Регистар на сопственици за крај на мистериозните офшор фирми

Илустрација

На 27 јануари беше воведен регистарот на вистински сопственици со кој пред се треба да се реши мистеријата кој стои зад офшор фирмите кои се дел до сопственичката структура во некои македонски компании. Сите фирми треба најдоцна до крај на април да се запишат во регистарот.

Околу 3500 правни субјекти се запишале досега во регистарот на вистински сопственици од неговото пуштање во употреба на 27 јануари, вели директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов во интервју за РСЕ кое целосно ќе се емитува в недела. Регистарот е резултат на соработката меѓу управата и Централниот регистар, а според Трендафилов процесот се движи во одлична насока. Фирмите имаат рок најдоцна до три месеци да ги внесат во регистарот крајните сопственици.

„Во случај ако податоците до 27 април не ви се внесени во регистарот на вистински сопственици тогаш банките и сметководителите не ќе може да ви исплатат плата. Значи таа обврска мора да се заврши. На тој начин ние сметаме дека регистарот ќе биде навреме пополнет и вистинит. Во делот на вистиноста дали некое лице се запишало како вистински сопственик контролата ќе ја има управата, банките, сметководителите и сите субјекти кои што согласно Законот за спречување перење пари се обврзани да примнуваат мерки и дејствија за спречување на перење на пари“, вели Трендафилов.

Претседателката на Транспаренси Интернешнл Македонија, Слаѓана Тасева вели дека се уште сме во фаза на полнење на регистарот со податоци, а не со нивна употреба.

Видете и ова: Бизнисот бара квалитетни и стручни работници, а не етнички подобни

„Ќе видиме како ќе оди понатаму користењето на овој регистар, затоа што секогаш останува прашањето, бидејќи сами ќе си ги внесуваат компаниите податоците за себе и тие податоците треба да содржат се значи лицата кои што управители, основачи, кои што менаџираат со компанијата, кои се вистински сопственици, каде завршуваат сметките или кои се тие кои што користат дивиденти и такви финансиски бенефити од компаниите. Но, се уште не знам како тоа ќе функционира од аспект на верификација и колку тие податоци се точни. Сето тоа е поврзано со националниот регистар на жители за да може да се следи едно лице каде се има поврзаности, но и кои компании се основачи на други компании. Може да биде офшор компанија основач на компанија овде. Ние такви примери имаме многу, но, се уште е тешко да се дојде до податоците за основачите на тие офшор компании кои се регистрирани на друго место“, вели Тасева.

Трендафилов посочува дека токму идејата е да се најдат сопствениците на офшор фирмите и тоа според него, мора да се постигне затоа што нивното отворање е од три причини, пререње пари, даночно затајување и криење на вистинскиот сопственик. Според него регистарот, е еден од важните столбови на заложбата на Владата во борбата против корупцијата.

„За офшор компаниите кои се како сопственици на правни лица во Македонија, ако не бидат заведени вистинските сопственици, а тоа секогаш се физички лица, банките треба да им го замрзнат деловниот однос. Така што со регистарот ќе постигнеме многу важен дел во перењето пари, транспарентноста и ќе знаеме кој стои зад фирмите кои често добиваат некои тендери дали има судир на интереси. Понатаму злоупотребата на офшор земјите за испумпување на средства од овде, притоа да не се прикаже правилен данок. Данокот е важен елемент за функционирање на државата“, додава тој.

Видете и ова: Кој е „Шиши“ за кого велат дека ја контролира бугарската влада?

Тасева истакнува дека е добро што податоците од регистарот ќе бидат достапни и за граѓаните и за невладините организации, што не е случај во сите држави.

Целта на воведувањето на регистарот освен зголемување на транспарентноста во сопственичката структура на правните лица во земјата е и исполнување на меѓународните стандарди на ФАТФ (Оперативна група за финансиски акции) и обврските кои произлегуваат од Директивата на Европскиот парламент и Совет за превенција и употреба на финансискиот систем на Унијата за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 30 мај 2018 година.

Регистарот а поддржан од Глобалната програма за борба со нелегални финансиски текови при Германското друштво за меѓународна соработка.