Зошто мнозинството е против внесувањето на Бугарите во Уставот?

илустрација

Истражувањето на Институтот за демократија и Конрад Аденауер покажа дека две третини од испитаниците се против уставни измени, од власта на став дека ефектите граѓаните ќе ги видат подоцна. Но во истражувањето висок е процентот, 59 % испитаници симпатизери на СДСМ кои се против промена на Уставот.

Анализата на Институтот за демократија и Фондацијата Конрад Аденауер за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ покажува дека евроскептицизмот во државата расте, па прв пат се бележи пад и кај симпатизерите на СДСМ, каде до сега имаше најцврста поддршка. Минатата година тој процент изнесувал 94 отсто, а во ова истражување паднал на 80 проценти од членовите на СДСМ кои поддржуваат влез во ЕУ. Заклучокот на истражувањето е дека најверојатно е последица на поларизирачките ефекти од случувањата во пристапниот процес во 2022 година

„Не можам да го потврдам тоа, бидејќи мојата перцепција по теренските посети со членството на редовна основа не ми го укажува тоа, не ми укажува дека е таква перцепцијата. Сепак сметам дека огромен процент од луѓето се за членство во Европската Унија и ние продолжуваме со таа политика“, ни изјави потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.

Истражувањето покажало и дека за приближно една четвртина од населението, членството во ЕУ не е важно прашање во нивниот живот. Членството во ЕУ е многу важно за 75% од етничките Албанци, што е за 30% повеќе отколку во случајот со етничките Македонци. Етничките Македонци генерално се попесимисти и покритични кон процесот на пристапување во споредба со етничките Албанци.

Од Институтот за демократија заклучуваат дека евроскептизцизмот се должи на разочараноста кај македонските граѓани од долгото чекање за преговори со ЕУ, а значителен фактор е и преговарачката рамка која наметнува дополнителни критериуми.


А влезот на Македонија во европскиот сојуз во моментот е условен од уставните измени, односно од тоа дали во Уставот ќе бидат внесени Бугарите. Анализата покажува дека поддршка кај граѓаните нема ни за ова прашање, односно дека дури 80 проценти од етничките Македонци се противат на уставните измени. За да бидат донесени во Собранието потребно е двотретинско мнозинство, што уште го нема.

Ова истражување на јавното мислење покажа дека е висок процентот на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ кои се против уставните измени - 89 %, што е став и на раководството на партијата. Ново е што и кај СДСМ 59% се изјасниле против, а 39 отсто би проддржале внесување на Бугарите во Уставот.

Според Богоев од СДСМ народот бил изманипулиран од опозицијата со лажни вести

Богоев смета дека јавноста е изманипулирана од опозицијата со невистинити тврдења дека ќе се изгуби македонскиот идентитет.

„Јасно е дека има збунетост кај дел од населението што е реално, а што изгенерирано од ВМРО-ДПМНЕ и Левица преку лажни вести, како што беше дека јазикот ќе стане бугарски и сл. Верувам дека и тука се дел од луѓето изманипулирани, но сигурно има и такви кои имаат таков став“, вели потпретедателот на СДСМ.

Тој е уверен дека ова расположение ќе се промени по примерот на случувањата пред Преспанскиот договор.

„Не дека ни е нешто посебно драго да ги изведеме уставните измени, но од друга страна, не сметам дека ќе изгубиме нешто, ако тоа го направиме. Ваква некако беше слична ситуацијата и кога се менуваше името, а добар дел од населението не се согласуваше со тоа, но еве сега се гледа бенефитот. Кога имаш војна во Украина, денеска се гледа колку е важно што сме членка на НАТО со тој чекор што сме го направиле тогаш“, вели Богоев.

Ковачевски - ЕУ да дисплинира земји членки

И премиерот Ковачевски денеска со коментар за истражувањето во делот на намалената поддршка кон ЕУ. Рече дека Унијата треба да ги дисциплинира и да им укаже на сите свои земји - членки дека треба да се почитува дигнитетот на македонските граѓани и да го осудуваат секое негирање по каков било основ, па дури откако ќе се воспостави такво ниво на меѓусебна комуникација граѓаните ќе бидат поопределни во однос на ова прашање.

Во 2019 Македонија го смени името, по барање на Грција, што беше еден од условите за да почне преговори за влез во Европската унија, но тоа не се случи, оти процесот потоа го блокираше Бугарија. ЕУ со таканаречениот Француски предлог лани се обиде да ги одблокира евроинтеграциите, со што Бугарија го тргна ветото, а земјава почна преговори, но отворањето на поглавјата ќе се случи кога во македонскиот Устав ќе бидат внесени Бугарите, за што и покрај зголемувањето на парламентраното мнозинство, сè уште нема двотретинско мнозинство.

Видете и ова: Македонските граѓани со поделени очекувања за европската перспектива

Директорот на канцеларијата на канцеларијата на Конрад Аденауер во Скопје, Даниел Браун изјави дека овие бројки се резултат и на односот од Бугарија кон земјава, но дека македонските политичари мора да имаат усогласен став за надворешната политика и ЕУ.

Институтот за демократија седма година по ред ја следи довербата на граѓаните во ЕУ. Највисока поддршка имало во 2014, од 80 проценти, а потоа поддршката со годините опаѓа.

Зголемен песимизам на македонските граѓани кон членството во ЕУ покажа неодамнешното истражување на „Еврометар“ кое го спроведе домашната тинк-тенк организација „Евротинк“, а покажа рекордно ниски бројки во однос на довербата и ставовите на македонските граѓани кон ЕУ и ставот кон самиот процес на интеграции. Резултатот од анкетата покажал дека 49 отсто од граѓаните сметаат дека „генерално, членството во ЕУ“ би била добра работа што е пад од 20 проценти во однос на есента 2021 година.