На ден пред истекот на законскиот рок од 15 дена, М-НАВ ѝ ја испратил документацијата за набавка на радарскиот систем на Антикорупциската комисија. Во јавноста излегоа обвинувања дека генералниот секретар на владата, Драги Рашковски, разговара за „местење“ на тендерот, по што антикорупционерите отворија постапка.
Видете и ова: ОЈО будно следи, но не отворило истрага за РашковскиВо текот на вчерашниот ден до Антикорупциската комисија не беше пристигната документацијата, без која не може да постапуваат по обвинувањата за местење на тендерот. На нашето прашање, кога планираат да ја достават документацијата, од М-НАВ ни одговорија синоќа после 21 часот дека веќе ја доставиле.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, вели дека барањето за документација до М-НАВ е испратено пред две недели, но додека не ги добијат тие податоци не можеле да почнат со обработка и истражување.
„Штом ќе ги добиеме, ќе почнеме со разгледување на истите и во зависност од тоа што ќе откриеме ќе донесеме соодветна одлука“, изјави Ивановска.
Поранешниот антикорупционер Ариф Муса вели дека доколку документацијата не беше доставена во законскиот рок, Антикорупционерите можеа да покренат прекршочна постапка.
„Предметот како предмет може да застане, да не оди напред, да не се истражува, поради недоставување на конкретна документација побарана од Антикорупциската комисија, меѓутоа имаат и друга алатка. Ако веќе се доцни повеќе, може да се покрене постапка против субјектот или против лицата кои не ја доставиле потребната документација“, изјави Муса.
Видете и ова: Заев – Рашковски не е боксерска вреќа, има право да се браниСпоред Законот за спречување на корупција и судир на интереси, ако институцијата не одговори за 15 дена на поднесеното барање, Антикорупциската комисија може да покрене прекршочна постапка.
Порталот Експрес пред скоро еден месец објави аудио снимка од разговор меѓу државни функционери, меѓу кои Рашковски, која наводно докажува местење на тендер за набавка на радарски систем финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Потоа, порталот Лидер објави уште еден разговор.
ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати го повикуваше Јавното обвинителство да постапува по шпекулациите за Рашковски, но сè уште нема информација дали и ОЈО го истражува овој случај. Пред околу две недели тие соопштија дека будно следат, но не отвориле истрага за Рашковски.
Тој, пак, тврди дека не се работи за местење, зашто тендерот е спроведен во време на претходната влада, туку за забрзување на испораката на радарскиот систем. Тој рече дека не планира да даде оставка, а премиерот Зоран Заев застана во негова одбрана. Заев рече дека ќе го разреши Рашковски ако има повреда на законот, но тоа треба да го утврди истрагата.
По скандалот со разговорите на Заев со „лажниот Порошенко“, Владата соопшти дека премиерот направил анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници и на дел од нив „ќе им се заблагодари за досегашната соработка“. Прашавме кои се тие лица, и дали Рашковски е меѓу нив, но во владата ни одговорија дека „во тек се завршните анализи и разговори кои ги спроведува премиерот Заев поврзано со ангажманите на советниците и надворешните соработници во Канцеларијата на премиерот“ и оти јавноста ќе биде известена кога информацијата ќе биде комплетна.