Атина реши да ги забрза процедурите за азил, а планира и да го намали бројот на мигранти во камповите на грчките острови со тоа што ќе ги пренесе на копнениот дел од Грција.
Исто така најавени се поинтензивни гранични патроли во соработка со агенцијата за контрола на границите на ЕУ, Фронтекс.
Претходно, Јоргос Кумуцакос, заменик министер за цивилна заштита кој е надлежен и за миграциската политика на Грција, изјави дека проблемот со миграцијата е надвор од можностите на Грција да се справи сама.
Неговите забелешки дојдоа откако деновиве со над десетина бротчиња на пристаништата на островите Лезбос и Хиос во источна Грција стигнаа неколку стотици мигранти.
Според најновите статистички податоци, вкупниот број бегалци заглавени на островите Лезбос, Самос, Хиос, Лерос и Кос е околу 22.700, а бегалските кампови на овие острови се целосно исполнети.
На пример, на Самос има над 4.000 бегалци кои живеат во камп со капацитет од само 650 лица.
Омар Макдези мигрант од Сирија кој е сместен во кампот Морија на Лезбос вели:
„Кампот Морија е за 3.500 луѓе, а сега во Морија имаме 12.000 луѓе“.
Таму деновиве еден авганистански тинејџер нападнал тројца авганистански бегалци со нож, при што убил еден, а повредил двајца други.
Со проблемите во врска со мигрантите во Грција беше запознат и францускиот претседател Емануел Макрон кој повтори дека е неопходна поголема солидарност меѓу државите за справување со кризата.
„Солидарноста сè уште и недостига на Европа. Некои се уште носат неприфатливи одлуки, а справувањето со неодамнешните случаи останува длабоко незадоволително, и покрај пристигнувањето на мигрантите, ќе биде потребно да се работи на длабинско обновување на Шенген, со поголема одговорност и солидарност “, изјави Макрон по разговорите во Париз со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.