Се крчка ли мнозинство за уставните измени?

Архивска фотографија - Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Премиерот Ковачевски повика на лидерска средба за уставните измени и внесување на Бугарите во Преамбулата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му порача да не губи врме на теми кои го поларизираат општеството. Беса бара обединување на албанскиот блок за бришење на формулациата „20 отсто“, ДУИ смета дека треба да се анализираат сите недостатоци во Уставот.

Повикот за лидерска средба на премиерот Димитар Ковачевски до претседателите на сите парламентарни партии одново го актуелизира прашањето дали власта активно работи на обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за менување на Уставот и внесување на Бугарите во Преамбулата.

За отворањето на Уставот е потребно да гласаат 80 пратеници и е услов којшто го прифатија Бугарија и Македонија како дел од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

Бугарија пред неколку месеци го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог, кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.

Видете и ова: Уставни измени се потребни, но со реална анализа и без притисоци

На лидерската средба која е закажана за 7 ноември во Собранието, претседателите на парламентарните парии треба да разговараат токму за одлуките кои треба да се носат со широк консензус, односно за внесувањето на Бугарите и другите народи во Преамбулата на Уставот за да продолжи европскиот пат на земјава.

Мицкоски - Нека не губат време

Актуелното владејачко мнозинство брои 64 пратеници и затоа за евентуално отворање на Уставот е потребно да гласаат и пратеници од опозицијата, која летово поради прифаќањето на францускиот предлог предизвика протести во земјава. Повеќе од 10 дена најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ заедно со Левица организираа протести велејќи дека прифаќањето на францускиот предлог значи предавство и дека е закана за бугаризација на земјата.

Но, четири месеци подоцна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен да разговара за ова прашање, иако посочи дека нема да поддржат интервенции и отворање на Уставот доколку ЕУ не даде гаранции дека ова ќе биде последно барање за Македонија, односно дека земјата ќе влезе Унијата, а Бугарија нема да стави ново вето.

Мицкоски денеска изјави дека покана од Ковачевски се уште не добил, но рече дека промената на Уставот е тема која поларизира, а не обединува и дека на таа лидерска средба приоритет треба да бидат теми како економијата и енергетската криза.

„Доколку тие (власта) имаа 80 пратеника, како што тврдеа од август месец, тогаш ќе немаше потреба од ваква лидерска средба. Предлогот за промена на Уставот ќе беше веќе во Парламент и ќе се тераше понатаму. Тие немаа и нема ни да имаат (80 пратеника), затоа што не се сите политичари во Македонија подготвени да го предаваат сопствениот народ и идентитетот за привилегии, функции и за богатење“, рече Мицкоски за време на денешна посета на општина Илинден.

„До 30 септември јавниот долг е зголемен за 400 милиони евра, а државниот долг е зголемен за 420 милиони евра. Тоа е важно. Не е важно дали сега Ковачевски на сила ќе менувал Устав. Нема да смени. Ако мислат како што правеа со Преспа, еве јас ви кажувам нема да го направат тоа. Еве јас го гарантирам тоа. Нека не губат време за тоа“, вели Мицкоски.

Ќе има ли oбединување на албанскиот политички фактор?

Дополнителна неизвесност околу овој процес внесуваат и дел од албанските парламентарни партии кои, пак, отворањето на Уставот го условуваат со барање при внесувањето на Бугарите и другите народи, да биде избришана и формулацијата „20 проценти“ за да биде заменета со албански народ, албански јазик.

Беса и Алијанса за Албанците беа меѓу првите парламентарни партии кои го изнесоа ова барање и кои сметаат дека ваквата формулација е навредлива за Албанците. Потоа се приклучи и ДПА која донесе партиска резолуција во која се вели дека треба да се промени членот во Уставот и формулацијата 20 проценти во албански народ, албански јазик. Лидерот на ДПА Мендух Тачи имаше средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети на која разговараа за ова прашање. И двете партии се дел од владејачкото мнозинство во парламентот, ДПА со еден пратеник, а ДУИ со 15.

Беса, пак, деновиве најави дека за оваа тема ќе испратат покана до партиите од албанскиот блок за одржување на состанок со цел да го обедини „албанскиот политички фактор за да се отстранат погрдните поими како што е случајот „20 проценти“ и да се дефинира албанскиот јазик во Уставот согласно нашите заеднички определби“.

Сепак од ДУИ велат дека сега не е момент за овие промени, односно дека оваа промена спред нив треба да се случи во нормален политички процес. Првиот вицепремиер Артан Груби на 1 октомври изјави дека неговата партија ДУИ ќе се залага за посериозна општествена дебата, за Уставот да може да претрпи и други посериозни измени, освен внесувањето на Бугарите и другите народи и измената на формулацијата „20 проценти“ со албански јазик.

Груби за телевизијата „21ТВ“ рече дека ДУИ бара сериозно да се анализираат сите недостатоци во Уставот, вклучително и начинот на избор на претседател на државата, односно тој да се избира во Собранието, наместо на непосредни избори. Исто така, да се помести цензусот за референдум и да се прецизира делот на конституирањето на Собранието. Тој рече дека за овие прашања е потребен консензус од сите партии и процесот да се води во Собранието.

СДСМ - Формулацијата „20 отсто“ не е само за Албанците

Ставот на владејачката СДСМ во врска со барањето на албанските партии е дека формулацијата „20 проценти“ не ги засега само Албанците во земјава. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески во гостување на Телевизија „24 Вести“ рече дека оваа формулација се однесува на тоа дека службен јазик во земјава е оној кој го зборуваат и 20 проценти од граѓаните, но тој посочи дека овде треба да се погледне и на аспектот дека според Рамковниот договор државата е дефинирана како држава на сите граѓани.

Премиерот Димитар Ковачевски за уставните измени неколку пати повтори дека сите политички партии имаат одговорност „да носат одлуки кои ќе донесат подобра иднина за идните генерации“, велејќи оти знае дека процесот ќе биде тежок, но дека македонските граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ за да не ја напуштаат земјата.

Видете и ова: Гир - Ако не го смените Уставот, процесот запира тука

Претседателот на државата Стево Пендаровски истиот период упати апел да не се брза со процесот на уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата. Според него, до завршувањето на процесот на скрининг со ЕУ има уште 14 месеци и вели дека во тој период треба да се детектираат и поправат работите во однос на потребните реформи.

„Кога тој процес ќе биде при крај, тогаш да се види дали се има потребното дотретинско мнозинство“, рече Пендаровски.

За прашањето за уставните измени за внесувањето на Бугарите во Уставот, или предлог ќе достави Владата или ќе биде потребна иницијатива од 40 пратеници. Ова на крајот на октомври го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери, кој наведе дека процесот е почнат во насока на апелите да се дојде до меѓу партиска согласност, бидејќи е потребно двотретинско мнозинство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за барањето за отстранување на формулацијата „20 проценти“ рече дека е подготвен да разговара, но истакна дека во тој случај треба да разговараат и за нормата Бандентер и Балансер.

Формулацијата „20 проценти“ во Уставот беше додадена по потпишувањето на Рамковниот договор за ставање крај на конфликтот во 2001 година, со што беше прифаено дека низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот, но и било кој друг јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од населението.

Владејачката коалиција во Собранието која е составена од СДСМ, ДУИ, ДПА и Алтернатива имаат вкупно 64 пратеници. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 38 пратеници, Алијанса за Албанците 8 пратенци, Беса има 4, Левица 2.