Власта и опозицијата различно гледаат на плановите за прекројување на буџетот за оваа година. Од владата, која предлогот го испрати до Собранието, велат дека со ребалансот приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата. Тоа планираат да го реализираат преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека ребалансот на буџетот е во насока на предизборен поткуп, а дека со него ќе се задолжат семејствата со нови 400 евра.
„Нема пари за стопанството кое едвај преживува, нема пари за земјоделците, нема пари за помош на невработените, нема пари за угостителите, за занаетчиите, но има пари за социјални трансфери кои се единствено предизборен поткуп кој ќе се плаќа повторно од сите граѓани“, вели Гордана Димитриеска Кочоска, член на Извршиниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку со ребалансот владата планира дополнително задолжување, кратење на непродуктивни трошоци, а предвидуваат К-15 за јавна администрација и државна управа. Со него се зголемени и капиталните инвестиции и се предвидуваат повеќе приходи, но и повеќе расходи.
Имено, приходите се зголемуваат за 4,7 отсто, додека расходите за 8,6 проценти. Владата очекува подобра наплата на приходите, а расходите ќе растат оти се потребни повеќе пари за ковид-мерките, како повеќе пари за здравството, вакцини, пари за земјоделците, за поддршка на социјалните категории. За 30 отсто се зголемени и проекциите за капиталните расходи или инвестиции иако со години наназад реализацијата на капиталните инвестиции е слаба. Владата планира и да инвестира во јавни добра, односно во проекти како патишта и железници.
Видете и ова: Институциите транспарентни, освен за паритеЕкономскиот аналитичар Арбен Халили вели дека во време на пандемија неопходен е ребалансот на буџетот за да се заживее економијата, а тоа можело да се стори, додава само преку капитални инвестиции, инфраструктура, поддршка на компаниите и воведување на повеќе луѓе во производниот и услужниот процес.
„Сепак првпат се случува да владата предложи преку ребаланс воведување и на К15 за јавна и државна администрација. Од човечки и хуман аспект нормално, би претпочитал да има и за државната администрација кога истото важи и за луѓето кои работат во приватниот сектор. Меѓудругото, токму ова К-15 може да се смета за некаков предизборен трик зошто знаеме колку е бројот на луѓето кои работат во администрацијата“, вели Халили.
Владата во ребалансот предвидува и нови економски мерки за справување со пандемијата. За тие пакети се планирани дополнителни 14,7 милијарди денари, за исплата на плати се предвидуваат 31,6 милијарди денари, а се најавува дека ќе се води строга контрола на нови вработувања. Земјоделците ќе добијат дополнителни три милијарди денари, а исто така и за и студентите се обезбедуваат пари за студентски оброк.