Кога пред две години затаи процесот на проширување на ЕУ со балканските земји, Анкара виде добра прилика и ги засука ракавите да ги одмери силите со Брисел. И додека Европа целото внимание го држеше насочено кон антизападните ветрови од Москва, не ни забележа дека Турција длабоко ѝ влезе во нејзината сфера на стратешки интерес и ги стави Македонија, БиХ, Косово, Србија... на бојното поле на кое се води економско-политичка борба за влијание на Балканот меѓу Унијата и тридецениескиот претендент за членство во неа. Токму на таа борба предупредуваат политичките аналитичари, нагласувајќи дека инвестициите не се „проблем за ЕУ“, туку тоа што со тие инвестиции Турција може да стекне политичко влијание поголемо од Брисел, кон кого се стреми Балканот. Уште повеќе што, како што велат политиколозите, во таа безмилосна и безобразна битка не е сама, туку ортакува со Русија.
Турската експанзија во регионот, како што оцени „Вашингтон пост“, доаѓа откако долготрајниот сон на Анкара за влез во Унијата станува се подалечен.
Милионите на Ердоган станаа милијарди
Окуражена од се посилното пријателство Ердоган – Путин, но и од милијардите што ги троши во регионот, Анкара стана силен политички играч на Балканот, вели американскиот професор по меѓународни односи Алон бен Меир.
„Трговијата меѓу Турција и Западен Балкан драматично се зголеми од 430 милиони долари во 2002 година на три милијарди долари во 2016 година. Тука е и турската агенција за развој ТИКА која реновираше стотици историски споменици во Косово, финансираше локални проекти и организираше големи настани за зајакнување на односите со Турција. Целта е оддалечување на Балканот од Запад, без разлика дали тоа е од економски, стратешки или хегемонистички причини“, вели професорот Бен Меир во својата најнова анализа.
Политичката сила на Турција на Балканот од геостратешки аспект ја анализираше и светската новинска агенција Ројтерс.
„Битката на ЕУ и Турција постојано се разгорува. Трговската размена меѓу Турција и шесте земји од Западен Балкан постојано се зголемува, а само во Србија во 2017 година биле отворени 20 турски погони. Некои Европејци се разочарани поради тоа што регионот може да потпадне под влијание на Турција, бидејќи таа и преку културните проекти ја јакне својата позиција“, објави Ројтерс, додавајќи дека Турција само во БиХ потрошила 300 милиони евра на различни проекти меѓу кои и реконструкција на џамии и споменици од отоманското време.
И не само разочарани, туку, како што коментира порталот „Политико“, европските созујници на Турција се и исплашени.
„Тие се плашат дека Турција ќе се стекне со политичко влијание на сметка на Брисел. Во текот на 15-годишното владеење на Ердоган, Турција вложи значителни напори и пари за стекнување на се поголема политичка, културна и економска позиција на Западниот Балкан, обезбеди помош, водеше големи инфраструиктурни проекти, отвори универзитети и обнови џамии, ги охрабри турските фирми да вложуваат во регионот и поттикна дијалог меѓу поделените заедници“, анализираше Политико во повеќе наврати и предупреди дека „додека Брисел повеќе се грижи поради улогата на Москва во Западен Балкан, Анкара го зголемува своето влијание на ова подрачје“.
Видете и ова: Источна тројка на Путин за поход на БалканотИ угледниот магазин „Економист“, во својата неодамнешна анализа на состојбите на Балканот, ја категоризира Турција во сериозните борци за влијание во овој регион, заедно со Русија и Кина.
Како пример дека покрај бизнисот има и многу политика, дел од експертите го посочуваат примерот кога по неуспешниот државен удар во Турција, македонско-турската стопанска комора ги прекина сите односи и соработка со Јахја Кемал, весникот Заман, Башак Турс, Кале керамика и со Шоу – хем од Гостуивар поради наводна поврзаност со политичкиот противник на Ердоган – Фетула Ѓулен.
Поблиску до Западот - помалку влијаие од Ердоган
Таа политика, според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, била некоректна кон Македонија и кон некои други држави од регионот.
„Во однос на Македонија и на целиот Балкан, турската надворешна политика последните години немаше баш коректен однос, и повеќе се однесуваше како кон подредени држави. Такви случаи имавме и во Косово и во Македонија кога инсистираа да се затворат школите на неговите политички противници, или како што Ердоган ги дефинира членови на терористичката организација на Фетула Ѓулен. Така што верувам дека тие притисоци ќе зајакнат, но мислам дека отворањето на евроатланските перспективи на Македонија сигурно дека ќе влијаат како одбранбен механизам од понатамошното зголемено влијание на Ердоган во Македонија“, вели Муслиу.
За турското влијание малку се зборува зошто Анкара е во НАТО
Јакуб Јанда, експерт од Институт за европски вредности од Прага, вели дека во јавноста мошне малку се зборува за турското влијание во Западен Балкан.
„Оваа тема тешко се отвара можеби затоа што Турција е дел од НАТО, но треба да се напомене дека влијанието што Анкара ги користи во ЕУ или на Балканот е целото пријателско“, изјави Јанда, посочувајќи дека турското непријателско влијание на Балканот е задоцнета тема која дури сега се отвара поради фактот што земјата е во НАТО.
„Се надевам дека Турција ќе остане таму, бидејќи не посакуваме непријателски расположена Турција надвор од НАТО и предводена од исламистичка диктатура“, изјави Јанда.
Турција е пријателска земја на Македонија
Сепак, голем дел од македонските бизнисмени и политичари велат дека Турција е пријател на Македонија и од економски и од политички аспект и дека целта на соработката на Македонија и Турција е развој на економијата за благосостојба на двете држави, без скриени намери.
Минатата недела претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, доделувајќи му „Повелба на Република Македонија“ на претседателот на ТИКА во Македонија, рече дека во земјата има над 100 директни турски инвестиции во вредност од 1,2 милијарди евра, каде што се вработени околу 5.000 лица.
Турските серии веќе 10 години се поддршка на меката моќ на турската дипломатија?
Дека Анкара делува и преку религијата се сложува и косовскиот истражувач и главен уредник на порталот Инсајдери.
„Мислам дека турското влијание ќе продолжи преку религијата и верски инвестиции. Се очекува зголемување на културното влијание преку турски филмови, сапунски серии и училишта“, вели Вехби Кајтази, главен и одговорен уредник на insajderi.com, косовски истражувачки новински портал.
Дека во политичките алатки на Анкара се и турските сапуници е нешто за што се говори веќе 8-9 години, од кога почна емитувањето на тие серии кај нас. Уште тогаш насловите во медиумите беа - Со сапунски опери до влијание во регионот. Уште во 2011 година турскиот веник Хуриет напиша: „Ваквите телевизиски серии се поддршка на меката моќ на турската дипломатија“.
На речиси иста линија е и Алида Врачиќ од германскиот Институт за меѓународни и безбедносни работи, аналитичарка на влијанието на Турција во регионот.
Видете и ова: Македонија и руската стратегија на замрзнати конфликти„Турција успеа да ги искористи своите историски културни и лични врски со регионот за да изгради основни врски. Функционерите од ЕУ можат да учат од Турција и да го користат истиот модел за посилно да се поврзат со регионот и да го изразат своето влијание“, изјави Врачиќ за Ројтерс.
Мрачна страна?
Европското издание на „Политико“, со седиште во Брисел, вели дека е неспорно значењето на на Турција во регионот, бидејќи таа обезбедила голема помош, водела големи инфраструиктурни проекти, отворила универзитети и обновила џамии, ги охрабрила турските фирми да вложуваат во регионот и поттикнала дијалог меѓу поделените заедници.
„Сепак, во политичкото влијание на Анкара ќе има и мрачна страна. Ердоган со турските министри поттикнаа земјите на Западен Балкан да преземат мерки против приврзаниците на Фетула Ѓулен, турски имам и поранешен соработник на Ердоган, кој живее во егзил во САД, а кого Анкара го обвинува за обид за уривање на Владата во 2016 година“, објави Политико.
Генерално, аналитичарите се поделени и за борбениот пристап на Ердоган кон политиката. Според едни, тоа може да ги зголеми тензиите меѓу етничките групи во Западен Балкан, додека други велат оти предизвикувањето проблеми не е во интерес на Турција.
Турција и Западен Балкан и во безбедносните извештаи на западните служби
Во извештајот на американскиот директор на Националните разузнавачки служби Даниел Коатс, во кој се прикажани безбедносните проценки за закани во светот во 2019 година, Турција е едно од трите безбедносни прашања кога се работи за Европа.
„Регионалните амбиции на Турција, недовербата кон САД и растечкиот авторитаризам на турските лидери ги комплицираат билатералните односи и придонесуваат Анкара да се чувствува поподготвена да ги оспорува американските регионални цели“, стои во извештајот.