Рекорден број на дозволи за градба се издадени во Аеродром, Карпош и Центар пред функцијата да ја преземат новите градоначалници кои извојуваа победа на локалните избори. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во октомври градоначалниците од овие три општини пред да заминат од функцијата ставиле потпис на вкупно 39 одобренија за градба на на објекти чии инвеститори се деловни субјекти. Најмногу одобренија за градба 17 биле потпишани во Центар, а потоа следи Карпош со 13 и Аеродром со 9.
Видете и ова: Предизборно „штанцање“ градежни дозволиСДСМ одлучи да не ги кандидира повторно актуелните градоначалници на овие општини кои доаѓаа од нејзините редови, Златко Марин, Стефан Богоев и Саша Богдановиќ. Владејачката партија успеа да го задржи само Центар каде победи нивниот кандидат Горан Герасимовски. На фотелјата на Марин во Аеродром седна Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, а во Карпош се врати Стевчо Јакимовски.
Вкупно годинава до ноември најмногу дозволи се „штанцале“ во Карпош или 61 на број. На второ место е Центар со 48, а на трето Аеродром со 24 дозволи за градба на деловни субјекти. Најмногу дозволи во еден месец издал Богоев 24 во јули колку што во Аеродром има вкупно за десет месеци од годината.
Богдановиќ со највеќе дозволи за градба
За целокупното владеење на претходните градоначалници победник е Богдановиќ кој и покрај мораториумот за градење кој го донесе кога стапи на функцијата издал 209 одобренија. Неговиот поранешен колега од редовите на СДСМ, Богоев издал одобренија за изградба на 164 објекти. Најпретпазлив во давањето „амин“ за промена на ликот на неговата општина бил Марин со 105 одобренија.
Професор Башким Селани вели дека градоначалниците во заминување се однесувале неодговорно и неморално затоа што знаеле дека нема да бидат повторно избрани и дека нема да се соочат со последици.
„Значи во нашите институции битно е да имаш политичка поддршка другото не е битно, бидејќи никој не одговара за ништо. Тоа е само еден феномен и во сите институции таква ни е работата и други дозволи што се даваат при одредени постапки. И пет пати може да да те изберат за градоначалник, општината може да е 20 во милиони долг и никој не води сметка“, вели тој.
Никола Велковски од Групацијата за градежништво при Стопанската комора, кој е и поранешен главен градски архитект вели дека фелата веќе мора да го крене својот глас, посебно бидејќи сега кога се изготвува и новиот ГУП 2022-2032.
„Во сите овие општини, посебно овие сите што се во централното градско подрачје нема веќе никаква ни потреба, ниту смее да се гради итреба да се направи рестрикција на се што е од таков вид на градба“, вели Велковски.
Според него, ако има потреба од дополнителни станови, згради треба да се градат на периферијата на Скопје.
Центар предводник по дозволи, Аеродром по станови
Со новите бројки од 2013 до ноември годинава Центар е предводникот со 519 одобренија за градба. Карпош е на второто место со 462, а најмалку одобренија биле издадени во Аеродром 257.
Радио Слободна Европа пред неколку месеци истражуваше и заклучокот е дека градежната експанзија е најизразена во овие три скопски општини, бидејќи 81 отсто од завршените станови се токму во Аеродром, Карпош и Центар.
Нашето истражување покажа и дека сепак, во изминатите 8 години, со најмногу станови се збогатил Аеродром. Во оваа општина биле завршени 6818 станови. Во Карпош 3856 станови и во Центар 1693.