Русија демне за враќање во Македонија?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Москва крои план за големо враќање на Балканот?

Русија не сака пад на груевизмот во Македонија и сака нестабилен Балкан за полесно да се врати во регионот со своето политичко антизападно влијание, за што имаат нов план и само демнат шанса, оценуваат политичари, експерти и регионални аналитички центри.

Русија по секоја цена сака да се врати на Балканот. Таа, иако ја губи битката против проширувањето на НАТО, не се откажува и смислува нови потези, ставајќи го во својот фокус и проширувањето на ЕУ, особено кон т.н. стратешко ќоше Македонија - Црна Гора - Србија, велат регионалните експерти.

Во прилог на тоа се и извештаите на неколку регионални аналитички центри кои велат дека „Москва не сака расчистување со груевизмот во Македонија, дека ѝ треба изолирана Црна Гора и условена Србија“.

Последната тврдина на груевизмот

Според Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии, актуелните претседателски избори во Северна Македонија можат да бидат поле на кое Русија може да најде свој интерес.

„Аналитичарите велат дека ќе се заостри реториката во завршницата од кампањата за претседателските избори во Северна Македонија, но таа не смее да доведе до конфликт, насилство и мешање на странки фактори, особено не на Русија, која и понатаму интензивно работи на дестабилизација на Северна Македонија. Успешно спроведените избори ќе бидат уште еден важен чекор на Северна Македонија кон НАТО и кон проговори за полноправно членство во ЕУ во јуни 2019 година. Изборите се последната тврдина за пад на груевизмот во Северна Македонија“, велат од Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана.

Оленченко: Дали треба да му донираме на НАТО преку Северна Македонија

Дека Кремљ не ѝ простува на Македонија што ги одбра западните асоцијации место руската евроазиска унија, говори и минатонеделната изјава на Владимир Оленченко, виш научен соработник на Руската академија на науките.

Видете и ова: Чекор поблиску до НАТО, понервозна Русија

„Руското раководство и бизнисмените треба стратешки да размислат како понатаму да ги развиваат своите односи со Северна Македонија. Проширувањето на трговијата и инвестициите треба да бидат од корист за сите страни. Во овој случај, придобивките може да завршат кај НАТО, бидејќи членките на Алијансата треба да придонесат со 2% од нивниот БДП во буџетот на НАТО“, изјави Оленченко, кој е виш научен соработник во Националниот институт за истражување на светската економија и меѓународни односи „Примаков“ на Руската академија на науките.

Во тој контекст, тој, во интервју за руската новинска агенција ТАСС директно праша: „Дали сакаме да станеме донатори на НАТО?“

Ѓукановиќ: Не предавајте не на Русија

Дека Русија на Балканот сака да постигне уште поголемо влијание и не е задоволна од сегашниот нејзин третман и статус во регионот, особено по проширувањето на НАТО, оценуваат уредникот на подгоричкиот весник Горан Поповиќ и политичкиот аналитичар Душан Јањиќ. И двајцата се сложуваат дека „зад последните протести во Црна Гора, но и зад некои други протести во регионот стојат источни сили“.

Пред Русија да го засили своето антизападно делување во Македонија, Црна Гора, Косово, Албанија... ЕУ мора да дејствува, смета и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој во последното интервју за агенцијата Асошиејтед прес повика на вистинско обединување на Европа.

„Не смееме да го третираме ова прашање како црногорско прашање или балканско прашање, ние мора да го третираме како европско прашање. Не постои подобра консолидација на Европската унија од нејзиното понатамошно обединување“, изјави Ѓукановиќ и директно ги повика челниците на ЕУ: „Не предавајте не на Русија“.