Се гледа крајот на ковид-кризата во индустријата

Илустрација

Индустриското производство расте, но се уште е неизвесно дали ќе ги достигне стапките од 2019, односно последната преткризна година. Во изминативе два месеци почна да се намалува и бројот на невработени, кој во екот на кризата се зголеми за 50 илјади луѓе.

Се чини дека се гледа крајот на ковид-кризата, барем во индустријата. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во април забележало раст од 46 отсто во однос на истиот месец минатата година. Растот во првите четири месеци од годинава во однос на истиот период лани е 3,7 проценти.

Сепак, треба да се има предвид дека лани имаше голем пад во однос на 2019 година поради затворањето на економијата, како дел од мерките за спречување на ширењето на пандемијата. Ако се споредат првите четири месеци од годинава со првите четири месеци од 2019 година, се гледа дека индустријата сè уште не е целосно опоравена, односно има пад од 8 проценти во однос на последната преткризна година.

Видете и ова: Нови дупки ќе се крпат со стари идеи за прогресивен данок

Според податоците на Државниот завод за статистика, индустриското производство во април годинава во споредба со ланскиот април во секторот Рударство и вадење на камен бележи пораст од 16,9 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има пораст од 64,3 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 15,6 отсто.

Директорот на рудникот Бучим, Николајчо Николов вели дека е очигледно дека има закрепнување на индустријата, но е тешко да се каже дали годинава ќе се достигне нивото од 2019.

„Јас лично мислам дека сме на добар пат и овие податоци за зголемено индустриско производство во април сметам дека се реални и ветуваат дека оваа година ќе ја завршиме добро. Не можам да кажам дали на нивото на 2019 или тука некаде, но ќе се заврши добро и ќе се реализираат доста од прогнозите за подобрување на индустриското производство во овој период“, вели тој.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на вработени во индустријата во април годинава бил за 1,7 проценти помал во однос на истиот месец минатата година, па затоа Николов не очекува големиот раст на индустријата да предизвика и зголемување на вработувањата.

„Малку работници се отпуштени, тактизираа многу од фирмите, така што не може да се очекува раст на бројот на вработени. Можеби да се вратат дел од отпуштените“, вели Николов.

Тој посочува дека секторот Рударство работел добро во текот на целата криза без големи осцилации. Растот во секторот во моментов најмногу се должи на ископот на градежни материјали во пресрет на градежната сезона.

Видете и ова: Може ли Запад да осмисли алтернатива на кинескиот „Појас и пат“?

На седницата за пратенички прашања минатата недела, и премиерот Зоран Заев оцени дека економијата се враќање во нормала.

„Еве завршуваме мај месец, овие пет месеци имаме 200 милиони евра повеќе наплатено приходи само од Управа за приходи и Царина, во споредба со првите пет месеци од 2020 година, а во првите пет месеци од 2020, 2,5 месеци немаше корона-криза, јануари, февруари и половина март немаше корона-криза. Посериозен податок дека економијата се враќа, дека растот е зголемен, нема“, рече премиерот Заев.

Во изминативе два месеци почна да се намалува и бројот на невработени пријавени во Агенцијата за вработување. Во ек на кризата бројот на активни баратели на работа се зголеми за 50 илјади луѓе и во февруари годинава надмина 159 илјади невработени, но во март и април тој број се намали за 15 илјади и сега има 144 илјади активни баратели на работа.

Опозицијата, пак, постојано обвинува дека со оваа влада Македонија сè повеќе тоне на економски план.