Достапни линкови

Што сме „златни рипки“? - Ваши коментари за бугарските барања


Македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и Светлан Стоев, 18.06.2021
Македонскиот и бугарскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и Светлан Стоев, 18.06.2021

Интервјуто со министерот Бујар Османи за барањата на Бугарија предизвикало многу коментари од читателите на РСЕ. Еден од нив гласи: Што сме, „златна рипка“? Па сѐ некои желби да исполнуваме?“. Читателите коментирале и за убиствата на плажа во Албанија и втората парада на Гордоста во Скопје.

Темата Бугарија – Македонија секогаш предизвикува големо интересирање кај посетителите на нашата веб и на ФБ страницата. Редовното неделно интервју на РСЕ овојпат е со министерот за надворешни работи Бујар Османи токму на темата второ вето од нашиот сосед и објавувањето на 5-те барања од Бугарија што нашава земја требало да ги исполни за да се одржи првата меѓувладина конференција што би го отворила патот за пристапните преговори за членство во ЕУ.


Министерот Османи, покрај другото вели дека „ние сме калкулирале, Бугарија има можност за блокада 200 пати во текот на процесот и според правилата на ЕУ може да нѐ блокира и за тоа дали Вардар е чист“.

Слободанка Камчева на ФБ страницата коментира алудирајќи токму на тоа дека Бугарија е членка на европското семејство: „Многу европски, во ракавици. Двојни аршини“.


Гордана Трајковска пишува: „Во право е Османи кога вели дека македонските политичари не се тие кои лажат кога велат дека Бугарија го оспорува македонскиот идентитет и јазик. Токму бугарските политичари лажат. Нивните барања завиткани во небулозни обланди јасно целат кон уништување на македонскиот идентитет и јазик. Станува збор за итро, лицемерно, но неоспорно непријателство кон Македонците...“

Никола Костадиновски оптимистички коментира дека „Ние Македонците ќе си постоиме долго после ова невреме“.

А во врска со 5-те бугарски барања до Македонија, Драги Арабаџиев прашува: „Што сме, ʼзлатна рипкаʻ? Па сѐ некои желби да исполнуваме?“

Убиени 4 лица во расправија за поделба на плажа во Албанија

Убиството на четири лица за време на расправија за поделба на плажа во туристичкото место Велипоја во Албанија исто така предизвикало огромен број ваши коментари во кои навлегува и политиката, па и меѓуетничка нетрпеливост со навреди и непримерен јазик. Има, меѓутоа, и здраворазумни и самокритични коментари.

Ѓорге Бурда Коцев вели: „Исто ни се фаќа, дали е во Албанија или во Македонија. Европа исто нѐ третира, див запад, нецивилизиран народ сме“.

Ристо Мијак постирал: „Влезе ѓаволот во луѓето. Ѓаволот не познава Албанци, Македонци и тн. Сите ние сме луѓе, гости на овој свет, заради материјални работи и душата ќе ја изгубиме“.

Бошко Стојковски, пак, напишал: „Коруптивниот систем на државите што ги тера своите даночни обврзници сами да решаваат имотноправни работи, за жал, зема сѐ повеќе животи, наместо да прават ред дома овие нашиве само сонови за Европа ни прераскажуваат, и кај нас има исти ситуации“.

„Вон ѕидовите“- Втора Парада на гордоста
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

По информацијата за Парадата на гордоста на ЛГБТ заедницата во Скопје за слобода „Вон ѕидовите“ има неброено многу ваши постови, што ја покажуваат конзервативноста на нашава средина, сите се со навредлив речник, со колнежи, лични навреди кон претседателот на државата кој со својата сопруга, во знак на поддршка, исто така маршираше во колоната. Заради професионални принципи не цитираме ниту еден ваш коментар.

Видео сторијата за Швајцарката Маниша Бергер од Лозана која веќе 8 месеци оди пеш низ балканските земји заедно со два коња и едно куче сте ја коментирале со извици на пофалби и „Браво“, а Нада Мицевска дава забележлива позитивна анализа: „Браво. Поминување на пречка која значи живот, сила, моќ, енергија. Одбрала коњи кои се добри чувари и дење и ноќе, бидејќи тие спијат стоејќи и се многу чувствителни на секаков шум. Браво за сите четворица...“ Ристо Митревски кратко и пофално: „Јака девојка, браво!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG