Поголемо политичко шоу за граѓаните и раст на тензиите во Собранието очекуваат политичките аналитичари по вчерашниот инцидент кој настана во пресрет на интерпелацијата претседателот на Собранието Талат Џафери закажана за в четврток, пратеничките прашања закажани за в среда, како и во очекување на „конечната верзија од францускиот предлог“ за деблокада на преговорите со ЕУ.
Џафери свикал координација по инцидентот во Собранието, но не дошле сите
Комуникологот Петар Арсовски вели дека јазот меѓу власта и опозицијата во земјава сè повеќе се зголемува поради тензијата во која се наоѓа земјава во изминатиов период. Според него двата спротивставени блока сега се гледаат низ „нишан “ на непријатели, а не како политички опоненти. Вчерашниот инцидент во кој при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња, не се добри за политичкиот дијалог, вели тој.
„Не се добри тие инциденти, и не очекувам да се подобри тоа, бидејќи гледам дека работата оди кон ескалација, а не кон деескалација. За да почне работата да оди кон деескалација, потребен е нормален процес на политички дијалог, поинклузивен. Не знам дали тоа може да се случи во овој период имајќи ги в предвид длабоката поделба околу францускиот предлог, воопшто правецот во кој се движи државата. Не очекувам некакво брзо подобрување на состојбите, туку мислам дека треба да се подготвуваме за уште поголемо шоу“, рече Арсовски.
Видете и ова: Жестока кавга во Собранието меѓу Адеми од ДУИ и опозициските пратеници од ВМРО ДПМНЕПо синоќешниот инцидент следеше и коментар на социјалната мрежа од државниот секретар од Министерството за култура Валзир Азири, за кој утрово Милошоски поднесе пријава во полиција за искажани закани за физичко насилство на социјалната мрежа Фејсбук.
Аналитичарот Алберт Муслиу додава дека вчерашниот инцидент е немил случај. Во однос на коментарите на Азири на социјалните мрежи Муслиу вели дека неумерениот наратив кој политичарите го користат во последно време доведува до инциденти.
„Паднато е нивото, не знаат веќе ни како се однесуваат, а виновни сме ние граѓаните што нивното неумерено зборување, кај дел од граѓаните тоа генерира задоволство, демек кој е појак, таа мачо тенденција на однесување на пратениците финишира со вакви случки, тоа е целиот случај“, изјави Муслиу.
Откако голем дел од македонските медиуми пренесоа „принт скрин“ од постот на Азири, денеска е избришан.
Муслиу смета дека политичарите го „изгубиле резервниот механизмот на воздржување“ и да користат поумерен тон и наратив во политичкиот дискурс. Тој додава дека ваквото однесување, особено по вчерашниот инцидент не е само карактеристика на ДУИ.
„Не би го карактеризирал ова само за ДУИ, ние имавме и исфрлање на пратеници од Парламент, имавме и тепање на пратеници во Парламент, така што ова е карактеристика на нашиот Парламент“, вели Муслиу.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Неказнивоста на политичарите за непримерното однесување во Собранието, па и во јавниот живот остава негативни последици врз општеството велат Мусли и Арсовски.
„Било која неказнивост остава лоши последици, бидејќи тие треба да платат казна на пример за сообраќаен прекршок, а луѓе од политичките елити поминуваат неказнето. Но мислам дека не треба тоа да се врзе за една или друга политичка елита, туку вкупно, ако сакате, целиот политички спектар“, вели Арсовски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска бара оставка од Адеми од пратеничката функција, симнување на неговиот пратенички имнунитет и потоа да одговара за насилство во Собранието. Дел од пратениците на СДСМ на социјалните мрежи изразија поддршка за Адеми, посочувајќи дека бил испровоциран од опозициските пратеници.
Видете и ова: Ќотекот е излезен од ОхридЕден ден претходно во јавноста одекна информацијата за ослободителната пресуда за советникот од ДУИ во општина Охрид, Нефи Усеини, за нападот врз охриѓанец. Судијката донесе ослободителна пресуда поради контроверзната изјава на нападнатиот граѓанин, кој како што се вели во пресудата, иако на видео снимките и лекарските прегледи докажуваат дека тој е физички нападнат од Усени, сепак во изјавата пред Судот тврди дека не го тепал Усеини и дека му се причинило оти видел пиштол.
Усени е охридски бизнисмен и прв човек на локалниот огранок на ДУИ и ова не е негов единствен инцидент. Тој во повеќе наврати беше инволвиран во тепачки, а последната беше пред неколку дена.