Веќе четири години не е во земјава и исто толку време не е во политиката, но поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски има највисок рејтинг меѓу граѓаните, според последната анкета на Меѓународниот републикански институт - ИРИ. И покрај тоа што во ноември 2018 година избега во Будимпешта, откако беше осуден на две годишна затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес и во меѓувреме доби и други пресуди, на прашањето на ИРИ - Кога размислувате за луѓето во политичкиот живот, на која личност во Северна Македонија гледате најповолно, 7 отсто од испитаниците одговориле - Груевски.
Видете и ова: Државата во погрешен правецИнтересно е тоа што Груевски не само што е прв на листата, туку во рок од една година добил и најмногу на популарност, односно плус 4 проценти.
Веднаш зад него со еден отсто помалку гласови е новиот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во ланската анкета на ИРИ можел да се пофали дека бил најпопуларен меѓу граѓаните. Но, сега тој е во сенката на Груевски. Актуелниот премиер Димитар Ковачевски и покрај интензивните појавување во јавноста, е на четвртото место со 5 проценти.
Груевски откако доби политички азил во Унгарија со македонската јавност комуницира преку неговиот официјален Фејсбук профил, кој има околу 223 илјади следачи. Тој на социјалната мрежа е постојано активен и неговите ставови не се новина, бидејќи од старт е дежурен критичар на политиките на власта предводена од СДСМ и ДУИ.
На што се должи изненадувачкиот рејтинг на избеганиот осуденик со најдолг премиерски стаж од 2006 до 2016 година?
Според директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска тоа е резултат на безнадежноста и очајот на граѓаните од она што ни се случува како држава.
„Навистина е презагрижувачки и сериозно депресивно да имаме осуден и избеган политичар со кој живеевме во едно авторитативно и многу црно време, да се враќа на ваков голем начин и со најголем скок во перцепцијата на граѓаните во однос на популарноста“, смета Трајкоска.
А, тоа, како што додава Трајкоска, многу зборува како граѓаните ги гледаат сегашните политичари и тоа значи дека безнадежноста и очајот создаваат стокхолмски синдром каде што дел од населнието гледа со симпатии кон „киндаперот“ на нивните животи во минатото. Вината за ваквите резултати на анкетата, според неа, ја сносат актуелните политичари.
„Тоа треба да е навистина еден голем аларм за нашите политички партии за функционерите и за лидерите малку да застанат и да поработат на вистинските програми и автентичните потреби на граѓаните“, вели Трајкоска.
Враќањето на Груевски на „голема врата“, според политичкиот аналитичар Џељал Незири, е поради отсуството на резултати во борбата против корупција, како и начинот на практикување на власта од страна на СДСМ и другите функционери.
„Мислам дека се работи за разочарување на граѓаните во однос на борбата против високата корупција од која имаше многу високи очекувања. Кога имаме високи очекувања тогаш и солидните резултати може да предизвикуваат разочарување, а не пак овие кои фактички ги имаме денеска“, смета Незири.
За разлика од политичарите од македонскиот блок, лидерот на ДУИ Али Ахмети стабилно се држи кај граѓаните и го дели второто место со Мицкоски. Ахмети, како што се наведува во анкетата, има освоено 6 отсто од гласовите, исто како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Шефот на ДУИ воедно има и скок од еден процент во поддршката. Најголемиот губитник во анкетата е наследникот на Груевски на премиерската функција, Зоран Заев од редовите на СДСМ со пад на поддршката од 9 на 2 проценти.
Видете и ова: Поништени пресуди - застарена „правда“На лидерот на Левица, Димитар Апасиев не му се зголемил рејтингот, но е на исто ниво со претседателот на државата Стево Пендаровски и со шефот на Беса, Биљал Касами. Во очите на граѓаните пораснал и Бранко Црвенковски. Иако одамна е повлечен од политиката и од неговата матична партија СДСМ, сепак не е „заборавен“ од граѓаните и со 2 проценти до гласовите неговото име е последно на листата.
За ниту една личност од политичкиот живот во земјава не се изјасниле мнозинството или 38 отсто од граѓаните. Анкетата на ИРИ е спроведена врз репрезентативен примерок од 1,207 испитаници во периодот од 23 септември до 13 октомври.
Груевски во мај 2018 година беше осуден на двегодишна затворска казна за предметот на СЈО, „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес од 580.000 евра. Судот во Унгарија во јуни 2019 година донесе одлука да не го екстрадира Груевски, откако тоа го побараа македонските власти. Според Судот во Будимпешта, не биле исполнети услови за негова екстрадиција во Северна Македонија.
Во април годинава за случајот „Плацеви на Водно“ е осуден на 7 години затворска казна за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Истиот месец Министерството за финансии на САД го стави Груевски на списокот на санкции поради корупција.