СДСМ ќе ја прифати Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за утврдување на македонските позиции во преговорите со Бугарија, иако претходно од партијата неколкупати повторија дека позициите за македонскиот јазик и на македонскиот идентитет се кристално јасни и дека нема потреба да се разговара за овие прашања, особено не во Парламентот.
„Согласно Уставот ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати Резолуцијата, секако ние, како одговорно мнозинство ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите, рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Поддршка најавија и помалите партии, коaлициони партнери на власта, Демократски Сојуз, ДОМ и ЛДП.
Со Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, што наскоро треба да се најде пред Собранието, се бара да се почитува просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.
Во резолуцијата стои и дека за гледање кон минатото треба инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата. Резолуцијата ја најави пред неколку денови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески на својот Фејсбук профил објави документ за Резолуцијата, што партијата ќе ја поднесе до Собранието.
Поранешниот амбасадор Благој Зашов вели дека ниту еден таков документ не може на Владата да и даде силна позиција во преговорите.
„Мислам дека таков документ не е неопходен во овој момент, затоа што нашите „црвените линии“ за што не разговараме со Бугарија, а тоа што сега се предлага од опозицијата всушност е само да се добијат некакви поени во пресрет на локалните избори“, вели Зашов.
Од партијата велат дека Резолуцијата не е партиски текст, туку е темелена на дефиниции и позиции на општествени, научни и образовни авторитети како МАНУ, УКИМ И МПЦ-ОА.
Видете и ова: СДСМ - Нема потреба од резолуција за Бугарија во СобраниеПретходно и СДСМ и премиерот Зоран Заев неколкупати повторија дека и Европа и светот знаат кои се македонските идентитетски позиции
И министерот за надворешни работи Бујар Османи, во името на ДУИ, вели дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ служи за партиски поени во пресрет на локалните избори.
Но последните недели неколкупати беше употребувано „северномакедонски“ за да се опишат јазикот или луѓе од Македонија. За време на учеството на македонската репрезентација на ЕП во фудбал, дел од светските медиумите ја најавуваа како северномакедонска репрезентација, УЕФА на официјалниот сајт на кој се претставени репрезентациите, пишува дека претседателот Мухамед Сејдини и генералниот секретар Филип Поповски по националност се Северномакедонци, но по реакција на македонското МНР ја поправи грешката. Португалската државната секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш, пак, јазикот го нарече северномакедонски, велејќи дека „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, па потоа министерот за надворешни работи рече дека таа сакала да каже „македонски јазик“.
Зашов вели дека МНР реагира кога се прават грешки, но тоа треба да се прави „погласно“.
„За жал, во земјите има такви размислувања, штом е Северна Македонија и јазикот на земјата е тој, иако не е така кај нас. Треба да се реагира во секој случај и преку МНР и преку МАНУ, другите наши институции“, вели Зашов.
ВМРО-ДПМНЕ од претходно бара Собранието да донесе резолуција со која, што ќе се отфрли Декларацијата усвоена на 10 октомври 2019 година од страна на Собранието во Бугарија како спротивна на Договорот меѓу Бугарија и Македонија, потпишан на 1 август 2017 година.
Бугарија е во предизборие и со привремена влада, но бугарските тези остануваат дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и дека корените на македонската нација пред 1944 година се бугарски.
Привремениот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, пред неколку дена рече дека е изгубена довербата во преговорите, оти како што рече, голем број политичари од С. Македонија избрале да ги посетуваат главните градови на земјите-членки на ЕУ, наместо да доаѓаат во Бугарија на разговори со своите партнери.