Македонија не е многу зависна од гасот како енергенс и потрошувачката по жител е многу помала отколку во европските земји, иако потрошените количини секоја година се зголемуваат. Над 80 отсто од увозот на природен гас се користи од топланите, а грејната сезона е веќе завршена, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
„Кај нас влијанието ќе биде многу мало, минимално, да не речам нула“, рече Бектеши на прес-конференција, откако Русија ги прекина испораките на природен гас за Полска и за Бугарија, затоа што одбиваат да плаќаат во рубљи. Русија ја воведе оваа мерка за земји кои ги прогласи за непријателски, откако ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари.
Единствениот гас што се користи во Македонија е руски. Целиот гас што се увезува во земјава доаѓа преку Бугарија и Турција, преку еден гасовод кај Деве Баир. Лани биле потрошени 426 милиони нормални метри кубни природен гас, а од почетокот на годинава биле увезени 127 милиони.
Над 60 комерцијални и јавни потрошувачи и постројки за производство на струја и топлина се директно поврзани на преносната мрежа на природен гас.
Директорот на Дирекцијата за национални енергетски ресурси во Северна Македонија Бајрам Реџепи во изјава за РСЕ вели дека доколку има итен прекин, најакутен проблем ќе биде металната индустрија и економската зона во Скопје.
„Во овој случај не можеме да најдеме брзо решение. Се разбира, тие ќе мора да ги приспособат своите системи за да користат други енергетски ресурси. Вториот проблем ќе биде претставен во гасната централа ТЕТО, кои се најголеми корисници на природен гас во Северна Македонија, бидејќи од 426 милиони кубни метри гас потрошени во земјава минатата година, околу 360 милиони се потрошени од оваа централа. И третиот проблем ќе биде со топланите во Скопје, бидејќи повеќето од нив се зависни од гас“, рече Бајрам Реџепи.
Тој вели дека македонските граѓани треба да бидат мирни оти нема да има проблем со недостиг на струја, бидејќи ќе бидат ставени во функција сите капацитети за производство на електрична енергија.
Бајрами вели дека се уште е рано да се пресметаат штетите што земјава ќе ги има доколку има преки во снабдувањето со руски гас, иако додава дека тие ќе бидат многу мали бидејќи земјата во оваа ситуација не е голем корисник.
Со оглед на тоа што Македонија нема складишта за чување на природен гас, според правилата за снабдување со природен гас на Регулаторната комисија за енергетика, секој потрошувач е должен да обезбеди услови за користење на алтернативна енергија, како што е мазут, течен нафтен гас, компримиран природен гас или екстра лесно гориво. Со оглед на тоа што 80 отсто од гасот трошат топланите, за другите може да се снајдеме, вели Бектеши.
Полска и Бугарија се транзитни земји за гасот, но прекинот засега не се одразува на трети земји кои добиваат руски гас преку нив. Македонија го добива гасот од Русија преку Бугарија од каде што влегува единствениот гасовод во земјава.
„Ситуацијата знаеме дека е многу комплексна и никогаш не се знае какви одлуки може да се донесат наредните денови“, рече министерот за економија Крешник Бектеши, кој додаде дека засега нема најави на прекин за испораките за Македонија.
Бектеши рече дека се прават планови ако Русија побара гасот да се плаќа во рубљи, но таква одлука не е донесена.
ЕУ реагираше на одлуката на Гаспром да ја прекине испораката на гас во Полска и Бугарија, и вети силен и обединет одговор. Според ЕУ потегот на Русија е уште еден обид „да се користи гасот како инструмент за уцена“. Унијата работи на изнаоѓање алтернативни.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија би можела да ја стопира испораката на гас и за другите европски купувачи ако и тие одбијат да плаќаат во рубљи.
Според Песков стопирањето на доставата на гас на Бугарија и на Полска не претставува уцена.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Алтернативите засега се на хартија
Се планира гасоводно поврзување со соседна Грција, како и инвестиции во гасна централа и постројка за гасификација на течен природен гас во Александрополис во кои Македонија треба да има удел. Со овие проекти Македонија нема да биде зависна само од руски гас. Премерот Димитар Ковачевски го издвои и проектот за изградба на хидроцентралата Чебрен како монументален историски проект којшто го водела многу претходи влади, но кој за прв пат се наоѓа во втора фаза.
Бектеши вели дека тендерот за изградба на гасниот интерконектор со Грција ќе се објави во јуни, а во рок од 18 до 20 месеци треба да биде завршено гасното поврзување со Грција, преку која Македонија ќе добие пристап и до азербејџански гас.
Алтернативата за која сега најмногу се разговара е американски течен гас.
„Ќе биде спора постапка, не верувам дека ќе биде брза и дека годинава ќе може да го очекуваме. Но камо среќа да грешам и да стигне брзо во Македонија. Втора работа, верувам дека ќе биде поскап од рускиот гас и значително ќе ја дигне цената на гасификацијата во државата. Најбитната работа што мора да се знае е дека државата мора сериозно да преземе мерки и дека доколку тоа не го направи веднаш и брзо може граѓаните да очекуваат дека следната зима ќе останат без греење во градот Скопје“ Ѓорѓи Манасков, Стопанска комора за енергетика.
Поголеми потрошувачи на гас има во Технолошко-индустриската зона во Бунарџик, а јавни претпријатија за снабдување со гас има во Струмица и во Куманово. Во Куманово има 100 потрошувачи, а во Струмица 315. Со оглед на тоа што до Струмица нема гасовод, тамошното јавно претпријатие дистрибуира компримиран природен гас.
На територија на Македонија нема извори на гас, ниту пак складишта, земјава нема ни нафта, ниту пак сама си ги задоволува потребите за струја, а не се доволни искористени ниту алтернативните извори, како фотоволтаици, ветерници, мали хидроцентрали.
Цената на енергенси вртоглаво порасна во последните неколку месеци. Допрва нè очекува криза, вели Манасков.
„Во однос на електричната енергија, како што ни јавија од Европската комисија, од Брисел, дека наредната година, две ќе расте цената и најдобро е граѓаните да се спремаат сами на свој начин, да си обезбедат сопствено количество на енергија, колку што можат, дали тоа ќе биде од ветерници, дали од фотоволтаици“.
Тој вели дека и државата треба навремено да закупи струја за подолг временски период, да набави јаглен и да ги сервисираат РЕК Битола, Осломеј и Неготино, за како што вели, да не нè дочека, она што не дочека оваа зима
Во најголем дел струјата кај нас се произведува од јаглен, потоа се користи хидропотенцијалот и сосема мал дел од алтернативни извори. Македонија е земја на сонцето. Но, и покрај тоа што се проценува дека земјата има 280 сончеви денови, само речиси еден процент од неговата енергија се користи за производство на струја. Во производители на обновливите извори на енергија спаѓаат и големите и малите хидроцентрали, ветерниците и централите на биогас и биомаса. Сите заедно учествувале со 29 проценти во вкупното производство на струја. Најмногу од нив или 25 отсто отпаѓаат на хидроцентралите.
Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски во интервју за РСЕ, вели дека во овој момент Македонија нема алтернатива на јагленот, но се планира постепено затворање на блоковите на РЕК Битола до 2031 година, а на нивно место ќе се изгради гасна и сончева централа.
„Исто така ќе се постават фотонапонски електрани со капацитет од 280 Мегавати што ќе биде супституција на повеќе од еден блок на РЕК Битола и исто така супституција на другите два блока да биде когенеративната гасна електрана со капацитет во почетокот од 250 мегавати, а потоа да се зголеми на 400 мегавати.“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Професор Ристо Филкоски од Машинскиот факултет во Скопје вели дека државата не треба да брза со напуштање на јагленот.
„Тоа Зелено сценарио кај нас може да предизвика сериозни последици. Нам ни треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, а не брзо затворање на објектите“, вели Филков во интервју за РСЕ.
Фотоволтаиците ќе уништат земјоделско земјиште
Манасков од Стопанска комора за енергетика вели дека е подобро државата да им овозможи на граѓаните да изградат фотоволтаици на своите домови или пак на фабриките, отколку да им дава на компании да градат големи фотоволтаици.
„На француска компанија и дала да гради 500 мегавати во штипско и тоа на земјоделско земјиште, што не е чесно. Треба да се стопира се што е со големи капацитети од фотоволтаици и да им се даде можност на сите останати, домаќинства и компании да изградат за да си имаат за себе и вишокот да го продаваат, на тој начин полесно ќе се балансира струјата, само ќе се докупува електрична енергија колку што е потребно за балансирање.“
И градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев, во чија близина треба да се гради поле со фотоволтаици, вели дека на тој начин ќе се уништи плодно земјиште.
„Во село Мустафино, огромна површина на прва класа земјиште, плодно земјиште кое е под систем на наводнување, според најавите на Владата треба да се прават фотоволтаици, а зборувам за хектари, не за мала површина и луѓето кои сега таму работат земјоделие ќе останат без работа. Ако им се земе земјиштето што досега беше под концесија, а тие сите се регистрирани земјоделци, тие ќе нема што да работат.“
Како Германците ќе штедат гас?
Додека Германија го отфрла ембаргото на Европската унија за увоз на руски гас, германските потрошувачи сметаат дека намалувањето на нивната потрошувачка дома е предизвик.
Гоце Атанасов
Себастијан Зугер и неговата сопруга почнаа да се прашуваат од каде всушност е гасот што го користат секој ден – и како да ја намалат нивната потрошувачка.
„Порастот на цените е една работа. Другото е дека одеднаш почнувате да се прашувате од каде всушност е овој гас и така почнувате да размислувате за алтернативи и дали можеби ќе можеме да заштедиме некаде или да користиме различен тип на енергија за загревање на нештата“.
Видете и ова: Бугарскиот премиер Петков веќе не се колеба, ќе испрати воена помош за УкраинаПо години просперитет од рускиот увоз на енергија, Германија е згрчена од дебата за тоа како да се размрда деловниот однос за кој критичарите велат дека ја финансира руската инвазија врз Украина. Русија обезбедува 40 отсто од потребите за гас на Европа.
„Сакаме да се бањаме, што значи користење на бојлер на гас, така што навистина нема можност да заштедиме многу на гас, освен можеби ако повеќе не се миеме (се смее). Но, сега размислуваме: бојлерот на гас е релативно нов. Која е вистинската работа да се направи? Дали го исфрламе? Дали треба да инсталираме разменувач на топлина?“
Владејачката коалиција на германскиот канцелар Олаф Шолц се чини дека е поделена во врска со забраната за увоз на руска енергија додека се зголемува притисокот врз европските лидери да воведат повеќе казнени санкции за владата на претседателот Владимир Путин соочени со сè поголеми докази за злосторствата врз украинските цивили од страна на руската армија. Нешто повеќе од една третина од германската сурова нафта во минатата година дојде од Русија, покажуваат официјалните податоци. До инвазијата на Украина во февруари, зависноста на најголемата европска економија од евтина енергија од Русија - делумно, наследство од Студената војна - властите не ја сметаа за проблематична. Сега, германските политичари велат дека тоа може да ја загрози безбедноста на земјата и дека сакаат да ја одвикнат Германија од руската нафта.
Германскиот министер за економија и енергија Роберт Хабек вели:
„Не треба повторно да погрешиме да се концентрираме на една држава, на еден регион со се што имаме. Мораме да се позиционираме пошироко. Тоа е она што го правам цело време сега“.
Паоло Алимонта ја гледа актуелната дебата за енергијата како шанса за обновливите извори на енергија. Иако тој верува дека ќе биде „многу болно“ за изнајмувачите со мали приходи, притисокот врз владата на Шолц „не може да биде потежок“.
„Тоа е многу тажна ситуација за многу луѓе кои немаат многу пари. Ќе стане навистина болно. И овде, германската влада повторно стапува во игра: тие мора да испорачаат намалување на цените на енергијата, со банки за храна и слично. Ако можат да платат 9 милијарди евра за да ја спасат Луфтханза за време на кризата со коронавирус, тие сигурно можат да искашлаат 9 милијарди за потрошувачите.“
Според него, германската влада сега е принудена да собере многу пари многу брзо и небирократски за да внесе многу обновлива енергија во земјата.
„Попрво го гледам како можност. Сите зборуваа за енергетска транзиција и имаше многу џагор и страв ми беше дека ќе заврши како и многу други теми: политичките партии ја експлоатираат и на крајот ништо не се случува. Но сега, притисокот не може да биде потежок бидејќи мнозинството Германци возат автомобили и затоа што кириите за луѓето што живеат во становите во градот неверојатно се зголемија. Верувам дека владата сега е принудена да собере многу пари многу брзо и небирократски за да внесе многу обновлива енергија во земјата“.
Економските аналитичари велат дека Германија ќе се соочи со голема рецесија доколку престане да увезува руска енергија.