Сите македонски датуми за ЕУ

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и премиерот Зоран Заев објавија дека Македонија добила датум за преговори со ЕУ - 26Јун2018

Од 2005 година кандидат за зачленување во ЕУ, а од 2009 година и со препорака за почеток на преговорите, се уште нема датум. И претходниот премиер Груевски очекуваше датум и актуелниот Заев очекува тоа да се случи. Кога какви ветувања се дадени и кои се причините да не почнат преговорите?

Прва препорака за преговори-октомври 2009 година

Македонија доби препорака за почеток на преговорите со Европската унија првпат во октомври 2009 година. Тогаш за да се добие датум имаше низа услови кои на Владата на тогашниот премиер Никола Груевски и беа доставени како патоказ, а услов за да почнат беше и да се најде решение за проблемот за името со Грција која претходната, 2008 година, веќе го испорача своето право на вето во НАТО поради нерешениот проблем меѓу двете земји.

Препорака и во 2010, 2011, 2012,2013, 2014, 2015 и 2016 година

Потоа со години земјава добиваше препорака за преговори но без датум. Обрвските за Македонија се множеа по констатираната влошена состојба во медиумите, судството и други сфери, а по избувнувањето на политичката криза во 2015 година, објавувањето на таканаречените опозициски бомби и постигнувањето на Договорот од Пржино за надминување на кризата, препораката стана условена и со спроведувањето на тој договор и со одржување на слободни и фер избори во декември 2016 година. Но, пораката која постојано ја кажуваа претставниците на меѓународен фактор беше- решето го проблемот за името со Грција.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Еврокомесарот Филе оптимист за спорот со името


Прв датум на Заев-јуни 2018

Актуелниот премиер Зоран Заев ја презеде функцијата првпат во мај 2017 година по 11 годишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Истата година тој ја даде и првата изјава поврзана со очекувањето на датум. Тогаш кажа дека очекува до јуни 2018 година Македонија да добие датум за пристапните преговори со ЕУ.

Втор датум на Заев- јуни 2019

Идната 2018 година на 17 јуни Заев и поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас како главни носители на Договорот од Преспа со кој се реши проблемот за името во Нивици присуствуваа на потпишувањето на договорот кој го со своите потписи го заверија тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Поместивме планини“


Малку подоцна истиот месец премиерот Заев рече дека на Самитот на ЕУ државава добила чист датум за преговори со унијата, а тоа е јуни 2019 година. Ова тврдење на Заев всушност потекнуваше од одлуката на Советот за општи работи на ЕУ кој го поздрави Договорот од Преспа и вети дека преговорите ќе почнат по евроизборите во 2019 година.

Нема датум во јуни 2019 година

Но, во јуни 2019 на состанокот на Советот за општи работи на Европската унија кој се одржа во Луксембург немаше спремност од сите земји членки да препорачаат почеток на преговорите со Скопје и Тирана. Тогаш една од причините беше и што Бундестагот немаше донесено одлука па Германија беше воздржана. Препораката беше дека на прашањето ќе се навратат во октомври истата година.

Француското „не“ – октомври 2019 година

Во октомври пак францускиот претседател Емануел Макрон не дозволи двете балкански земји да ги почнат преговорите со инсистирањето за нова методологија за преговори. Така всушност и заврши 2019 година во однос на македонските европски интрегации, што донесе промена и на внатрешен план по оставката што ја поднесе Зоран Заев поради недобивањето датум. Во меѓувреме методологија за пристапниот процес се смени, Франција сега вели дека поддржува што поскоро почнување на преговорите, а на предвремените избори победи повторно партијата на Заев.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Кој ќе состави нова влада?

Бугарското „не“- 2020 година

Следната 2020 година може да се смета за година на бугарското не за македонските европски интеграции. Првпат, соседната земја со која државава потпиша Договор за пријателство во 2017 година реши да испорача блокада на самитот во октомври 2020 година со тврдења дека земјава го прекршува договорот за добрососедство, а имаше барања најмногу поврзани со историски теми.

Бугарско „не“-2021 година

Истата позиција официјална Софија ја задржа и сега, на самитот во јуни годинава кога рече дека нема помрднување од позицијата дека не се исполнети условите во преговарачката рамка за да се одржи меѓувладината седница со која би почнале преговорите. Сега, следните надежи се врзани за самитот на Унијата, кој треба да се одржи во октомври, ако дотогаш се реши отворениот проблем со источниот сосед.