Смртта на Јана со многу сомнежи и се уште без разврска

Илустрација - Клиничката болница во Битола

„Не веруваме во системот“, вели таткото на 6 годишната Јана која почина неколку часа откако била примена во битолската клиничка болница. И по една недела од смртта не се готови извештајите од обдукцијата и стручниот надзор.

Министерството за здравство и по една недела од смртта на девојчето, тврди дека се уште не се готови извештаите од обдукцијата и стручниот надзор. Родителите воопшто и не веруваат во системот, но велат одлучиле јавно да говорат за да не повторат вакви случаи.

Семејството, роднини, пријатели и револтирани граѓани под мотото „Правда за Јана“ денеска организираат протест во Битола на кој, како што велат, бараат да се дознае вистината од што почина шестгодишното девојче.

Организаторите на настанот во објавата на социјалните мрежи ги повикуваат граѓаните да се приклучат на протестот на кој како што се вели ќе порачаат дека е доста од нефункционалноста, партизацијата, лошите услови во здравствениот систем и префралњето на вината кај пациентите. Протест се најавува и во Скопје, пред Mинистерството за здравство.

Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаат дека девојчето не било соодветно третирано и велат дека и покрај покачениот шеќер во крвта, примало инфузија со гликоза по што шеќерот се покачил на 19.

Видете и ова: Почина шестгодишно девојче донесено на преглед во Битолската болница

Во интервју за ТВ Сител, Кристина и Стојче со потресно сведоштво раскажаа за денот кога ја изгубија нивната ќерка и голготата низ која минале.

„До влошување на ситуацијата на Јана дојде по истекување на половина од инфузијата. Дојде сестрата ја извадија инфузијата и Јана поврати обилно само вода и устата и посини. Тогаш докторката дојде со трчање и мереа шеќер кој беше 19,9“, изјави мајката на девојчето.

Како што објаснува мајката Кристина по ова Јана била преместена на одделението за полунитензивна нега на детското одделение.

„Прашував што е работата, а тие ме бркаа од внатре. Ми кажаа излезете од тука, работиме. Пациентот е во тешка состојба’. И правеа ЕКГ и и ставија уште една инфузија во прстот“, раскажа мајката.

Откако стигнале резултатите од крв земени венски докторката и кажала на Кристина дека се покачени мускулните ензими и дека мора да заминат итно за Скопје, бидејќи станувало збор за вирус кој можел да стигне до срцевиот мускул.

Во меѓувреме, како што раскажаа родителите девојчето веќе немало знаци на живот. Тие тврдат дека таа немала никакви заболувања претходно, но и дека некој од нив имал било какво заболување и се сомневаат на грешка во третманот.

Видете и ова: Чекајќи го лекот, почина еден од пациентите со цистична фиброза

Министерството за здравство уште го испитува случајот

Која е причината за смртта на Јана и дали имало пропусти во лекувањето треба да покажат обдукцискиот извештај и стручниот надзор. Но, и по една недела од смртта на девојчето овие извештаи не се готови. Министерството за здравство не прецизира колку време ќе им треба на комисиите да го затворат случајот.

Оттаму само кусо велат дека е формиран тим од детски ендокринолог, пулмолог, кардиолог, хематоонколог и анестезиолог кои го испитуваат случајот се веќе на терен. Тие треба да изготват извештај за текот на лекувањето на девојчето.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе ги чека податоците од извештаите, пред да се носат одлуки.

„Врз основа на нив ќе се утврди точната причина што се има случено. Јас не би можел да прејудицирам што точно се има случено, бидејќи пред се не сум медицинско лице. Меѓутоа, врз основа на сите факти ќе бидат носени одлуки во иднина, но прво да почекаме да бидат споделени фактите за точно што се има случено во битолската болница“, рече Ковачевски.

Заменик министерката за здравство, Маја Манолева вчера рече дека додека трае стручниот надзор, се уште се чека и извештајот од обдукцијата, по што може да се каже која била причината за смртта на девојчето.

„Завршен е вонредниот инспекциски надозр на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), во тек е стручен надзор кој го иницираше Министерството за здравство, а во меѓувреме се очекува и обдукциониот наод којшто треба да ја даде точната причина за смртниот исход на шестгодишното девојче. Согласно сите овие информации и по доставување на институциите дури тогаш можеме да кажеме за каква причина за смрт за шестгодишното девојче се работи“, рече заменик-министерката за здравство, Манолева.

Видете и ова: Манолева: Во тек е стручен надзор за смртта на шестгодишната Јана

ДЗСИ експресно утврди дека нема пропусти во рамки на нивните надлежности

Два дена по смртта на Јана, вонредна инспекција во болницата изврши државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ). Оттаму експресно соопштија дека не утврдиле никакви недостатоци во рамките на надлежностите кои тие ги имаат.

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат на ден 24.03.2023г изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола – одделение за педијатрија во врска со лекувањето и третманот на починатиот пациент Јана Христовска од с. Кравари-Битола, и согласно надлежностите изврши увид во медицинската евиденција и документација која се води на одделението во рачна и електронска форма како и обезбеди изјави на дел од здравствените работници кои учествувале во лекувањето и третманот на лицето. Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ.“, соопшти инспекторатот.

Видете и ова: Бавна правда за жените што останаа без органи

Ќе има ли одговори?

Случајот со Јана, во кој блиски на пациентите се сомневаат на грешки не е единствен, но многу вакви случаи со години чекаат на разврска и одговори и стојат во фиоките на министерството за здравство.

Ваквите постапки се долги и мачни, потврдуваат и граѓанските организации кои им даваат правна помош на пациентите кои имаат вакви проблеми. Вештачењата во вакви случаи траат предолго, а семејствата на починатите пациенти често пати остануваат без одговори.

Таткото на Јана вели дека нема верба во системот, ниту пак некакви очекувања за разврска, но одлучил јавно да говори за како што вели „да се спаси можеби нечиј друг живот“.

„Не веруваме во ништо, отстранета ни е душата. Ова го правиме бидејќи може ќе спасиме нечиј друг живот. Можеби Господ ја зеде Јаничка за други деца да преживеат“, рече таткото на Јана.