институции.
Кога се работи за вакви случаи, поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев вели дека надлежните институции треба брзо да си ја завршат својата работа.
„Кога институциите не постапуваат по одредени кривични дела од областа на корупцијата или било кои други кривични дела тоа само по себе предизвикува зголемување на обемот на препукувањата, односно префрлувањата меѓу власта и опозицијата. Мое лично мислење е дека институциите тоа мора да го сработат во најбрз можен рок, зависно од случајот, дали се потребни одредени анализи и итн. Само така ќе спречат препукувањето да биде сериозно меѓу партиите на власт и партиите во опозиција“, вели Илиев.
Претходно АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола исто така ги демантираа обвинувањата.
„Како што сме известиле во повеќе наврати во врска со овие неосновани и тенденциозни напади врз комбинатот и компанијата, договорот со фирмата Рубитон која ископуваше јаловина (земја) во рудникот Суводол, е раскинат од страна на РЕК Битола на 07.11.2018 од причини што Рубитон не го вршеше ископот со динамика и количини предвидени во договорот, за што постојат записници и други релевантни документи од стручните служби на РЕК Битола“, се наведува во рекацијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме до обвинителството ги доставија доказите за фалсификувањето на пријавата на Рубитон. Потпретседателот на партијата, Александар Николовски на пресконференција изјави дека информациите и доказите за РЕК Битола ги добиле од високопозициониран член на владејачката СДСМ.