Секој треба да тргне од себе. Да се возиме со автобуси, да возиме велосипеди, ако видиме ѓубре, треба да го кренеме, да садиме дрвца, да ги користиме камерите за да „ловиме“ загадување – ова се дел од пораките што младите ги испратија на последниот мастер клас на младинскиот филмски фестивал „Џифони“.
Тема на годинешниот фестивал беше „Воздух“, па затоа на последниот клас тие дискутираа заедно претставници од здружението „О2 иницијатива“. Добро информирани, стои во соопштението од организацијата, но и изреволтирани што возрасните и властите прават малку за Скопје и нашата земја да биде поубаво место за живеење, џифонци се вклучија активно во темата „Јас, обичниот граѓанин, во борба против аерозагадувањето“, низ која ги водеше Ели Пешева од „О2 иницијатива“. Таа им нагласи на младите дека треба да бидат иницијативни и да ги користат социјалните мрежи и медиумите за да се придонесе за покренување на еколошката свест.
Видете и ова: Седмо издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“
„Ние во здружението читаме закони, буџети, следиме резултати од апликации и од станици за мерење зашто добро информирани граѓани се, всушност, вклучени ангажирани граѓани. Владата има 18 официјални мерни станици, а 14 од нив не работат. Ветија дека ќе ги поправат до крајот на годината, но ете сѐ уште не работат. Ние соработуваме со pulse.eco и укажуваме на местата каде што има опасност од загадување. Нашата идеја е да ја збогатиме оваа мрежа, да имаме 100 различни места во Скопје, но и во другите градови што се позагадени. Сакаме да имаме и мобилен систем за мерење“, истакна Пешева.
Некои млади истакнаа дека им фалат информации, но и дека многу не веруваат дека со протести може да се влијае врз јавното мислење и врз властите.
„Протестите не придонесуваат многу. Вистинските акции се ефективни. Се обидуваме да влеземе во европското семејство, а ние сме најзагадениот град во Европа. Па тие би се срамеле од нас. Едвај чекам да наполнам 18 години и да почнам да возам автомобил и да не се возам со автобус. Луѓето не се грижат за другите. Внатре смрди, надвор смрди. Во Аеродром имаме многу зелени места. Ми го зедоа маалото кај што пораснав - ливада кај „Мајчин дом“ и протестиравме за ништо“, вели револтираниот гимназијалец.
Учесничка од Хрватска пак го искритикува Скопје велејќи дека градот е многу нечист и му недостига зеленило и паркови.
„Прво нешто што забележав во Скопје е колку е нечисто. Не лутете ми се што ќе го кажам ова, многу ми е убава дружбата на „Џифони“. Хрватска не е совршена, имаме толку многу проблеми, што не сакам да почнам да зборувам. Но, Скопје нема зеленило, има премногу згради, нема паркови. Во Хрватска свеста е на малку повисоко ниво. На пример, во моето училиште престанаа да продаваат пластични цевчиња, и тоа е нешто. Можам само да ви кажам дека треба да ги користите вашите камери почесто. Снимајте, споделувајте. Така ќе привлечеме внимание“, вели младата хрватка.
Вечерва, со прикажување на сработените видеа од учесниците во 19 часот во кино „Милениум“, ќе се затвори фестивалот. Во изминатите шест дена повеќе од 600 деца и млади од 10 земји учествуваа на фестивалот „Џифони Македонија“.