Достапни линкови

Зеленилото кај Институтот за белодробни заболувања ќе го заменат десетици куќи


Заленилото до Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле
Заленилото до Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле

Предлог ДУП-от кој наскоро ќе се најде на седница на општина Карпош предвидува изградба на десетици куќи во населбата Козле на зеленилото над Институтот за белодробни заболувања . Од општината велат дека ДУП-от е во согласност со ГУП-от, а архитекти сметаат дека на зеленилото не треба да се гради.

Десетици куќи е предвидено да го заменат зеленилото меѓу Институтот за белодробни заболувања кај децата и шумата на Водно, според предлог ДУП-от Ј 04 Козле, кој ќе биде ставен на усвојување од страна на Советот на општина Карпош. Планот предвидува да се изградат куќи со максимална висина од 10 метри, односно дозволена катност од приземје, два ката плус поткровје.

Од општина Карпош велат дека станува збор за земјиште кое со децении е приватно во сопственост на повеќе физички лица, а и согласно Генералниот урбанистички план 2012/2022, при што за тој дел предвидена е намена за домување.

„Постапката за носење на Деталниот урбанистички план Ј 04 е во завршна фаза и истиот ќе биде ставен на Дневен ред на една од следните седници на Советот. Речиси целата постапка, како и јавната анкета и јавната презентација за овој ДУП се спроведе во мандатот на претходното општинско раководство“, велат од општина Карпош.

За време на владеењето на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски во 2015 година била донесена одлука дека не е потребна стратегиска оценка за влијанието на животната средина во врска со предлог ДУП-от.

Граѓаните на Фејсбук групата- Заедно за заштита на зеленилото во Карпош коментираат дека набргу и тоа парче зеленило ќе отиде во историјата и со носталгија ќе се сеќаваат дека Карпош имал зеленило.

„Карпош, Центар (плацовите кај Холидеј ин, Треска, Водно) - ете рецепт како се уништува еден град! Не постои јавен интерес, постои интерес на урбаната мафија- спрега меѓу градоначалниците и инврститорите! Многу тажно!“

„Треба да се обжали одлуката за неспроведување на стратегиска оцена има уште неколку дена. Зар нема жители од тој дел или други загрижени да напишат неколку жалби?“

„Институтот за белодробни заболувања со причина е таму ставен. Страшно.“

ДУП-от кој предвидува десетици куќи до Институтот за белодробни заболувања кај децата кој е обележан со црвено.
ДУП-от кој предвидува десетици куќи до Институтот за белодробни заболувања кај децата кој е обележан со црвено.

На прашањето дали сегашниот градоначалник Стефан Богоев пред усвојување на посочениот ДУП планира да спроведе стратегиска оценка, имајќи предвид дека планираната изградба на објектите е на зеленило и веднаш до Институтот за белодробни заболувања од општината се повикуваат на одлуката од пред 6 години.

„Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена, исто така нотира дека носењето на овој ДУП нема да има влијание врз животната средина и намената на земјиштето се усогласува со ГУП – от на Град Скопје“, велат од општина Карпош.

Стратегиската оценка би било пожелно да ја побараат од Министерството за животна средина и тоа да одлучи бидејќи се работи за Парк шума Водно или евентуално од Град Скопје кој управува со Парк Шума Водно, вели Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска.

„Таму не треба да има ништо. Треба да биде зелено, затоа што се работи за некој тампон околу болницата. Како ќе се лекуваат децата таму ако наоколу имаат згради. Тоа место таму е одбрано за таква специфична намена затоа што е ориентирано кон шума, Водно, затоа што има струење на воздух од сите страни и таму децата се лекуваат. Значи тој како да го кажам тој атрибут, објектот на болницата Козле го губи“, вели Павловска

Таа додава дека просторот треба да се пошумува и да се негува постоечкото зеленило. Иако ДУП-от е во согласност со ГУП-от тоа не значи дека треба да се исполни секое зеленило и ќоше со градба, додава Павловска.

„Не е одлучено тоа зеленило да и припаѓа на болницата, меѓутоа тоа се подразбира, тоа е контекст урбан и просторен“, смета Павловска.

Од општина Карпош порачуваат дека со планот се предвидуваат објекти за индивидуално домување кои заземаат 41.18 проценти. Исто така, предвидена е намена и за парковско зеленило, заштитно зеленило и спорт и рекрација, како и објекти за здравствена, социјална заштита, деловни објекти и сл. Според општината, голем дел од објектите, кои планот ги опфаќа, а се со намена за колективно домување се веќе изградени, а тоа се кулите, зградите кои се протегаат долж улицата „Брадфордска“, кај Министерство за економија и кај „Салон 29“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG