Во знакот на омикрон и со повеќе отсуства меѓу учениците и наставниците почна второто полугодие од пандемиската 2021/2022 година. Еднаш веќе беше одложено за две седмици поради брзото ширење на КОВИД-19. А како наближуваше 1 февруари, се погласни стануваа барањата за ново одложување или префрлање на наставата онлајн, за да се намали ризикот од ширење на вирусот во училниците. Сепак, Комисијата за заразни болести остана на препораката и ова полугодие да почне со физичко присуство, Владата прифати, па денеска учениците тргнаа на настава.
Присуство и отсуство
Ова полугодие за матурантката Ева Стојанова, од велешката гимназија „Кочо Рацин“ почна со губење на првиот час бидејќи една професорка заминала во пензија. Конкретно во нејзиниот клас вели дека нема отсуства меѓу учениците, но забележува дека поради ковид бранот не е мал бројот на познаници кои се во изолација. Позитивното искуство кое го имале во првото полугодие и малиот број заразени меѓу учениците, смета дека е најдобро кога наставата се одвива во училница со физичко присуство.
„Наставата започна исто како и во првото полугодие, значи според протоколите коишто важеа и тогаш. На влезот ни мереа температура, ни дадоа средство за дезинфекција, во училниците седиме по еден на клупа и во врска со отсуствата, конкретно во мојот клас нема ниту еден ученик во самоизолација, а еве како што гледам и во другите класови има доволен број ученици, така што мислам дека бројот на ученици во изолација е мал“, вели матурантката.
Под ковид протоколи утрово започна наставата и во скопското средно училиште СГГС „Здравко Цветковски“. Директорката Атина Томовска забележува дека во првата смена не отсуствувале голем број ученици поради ковид-19. Сепак, она што ја загрижува е отсуството на многу наставници.
„Повеќе од 10 наставници се пријавени со решение за изолација бидејќи се ковид позитивни. Се снаоѓаме, имаме замена на часови итн, меѓутоа, не знам како ќе биде. Како за прв ден тече (наставата), вчерашниот ден колегите не известија и ние направивме организација на настава. Е сега, ако не дај боже се зголемуваат бројките ќе биде потешко за организација“, вели Томовска.
Онлајн за изолирани ученици
Ирина Николоска, педагог во основното училиште „Ѓоргија Пулевски“ вели дека утрово кај нив полугодието почнало под ковид протоколи, со носење маски, но петнаесетина ученици се во изолација, и уште четириесетина кои настава следат онлајн.
„Во моментов, на целодневна настава се учениците од прво до трето одделение и предметна настава од шесто до деветто. Од податоци за присутни, од 711 ученици имаме 15 ученика кои се во изолација и 36 отсутни ученици. Имаме досега пријавено само двајца ученици кои се позитивни на ковид и поради тоа следат настава на далечина. И во моментов имаме 34 ученика кои следат настава на далечина“, вели Николоска.
Вели дека нема зголемен интерес за онлајн настава, па ако во првото полугодие вака учеле четириесетина ученици, сега интерес за префрлање онлајн изразиле уште две деца. Она што им е дополнителен предизвик во организирање на наставата во моментов, се наставниците во изолација.
„Имаме позитивни наставници, во моментов се четворица наставници кои не го започнаа второто полугодие, баш од вчера, за жал, позитивни на КОВИД, докажан ПЦР тест. Тука ќе има потешкотии, меѓутоа мора да се организираме во однос на наставата“, додава таа.
Како што е наведено во планот за настава за оваа учебна година, за учениците кои се позитивни на Ковид 19 или се во самоизолација, наставата може да се реализира преку учење од далечина. Учениците тогаш треба да се вклучуваат на час во исто време додека наставникот им предава на учениците кои следат настава со физичко присуство.
Како што информираат од Министерството за образование и наука, и ова полугодие ќе им се дозволи на учениците да следат настава онлајн, доколку тоа е побарано, од медицински или други причини, со дозвола на училиштето.
„Медицинска причина се докажува со достава на медицинска документација од овластена здравствена установа. Додека пак, немедицинска е секоја причина која не произлегува од одредена хронична болест на ученикот или член во семејството, атипичен развој на ученикот и слично, но сепак иницира оправданост за да може ученикот да не посетува настава со физичко присуство во училница како би се намалиле евентуалните ризици од дополнителни компликации на состојбата. Во вакви ситуации, учениците односно нивните родители/старатели преку непосреден контакт со наставниците и раководството на училиштето носат заедничка одлука за вклученост на ученикот во наставата преку друга форма“, посочуваат од МОН.
Велат дека од она што го имаат како информација од првото полугодие, наставата на далечина била успешно организирана. Доколку ова право пак му е ускратено на некој ученик, потсетуваат дека родителите/старателите можат да достават претставка до Државниот просветен инспекторат.
Почетен дополнителен немир
Почетокот на новото полугодие внесе дополнителен немир кај многу родители. Новиот бран новозаразени ја натера Мими Кимовска Христов, својата ќерка да ја префрли да учи онлајн ова полугодие. Вели дека има среќа што нејзиното дете оди во приватна гимназија, па во ниту еден момент немале потреба да се докажуваат зошто е таква нивната одлука. Сепак, како педијатар, но и дел од групата „Поддршка на онлајн настава“ забележува дека дел од родителите треба да се борат за ова право. За својата одлука вели дека е издржана, со оглед на бројките, но и тоа што во моментов се присутни два соја на вирусот, и омикрон и делта.
„Сметам дека во ваков пик којшто го доживува Македонија во моментов, апсолутно е неоправдано физичко присуство на децата. Омикронот е многу поинфективен за децата во однос на делтата, и ги напаѓа токму децата затоа што се размножува во горните дишни патишта“, предупредува таа и додава дека дополнителен проблем е што никој не знае дали, како и во која насока ќе мутира омикрон.
Токму поради овие ризици, иако нејзиното дете е вакцинирано, и како родител и како педијатар одлучила да не го пушти на училиште додека трае пикот на пандемијата.
Видете и ова: Ќе го одложи ли ширењето на омикронот одложувањето на второто полугодие?„Значи ние не знаеме што е со омикрон и затоа велиме да не го потценуваме. Јас сметам дека во периодот сега треба децата да следат онлајн две недели, па да се процени епидемиолошката состојба, уште две недели да се продолжи, значи на две недели да се проценува и да се следи. Како ќе оди состојбата, како ќе се смирува бранот, под 10% позитивни случаи и се намали смртноста, тогаш да се почне со настава и со физичко присуство“, препорачува Кимовска Христов.
Во вакви услови, додава, пожелно е државата да издвои средства и да ги тестира сите деца барем еднаш неделно. За маските пак смета дека треба да бидат задолжителни, но препораката и е децата да не носат КН95 туку обични, трислојни хируршки маски.
Со последното не се догласува Трајче Петковски, чие дете оди во второ одделение. За него е несфатливо тоа што толку мали деца со часови треба да следат настава под маски. Затоа дел од родителите се организираа во група „Стоп за носењето маски во училиштата“. Во ова полугодие, вели дека целото одделение пробале да се изборат за тоа децата на час да седат без маски.
„Стојам позади тоа дека децата треба да одат без маски. Ние веќе го известивме училиштето дека ќе посетуваме настава без маски. Тоа не важи за движењето низ ходници каде што нели, има родители коишто не сакаат едноставно нивните деца да се мешаат со други без маски, но во рамките на нашиот клас е 100% согласност сите да почнат без маски на училиште“, вели Петковски.
Тој додава дека ако не им биде усвоено ова барање иако го потпишале родителите на сите 26 ученици во класот, неговото дете наставата ќе ја следи онлајн.
„Од две зла, ќе го одбереме помалото“, вели Петковски, кој додава дека сепак не е поборник за онлајн наставата.
Според протоколите за настава, и во основните и во средните училишта, стои дека влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитнa маскa. За време на големиот одмор носењето на маски на отворен простор не е задолжително, но со почитување на потребното растојание меѓу учениците, предвидува протоколот.
Исто така, задолжително е мерење температура со бесконтактен топломер и дезинфекција на влез во училиштето, како за наставниците, така и за учениците. Предвидени се посебни одредби за одржувањето на хигиената, а се споменува и проветрувањето, кое е задолжително после секој наставен час, како и најмалку половина час пред пристигнувањето и по заминувањето на учениците. Доколку дозволуваат временските услови, уште стои и дека е пожелно е да се остави отворен прозорец за време на наставниот час.
Алтернативни сценарија според епидемиолошката состојба
Доколку дојде до влошување на епидемиолошката состојба, од МОН велат дека остануваат како алтернатива уште две сценарија: преминување на целосно онлајн настава или примена на комбиниран модел. Ова додаваат може да се случи ако такви насоки даде Комисијата за заразни болести и доколку такви заклучоци произлезат од скринингот кој ќе го спроведува Министерството за здравство на ученици одбрани по случаен избор.
„Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент. Епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние и ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки“, изјави министерот за здравство Беким Сали неколку дена пред почетокот на полугодието.
Видете и ова: Онлајн, офлајн или со одложување - како да почне второто полугодие?Од СОНК претходно побараа да се преиспита одлуката за физичко присуство и побараа да се започне со онлајн настава во првите две недели поради пикот новозаразени. И од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ побараа од Владата и Комисијата за заразни болести преиспитување на одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство на учениците, и онлајн да се учи барем во следните две недели.
Наставата во училиштата беше целосно прекината во март, 2020 година, со проширувањето на новиот коронавирус во земјава, по што беше воведена настава на далечина, онлајн или со следење на телевизија, до крајот на учебната година. Минатата учебна 2020/2021 година започна со задоцнување од еден месец, на 1 октомври. Тогаш само најмалите ученици добија можност за следење настава во училница, додека останатите главно учеа од дома. Дури оваа учебна година најголем дел од учениците беа вратени во училишните клупи, под ковид протоколи за држење настава.
Според анализата на УНИЦЕФ, од почетокот на пандемијата најголем дел од македонските ученици минаа 54 седмици во учење онлајн. Тоа, укажуваат, е многу подолг период од просекот на другите земји во Европа и Централна Азија којшто изнесува 25 седмици.