Сивата економија не ја одминува ни онлајн продажбата

Денари. Илустрација.

За време на пандемијата на Ковид-19 дел од граѓаните почнаа почесто да нарачуваат производи онлајн со достава до нивните домови. Но, при плаќањето на производот тие не секогаш добиваат фискални сметки. Најмногу поплаки од потрошувачите има за купување преку Фејсбук.

Традиционалниот начин на продажба во услови на пандемијата на коронавирус се замени со онлајн продажба, а граѓаните со цел да се заштитат од ширењето на болеста беа принудени да ги променат и своите навики на купување. Продавниците ги заменија со интернет страниците каде со неколку кликови доаѓаат до посакуваниот производ, а неговата достава најчесто се извршува во рок од неколку дена, директно до домот на купувачот. Но, трговијата по електронски пат некои ја злоупотребуваат со тоа што не издаваат фискални сметки за производот кој го нудат.

Ивана Крстевска од Скопје се решила да купува онлајн со цел да не се изложува непотребно на ризик за време на пандемија. Неколку пати во изминатиот период таа нарачала производи преку интернет, но ниту за еден не добила фискална сметка.

„Најпрвин нарачував за време на карантинот, некаде во април кога беше се затворено. Нарачав книги од книжарница, која има свои продавница и ги добив преку курир служба и беа платени на рака. Јас им приложив и жиро сметка, но ми рекоа дека пратката се плаќа на рака. Исто така, и во вториот случај кога нарачав за сличен тип на достава повторно платив на рака на курирот“, вели таа.

Најмногу поплаки за продажба преку Фејсбук

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека најголем дел од поплаките адресирани до нив се однесуваат на купување преку Фејсбук, бидејќи се работи за нелегална продажба која не е контролирана со закон.

„Секојдневно ни стигнуваат поплаки за нелегална Фејсбук продажба. Една, до две дневно. Најчесто се за облека, обувки и опрема за уредување на домови. Добиваат само некој белешка дека производот им е доставен. Немаат право, ниту можност да се жалат, да го вратат производот или да го сменат. Имаат една, до две комуникации кога имаат проблем со производот, но потоа продавачите ги блокираат на Фејсбук“, велат од организацијата.

Видете и ова: Македонски парадокс – во ек на криза просечната плата зголемена за 2 илјади денари

Оттаму додаваат дека приговорите ги испраќаат и до Државниот пазарен инспекторат и до Секторот за компјутерски криминал при МВР. До Организацијата на потрошувачи на Македонија поплаки пристигнале и за несоодветниот квалитет на производот, долго време на чекање за враќање на производот или за исплатените пари, како и за долгата испорака.

Но, случајот на Крстевска покажува дека освен продажбите на Фејсбук, правилата целосно не ги почитуваат и останатите фирми кои се регистрирани и етаблирани во јавноста. Крстевска била задоволна од испораката и затоа не и било проблематично неиздавањето на фискална сметка.

„Искрено доставата беше брза за еден ден и бев задоволна од продуктот што го добив и со тоа беше остварена крајната цел. Не размислив дека треба да ги пријавувам заради фискалната сметка, сепак ми беше битен продуктот што го добив“, посочува Крстевска.

Неиздавањето фискална сметка се санкционира

Доколку наплатата за извршената електронска продажба е извршена на самата веб страна, со уплата на трансакциска сметка, како што наведуваат од УЈП, правното лице кое врши продажба нема обврска за издавање на фискална сметка.

„Доколку Управата за јавни приходи добие пријава за неиздадена фискална сметка за извршен готовински промет преку онлајн продажба, Управата секако дека ќе постапи по истата и даночниот обврзник ќе биде санкциониран согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања“, велат од УЈП.

Видете и ова: Извршители чукаат и на државни врати

За онлајн продавачите, според УЈП, кои не се регистрирани како правни лица се применуваат одредбите од Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.

„Инспекторатите кои се надлежни да вршат надзор се должни да соработуваат и разменуваат податоци со Министерството за финансии - Управата за јавни приходи заради утврдување и пресметување на даночните обврски на субјектите кои вршат нерегистрирана дејност. Управата за јавни приходи во вршење на работите од својата надлежност во даночна постапка кај нерегистрирани даночни обврзници е должна за истото да достави известување до органите на државната управа надлежни за работите на инспекциски надзор“, додаваат од УЈП.

За формализирањето на сивата економија, вклучително и онлајн трговијата, од УЈП велат дека е неопходен интегриран пристап на повеќе институции. За таа цел оттаму информираат дека Владата има донесено Стратегијата за формализација на неформалната економија за 2018-2022 година и Акционен план во кој се планирани активности кои се насочени конкретно кон формализација на сивата економија во онлајн трговијата.