Овој форум е одлична шанса да ги поканиме руските компании да прават бизнис во нашата земја, изјави премиерот Зоран Заев кој денеска го отвори македонско-рускиот бизнис форум во хотелот Хилтон во Скопје, каде присуствуваа бизнисмени и официјални претставници од двете земји.
Заев рече дека особено енергетиката нуди нови можности за соработка меѓу Северна Македонија и Руската Федерација, но дека голем потенцијал има и во туризмот и земјоделството.
„Посебни потенцијали во оваа област се отвораат со изградбата на примарната инфраструктра за гасификацијата, по што следуваат можности за инвестирање и партнерство во проектирањето и изградбата на дистрибутивните системи на природен гас на целата територија на нашата земја. Ја користам приликата да ги поканам бизнис компаниите од Руската Федерација да влезат во оваа сериозна деловна активност која што ќе се случува во нашата земја од декември, па и цела 2020 година“, изјави Заев.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Северна Македонија во Русија најмногу извезува лекови, овошје, зеленчук и тутун, а увезува енергенси како гас, нафта и производи од црната металургија. Заев и министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Трајан Димковски наведоа дека трговската размена со Русија бележи висок раст, но сепак руските претставници истакнаа дека имаат различни податоци.
„За жал ние имаме различни бројќи за трговската размена, за последниве неколку години се намалува трговската размена, но според податоците од нашите партнери, доколку порастот навистина е 25 проценти тоа радува, не радува тоа што перспективите се многу подобри“, изјави рускиот заменик-министер за економски развој Алексеј Груздев.
Груздев нагласи дека двете земји имаат силни контакти во меѓувладината Комисија за трговско економска и научно техничка соработка и оти од аспект на енергетиката се важни и сигурни партнери на Северна Македонија.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека се надева оти форумот ќе овозможи зголемување на економската соработка меѓу двете земји, како и дека помалите држави како Северна Македонија треба економски да бидат отворени кон големите пазари каков што е рускиот.
Рускиот амбасадор во Северна Македонија Сергеј Баздникин изјави дека денешниот форум е значаен за билатералните односи на „нашите пријателски земји и братски народи“, но и оти имаат намера да ги поттикнат иницијативите на бизнис секторот за зацврстување на трговско-економските врски.
„Во Северна Македонија гледаме интересен и перспективен партнер со кои се големи можностите за взаемна соработка, а потенцијалот е далеку од исцрпен“, изјави Бездникин.
Податоците кои ги изнесе македонската страна се дека вкупната размена меѓу двете земји во периодот јануари - јули оваа година изнесувал 1,1 процент, за разлика од 2018 година кога вкупната размена трговска размена изнесувала 1 процент.
Беше наведено дека, според последните податоци на Државниот завод за статстика, трговската размена со Руската Федерација во првите осум месеци од оваа година изнесувала 121,4 милиони долари, односно за 27,3 отсто повеќе од истиот период во 2018 година