Се подготвува план за евентуaлeн нов голем мигрантски бран

Архива - Фотографија од 2016 година кога мигранти во Грција се обидувааат да најдат алтернативен начан да ја поминат границата со Македонија.

Во тек е подготовка на нов план за справување со евентуален нов мигрантски бран кон Европа. Сепак, според граѓанските организации не може да се очекува мигрантско движење како што беше случај во 2015 година, главно поради актуелните политики во Европа.

Центарот за управување со кризи заедно со ОБСЕ и други институции работат на „голем резервен план“ во случај на поголем прилив на мигранти и бегалци кон Европа, вели за РСЕ директорот на ЦУК Агрон Буџаку.

„Сега имаме научено една голема лекција, вестите се дека се повеќе бегалци повторно ќе стигнат преку Турција и Грција, но ние овој пат сме повеќе спремни во соработка со меѓународните институции и невладините организации кои даваа голем придонес и се надевам дека ќе даваат и во иднина“, вели Буџаку.

Коментарите доаѓаат по новиот развој на ситуацијата на Блискиот Исток и најавите за можен нов мигрантски бран кон Европа.

Сепак од друга страна петставници на граѓанските организации кои се присутни на терен во прифатните центри во Македонија, се со став дека не може да се очекува бегалско и мигрантско движење какво што беше во 2015 година.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мигранти од Грција меѓу вагони до Македонија

„Официјално Балканската рута се затвори во 2016 година и оттогаш постојано бројот на бегалците и мигрантите се зголемува или се намалува, а стравот дека ќе дојде до бегалски бран постојано беше актуелен. Но, веќе со некое тргодишно искуство и статистички бројќи кои ги имаме периодично, ние не веруваме дека може да дојде до зголемување на бројот, бидејќи тука не е само Македонија, туку политиките кон мигрантите и бегалците се сменети на територијата на целата Европска унија. Се додека се такви политиките, не очекуваме дека бројот ќе се зголеми“, вели Мерсиха Смаиловиќ од граѓанската организација „Легис.“

Според неа зголемениот број на бегалци и мигранти од последниов период не е алармантен, бидејќи како што вели, тоа повеќе се должи на трендот околу сезонските работи по чие завршување мигрантите и бегалците се решаваат да тргнат кон Европа.

Буџаку посочува дека мигрантската криза е глобален проблем, особено во Европа која се наоѓа на крстосница меѓу Африка и Блискиот Исток. Според него проблематично е тоа што глобалната и европска политика кон мигрантите не е дефинирана според меѓународното право и во такви услови, како што вели, Македонија не може сама да презема иницијативи и да ги менува нештата во насока на создавање на нови системи.

Тој додава дека исто така проблем во ЕУ и Македонија е тоа што се уште одредени политички личности прават злоупотреби со ширење на ксенофобија и антимигрантски чувства.

Видете и ова: Возови со скриени мигранти кон Македонија

„Ако сме паметни ќе знаеме дека (мигрантите) дека ќе бидат потребни, бидејќи имаме помал демографски раст и имаме излив и емиграција од нашата држава кон странство, ќе имаме потреба за работна рака. Но, за тоа треба една долгорочна политика, која засега со проблемите што ги имаме не очекувам да се реши. Ние од наша страна даваме допринос со тој план, како конкретно и во кризна ситуација проглоасена во Табановце и во Гевгелија, ние координираме со прифатните центри, значи досега се оди како што треба, но мислам дека во иднина сепак треба поголемо ангажирање на институциите за да бидеме спремни и за други случаи. Но, тоа е како да кажам, политичка анатема сега ако се спомнат тие работи во една клима на ксенофобија, за прифатни центри за подолг престој на мигрантите бегалци и за подобрување на условите за барателите на азил“, вели Буџаку.

Отоворањето на прашањето дали претстои нов мигрантски бран кон Европа следуваше по последното предупредување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој се закани дека ќе бидат принудени да ги отворат портите и да дозволат сириските бегалци, кои во Турција ги има околу 3 ипол милиони, да ја напуптат земјата кон западноевропските земји, бидејќи според него ЕУ не ја доставила потребната помош за Турција. Од минатиот месец постојано расте бројот на пристигнувања на мигранти во соседна Грција.