Њузлетер 31.03.2023 - Кремљ најави распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, министерот за правда Кренар Лога најави можни и други измени во Уставот освен внесувањето на Бугарите, па рече не бил разбран. Средношколците и медицинскиот персонал на протести, Владата со нови „замрзнувања“, правната држава пред предизвик со запленетиот имот на Сашо Мијалков... Најмногу од се неделава го слушавме зборот „минималец“, а тој на крајот излезе како заедничка нишка во сите сегменти: минималец кај платите, минималец во културното однесување, минималец во политичките дијалози, минималец во борбата со економската криза...
Јана
Грутката в грло од минатата недела, поради смртта на шестгодишната Јана Христовска од Битола, остана и неделава што изминува. Семејството обвинуваше за грешка во лекувањето, а институциите чекаа резултати од обдукција и од истраги. Јавноста „зовре“, се излезе и на протест пред Министерството за здравство, но грутката остана, како што пред Министерството останаа транспарентите „Сакаме одговорно здравство“.
Видете и ова: Смртта на Јана со многу сомнежи и се уште без разврска„Јавниот обвинител од Битола ги презема потребните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето, резултатите од обдукцијата сè уште не се добиени. ЈО работи и на други докази од повеќе лица, кои може да помогнат во расветлување на случајот“, е последната во низата изјави за случајот со Јана, овој пат дадена од јавниот обвинител Љубомир Јовески.
„Здравствен“ минималец и „културна“ плата
Синдикатите од здравство, кои неколку часа пред најавениот протест во четвртокот беа на средба во Министерството за здравство, постигнаа договор. Потпишаа анекс на колективниот договор и зголемување на платите. Медицинските сестри ќе добијат 3.000 денари зголемување, а останатите вработени во здравство 2.000 денари. Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, рече дека со притисок се успеало да се дојде до изнудување на потпишување на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност.
Видете и ова: Синдикатите и Министерството за здравство се договорија, здравствените работници ќе добијат поголеми платиПретходно во здравството се зголеми само минималната, но не и другите плати, па излезе медицинските сестри да бидат на минималец, па нивниот синдикат најави протест со барање за покачување.
И административците во културата бараат исто покачување од 30 отсто како и за нивните колеги во Министерството за финансии. Во финансии, пак, велат дека нивните плати се зголемени „поради специфичните работни задачи и посебна одговорност“.
Македонски пензионери и странски работници
Егзодусот на работници од Македонија во Западна Европа не покажува знаци на намалување. Во обид да се запре бранот, синдикатите бараат сеопфатна реформа на пензискиот систем, како и ревизија на Законот за работни односи и на колективните договори во јавниот и во приватниот сектор. Тие тврдат дека само со решавање на овие критични прашања земјава може да се надева дека ќе ја задржи својата работна сила и ќе го спречи одливот на мозоци што ги одзема најдобрите и најпаметните.
Видете и ова: Странските работници се од соседството, на прсти се бројат тие од АзијаОд друга страна, пак, во недостатокот на работна сила, државата го најави увозот на работници како можно решение.
„Нема да биде лесно во Македонија ни да се увезат работници од странство. Потребна е стратегија и добро планирање, зашто работата може лесно да се изјалови“, изјавуваа луѓето упатени во бизнисот.
И податоците од Агенцијата за вработување покажуваат дека не е така лесно - работна дозвола била дадена на 10 Пакистанци и на две лица од Непал. Од Бангладеш немало заинтересирани.
Замрзнување
Додека чека странски работници како решение за недостигот од работна сила, Владата со нови замрзнувања ја решаваше ценовната криза. Почна пред неколку недели со лебот, продолжи со млечните производи, брашното и макароните, а неделава ги замрзна цените на тоалетната хартија и хигиенските влошки. Најави замрзнати цени и за земјоделските производи.
Видете и ова: Замрзнување на цените, ама не на товар на земјоделцитеГраѓаните велат - во ред. И земјоделците не се против замрзнувањето на цените, но во случај на таква одлука, бараат државата да им помогне во производството.
А цените на овошјето и зеленчукот неделава продолжија да растат - кромидот достигна цена од 80 денари по килограм, килограм краставици околу 100 денари, а доматите околу 140 денари.
Бизнисмените се против замрзнување на цените.
Серијал Мијалков: Запленет имот и застарени дела
Не е само замрзнувањето предизвик за Владата. И конфискуваниот недвижен имот на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков е во тешката агенда. За тој имот, во вредност од 15 милиони евра, се чека одлука од Влада за да биде огласен за продажба. Рокот за отстапување на конфискуваниот имот на некоја институција е истечен. На списокот „запленето“ се акции во банка, шума и плац на Водно, станови во Охрид и апартмани во Скопје, гаражи, деловни простории...
Видете и ова: Јавната седница се одложи, на Мијалков му застари обвинението за „Титаник 2“Во меѓувреме, поради неуредна покана за обвинетите и адвокатите, се одложи јавната седница за предметот „Титаник 2“, а следната е закажана за 13 април. Делото на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, му застарува на 7 април, што значи дека нему нема да му се суди за изборните нерегуларности.
„Дно!“
Под дожд од критики од јавноста не беше само судството, туку и Парламентот. Или поточно реториката на пратениците во чиј арсенал на седницата за пратенички прашања имаше психијатриски белешки, мерење на храброста, деманти, навреди, најави за тужби за клевета... Главни актери беа пратениците Драган Ковачки и Миле Лефков од една страна и министерката Славјанка Петровска и вицепремиерот Артан Груби од друга страна.
Видете и ова: Злоупотреба на пратеничкиот имунитет за навреди и дискредитацииПолитичката коректност и пристојна комуникација меѓу пратениците одамна не е случај за македонското Собрание, коментираше јавноста, а професорката од Правниот факултет Ана Павловска-Данева рече дека на граѓаните им се потребни свежи идеи и конкретни мерки за подобар живот, а не лични пресметки. Таа на Фејсбук напиша: Дно!
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Чекор напред, па чекор назад
Во неделата што изминува актуелен беа и уставните измени. Особено предлогот од новиот министер за правда, Кренар Лога. Приоритет е Преамбулата во делот на вметнување на помалите заедници во државата, но се размислува и за други потребни измени на Уставот, рече Лога.
Видете и ова: Преамбулата приоритет, но Уставот ќе отвори и други прашања„Измените во Уставот треба вклучуваат и прашања кои се однесуваат на смена на формулацијата 'јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните' со 'албански јазик', рече Лога.
Реагираа неговите коалициони партнери, па министерот направи чекор назад.
„Приоритет над приоритетите е во преамбулата да се вметнат сите помали заедници, а ако се отвора Уставот моја идеја е за сите овие празнини во Уставот да може соодветно да добијат решение. Тоа не е идеја од партија, тоа е идеја од Министерството за правда“, им рече Лога на новинарите неколку дена откако им ја кажа идејата за други измени во Уставот.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ беше дециден - не е договорено, нити се разговара за такво нешто.
„Should I stay or should I go?“
Учениците неделава на три главни фронта. Матурантите бараа олеснувања во полагањето на матурата, нивни соученици дебатираа дали да останат или да ја напуштат државата, а трети, оние од кумановско Лојане, заедно со нивните родители, роднини и наставници, алармираа дека учат и играат до токсична депонија.
- Средношколците го прифатија предлогот на МОН за олеснување на матурата
- Токсичен рударски отпад близу училиште во кумановско Лојане
Првите протестираа и добија ветување од Министерството за образование дека ќе имаат олеснет матурски испит.
Вторите, оние од ученичката организација „Orce Talks“, од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје, ја отвори дилемата која ги мачи дел од средношколците - дали да останат дома за студии или да заминат во странство? По дискусијата, велат, некои се откажале од идејата да си одат, но има и такви кои ништо не ги предомислува.
Третите, тие во Лојане, друго ги мачи. Тешката миризба околу основното училиште „Рилиндја“ во селото навестува тони токсичен отпад во близина, вклучително и арсен наталожен на депонија во близина местото каде учат и играат околу 400 деца.
Од дојавите за бомби беа раат. Немаше дојави, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервјуто за РСЕ, рече дека набрзо група македонски државјани ќе добијат кривични пријави за тероризам.
Штракањето на Путин
Главна светска тема неделава беше најавата на рускиот претседател Владимир Путин за распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија и реакциите по таа изјава. Од Западот дојдоа остри критики и длабоки анализи колку е сериозен Кремљ.
Видете и ова: Путин повторно само „штрака“ со оружјетоНајавата на Путин дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија е последниот обид на Москва да се закани со ескалација на тензиите со САД и Европската унија. Сепак, „штракањето“ со нуклеарно оружје, и покрај заплашувањето, нема нужно да ја промени ситуацијата во врска со војната во Украина, пишуваа светските медиуми.
„Да не чекаме светот повторно да гори за вистински да живееме слободно“
Меѓуетничките тензии влошени со говорот на омраза, Законот за заштита на жените од насилство не беше целосно спроведен, Ромите се подложени на сегрегација во образованието, припадници на ЛГБТИ заедницата се соочуваа со физички напади... Ова се само дел од нотираните состојби во Македонија во извештајот на Амнести интернешанал за 2022 година. Во овој годишен извештај се и најновата пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, состојбата со мигрантите и бегалците, семејното насилство, деградацијата на животната средина, слободата на медиумите, прашањето на исчезнатите во конфликтот во 2001, како и македонско-бугарскиот спор.
Видете и ова: И спорот со Бугарија во извештајот на „Амнести интернешанал“ за Македонија во 2022„Во 2023 година се одбележуваат 75 години од Универзалната декларација за човековите права. Да не чекаме светот повторно да гори за вистински да живееме според слободите и принципите кои дојдоа по цена на милиони животи“, напиша Амнести во извештајот за човекови права во 2022 година.