Иако надворешната политика на Кремљ во последно време е најмногу фокусирана врз Блискиот Исток и САД, каде што според упатените, Москва бара реванш натпревар против Вашингтон, Западен Балкан и понатаму останува плодна почва за путиновата стратегија и е отворена рана во дворот на ЕУ и НАТО, на која Москва сака да стави руска сол.
Затоа, како што вели политикологот Георги Кирјаков, таа рана мора да се затвори што побргу.
„Руското влијание на Балканот е многу силно. Најмногу поради зависноста од енергетски ресурси. Тоа создава потенцијал за создавање на редица конфликти. Затоа раната наречена западен Балкан треба да биде затворена“, вели Кирјаков.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Намалување на вредностите на ЕУ и НАТО
Но, додека Македонија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина... заедно со нивните стратешки партнери САД, НАТО и ЕУ се обидуваат да направат да се затвори таа, геополитичките интереси на источните сили, пред се Русија, ќе се обидат балканските проблематични прашања да останат отворени, бидејќи тоа му одговара на Кремљ, предупредуваат аналитичарите. За таа посакувана статус-кво ситуација, Русија најмногу ќе игра на две карти. Првиот адут е искористување на актуелната ситуација како инструмент за намалување на вредноста на НАТО и ЕУ во очите на балканските народи, особено преку интернет пропаганда, и вториот адут - енергетскиот фактор и нерешениот спор Приштина – Белград.
Видете и ова: Камчиња во балканските чевли
И двате карти на Кремљ можат да бидат адути и во Македонија, велат експертите.
„Русија може да делува преку некој вид расчленување на тоа кои се придобивките на земјите од Западен Балкан со влезот во ЕУ, односно минимизирање на Унијата како општество и како место за живеење“, вели Зоран Нечев, од Институтот за демократија од Скопје.
Будење на сепаратистички идеи
Економски, поточно енергетски, можеби толку не е големо влијанието на Русија во Македонија, но повремено актуелизирање на идејата за размена на територии и менување на косовско-српската граница како решение за дијалогот Приштина - Белград, која речиси сите ја отфрлаат, може да предизвика сепаратистички идеи и во Македонија. Официјална Москва во повеќе наврати демантираше дека на кој било начин е дел од некое такво сценарио.
„Прекројувањето на границите ќе доведе до нестабилност, до јакнење на аспирациите на сепаратистичките кругови, а со настојување на тој сепаратизам би била загрозена и Македонија, но се надевам до тоа нема да дојде и ќе се заврши само на една идеја“, изјави за Радио Слободна Европа професорот Ристески.
Видете и ова: Нови руски „војници“ за нови кочници кон НАТО и ЕУ
Претпазливост и мирни решенија
Минатата недела, по седницата на Советот за безбедност, и претседателот Стево Пендаровски го постави прашањето за можните последици од дијалогот Приштина - Белград.
„Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите“, рече Пендаровски.
За да не дојде до тие непосакувани сценарија, се сложуваат упатените, решението е во брзата интеграција на Западен Балкан во ЕУ и НАТО, а со тоа и затворање на балканската рана