Додека власта изготвува измени на Законот за урбанистичко планирање и ги најавува како „најтемелна реформа“ во урбанизмот и градежништвото во земјава, дел граѓански организации алармираат дека тие се вовед кон нанесување на дополнителни долгорочни штети врз природата и животната средина.
Новиот закон, доколку биде усвоен како што е предложен, освен што ќе предизвика штетни последици врз природата, животната средина и хуманото уредување на просторот, ќе го попречи и пристапот на граѓаните до правдата, реагираат активистите од граѓанската организација „Фронт 21/42“.
Предложените измени и дополнувања на Законот за урбанистичко планирање се објавени на интернет страницата на Единствениот регистар на прописи (ЕНЕР). Измените прво треба да бидат разгледувани во Владата и доколку бидат усвоени, потоа треба да влезат во собраниска процедура.
Видете и ова: Власта прифаќа, но неизвесно кога ќе ги спроведе меѓународните препораки за Охрид, Маврово и Галичица
Од „Фронт 21/42“ се противат на текстот, но посочуваат и дека Министерството за транспорт и врски како предлагач на законот, избегнува да спроведе јавна дебата за област која е многу значајна.
„Нема да се откажеме сѐ додека не биде организирана јавна дебата и ќе ги искористиме сите законски можности кои ги имаме, во домашното и меѓународното законодавство, да не дозволиме да се донесе ваков закон“, вели за Радио Слободна Европа Искра Стојковска од граѓанската организација „Фронт 21/42“.
Ова граѓанско здружение во реакцијата за текстот на законот прашува дали власта носи „нов закон во корист на урбаната мафија?“
Фронт 21/42 сметаат дека доколку бидат донесени вака предложените законски измени, тоа ќе овозможи да биде направен „уште поголем пустош во врз природата и културното наследство“ во земјата со тоа што ќе им се даде „дополнителна моќ на веќе моќната урбана мафија во земјава и сето тоа без никаква јавна расправа“, се вели во реакцијата на „Фронт 21/42“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Вкупно 35 организации: невладини, граѓански иницијативи, академски и научни институции, доставија заедничко Барање за јавна расправа за Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање.
Тие наведуваат дека урбанизацијата несомнено влијае врз животната средина и природата, а го цититаат и членот 61, став 4 од Законот за животната средина кој, како што велат, упатува на уредбата за учество на јавноста во текот на изработката на прописи и други акти, како и планови и програми од областа на животната средина.
„Сметаме дека е недозволиво и противзаконски ваквите измени да се усвојат
без јавна дебата и врз основа на член 6 од Уредбата за учество на јавноста; член 6 и 8 од Архуската Конвенција, бараме организирање на најмалку една јавна расправа и овозможување дополнителни 10 дена по расправата за доставување коментари од страна на јавноста“, се наведува во заедничкото соопштение на 35-те организации од земјава.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Несоодветната урбанизација во Македонија во изминативе години предизвика силни реакции во јавноста поради штетните ефекти врз природата и животната средина, особено поради тоа што беше направено во заштитените подрачја какви што се национаните паркови Маврово, Галичица и Шар Планина, но и во Охридскиот регион кој е прогласен за светско природно и културно наследство на УНЕСКО.
Освен граѓанските здруженија, и УНЕСКО ги потврди ризиците од несоодветната урбанизација и големиот број на дивоградби во Охридскиот регион и Националниот парк Галичица и поради тоа до властите достави 19 препораки, во спортивно Охрид е под закана да биде ставен на листата светско природно и културно наследство во опасност.
Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски донесувањето на измените на овој закон, како и на новиот Закон за градење, ќе обезбедат поголема транспарентност во постапките и вклученост на граѓаните во планирање и изготвување на урбанистичките планови.
„Дополнително, донесен е и Тарифник за изготвување на урбанистички планови за да не се случува изработка на планови за еден денар. Исто така, во фаза на подготовка е и Тарифник за инженерски услуги“, рече Бочварски.
Во нацрт Извештајот на Министерството за транспорт и врски објавен на ЕНЕР, во кој е наведена проценка за влијанието на оваа регулатива, меѓу другото, се вели дека во постоечкиот Закон за урбанистичко планирање не се доволно јасни предвидените постапки за изработување, донесување и спроведување на планските документи во населените места со седиште во село до донесување на урбанистички план.
За предлагачот проблем претставува Членот 105 од посточекиот закон кој спречувал голем дел од селата во земјава да добијат услови за градење, што според Министерството, директно влијаело врз социо-економскиот развој во руралните средини, врз бројот на можни идни иселувања од селата и на бројот на можни дивоградби и намалувања на приходите на руралните општини.
Во Извештајот исто така е наведено дека ова законско решение треба да овозможи поедноставни постапки за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови и воведување на поголема флексибилност во улогите на учесниците во постапките, како и во однос на содржината на урбанистичките проекти.
Од „Фронт 21/42“ велат дека предложениот закон го дефинира урбанистичкото планирање и спроведувањето на урбанистичките планови како дејност од јавен интерес, но дека урбанизацијата сама по себе не ја третира како дејност од јавен интерес. Затоа активистите сметаат дека оваа интервенција има потенцијал да „направи пустош“ во природата.
„На пример Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес. Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план или проект за урбанизација, а со предложените измени се отвара оваа врата“, велат од Фрнот 21/42“.
Исто така, од граѓанското здружение велат дека новиот закон ќе овозможи урбанизација на селата во заштитените подрачја без да биде направена проценка на влијанието врз животната средина, но и дека ќе овозможи автоматска трансформација на секаков вид земјиште во градежно доколку тоа е во рамки на урбанистички проект надвор од урбанистички план.
Според Фронт 21/42, Владата со овој закон повторно ќе овозможи урбанизација на селата во заштитените подрачја.
„Како на пример Скудриње во Националниот парк Маврово, Лагадин, Љубаништа и Елшани во Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион – без да се процени како истата ќе влијае врз природата и без да се вклучи јавноста во овој процес на проценка“, се вели во реакцијата на „Фронт 21/42“.
„Многу страшно за нас е тоа што закон кој има ваквов потенцијал за неповратни штети врз природата и животната средина, во процесот за негово изготвување целосно се игнорира Законот за животната средина, дури проценката на влијание на регулативата констатира дека овој закон нема да има влијание врз животната средина. Тоа е недозволив пропуст на изготвувачот, во случајот Министерството за транспорт и врски“, вели Стојковска од Фронт 21/42“.
Дали власта ќе ги слушне реакциите на граѓанските организации и ќе организира јавна расправа за законот? Или, пак, текстот ќе ја доживее судбината на двата закони за легализација на дивоградби, кои откако беа усвоени во Собранието, претседателот Стево Пендаровски одлучи да не ги потпише откако утврди дека тие биле во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот.
За овие законски решенија за легализација на дивоградбите, кои беа објавени на почетокот на 2021 година, активистите за заштита на животната средина ги оценија како „многу загрижувачки“ и прашаа дали Владата како предлагач на законите „свесно го поткопува владеењето на правото?“ Според нив, озаконувањето на бесправно изградени објекти има противуставност во својата основа, бидејќи како што наведуваат, легализира кривично дело „бесправно градење“ според Кривичниот законик.
По ветото на претседателот за овие закони, Владата ги повлече на доработка, но кон крајот на минатата година Министерот за транспорт и врски Бочварски и министерот за животна средина Насер Нуредини повторно го презантираа Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, кој предвидува можност за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година. Тие рекоа дека овој закон е различен од претходниот за кој јавноста реагирала и дека при неговото креирање биле заемени предвид речиси сите предлози на граѓанските здруженија, коморите, асоцијациите и сите засегнати страни.