За 8 месеци треба да се заменат околу милион важечки пасоши на граѓаните. Според МВР само 40 отсто пасоши се со новото име „Република Северна Македонија“. Народниот правобранител Насер Зибери ја критикува Владата зошто сите трошоци за замена на личните документи кои произлегуваат од Договорот со Грција, мора да ги платат граѓаните.
А негодуваат и граѓаните. Негодуваат што повторно ќе треба да плаќаат за промена на личните документи на кои се уште не им е истечен рокот на важноста. Некои од нив сметаат дека не треба да плаќаат само поради тоа што државата сменила закони. Сметаат дека државата треба да ги покрие трошоците за промена на личните документи кои се уште се важечки.
Видете и ова: Налепница наместо нови регистарски таблички?Ако пасошите за возрасни според новите, повисоки цени, чинат 2.300 денари, а за деца 1.700 денари, државата во просек ќе наплаќа по 2.000 денари за пасош. Така според пресметките на РСЕ, промена на над 60 проценти од вкупната бројка од важечките пасоши кои се со старото име, значи дека до февруари треба за еден милион нови пасоши во државната каса да легнат над 32 милиони евра, доколку сите граѓани се одлучат да ги променат.
„На свој трошок носиме македонски граѓани на собирот на Вучиќ“
За сопствени трошоци неделава говореа и организаторите на бесплатниот превоз од Скопје и Куманово на граѓани кои ќе одат на митингот на партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ, Српска напредна странка, во Белград. И двајцата организатори тврдат дека немаат поддршка од српската влада.
Видете и ова: Организаторите тврдат- на свој трошок носиме македонски граѓани на собирот на ВучиќНајмалку 300 граѓани од Тетово, Неготино, Куманово и Скопје се подготвуваат в петок рано наутро да заминат со вкупно 6 автобуси во Белград откако се одѕваа на повикот на српскиот претседател Александар Вучиќ, велат за РСЕ организаторите на бесплатниот превоз од Северна Македонија. Во Србија на 26 мај ќе се одржи собир за поддршка на политиката на Вучиќ. Српскиот претседател организира ваков собир откако во изминатиов месец се одржуваат протестите против насилство во земјата по двете масовни убиства со повици за оставка за Вучиќ и министерот за внатрешни работи.
Демократијата во Северна Македонија тапка во место, има длабока политичка поларизација и блокада во Собранието која го попречува носењето на закони, а граѓаните имаат се помалку доверба во институциите. Ова се главните заклучоци за земјава во новиот извештај на Фридом хаус. Во сите земји од Западен Балкан граѓаните се разочарани од политичките елити.
Во време кога руската инвазија врз Украина претставува најзначајната закана за европскиот мир од Студената војна наваму, новиот извештај на Фридом Хаус открива загрижувачки тренд на назадување на демократиите во мнозинство од 29-те земји во регионот од Источна Европа до Централна Азија. Организацијата наведува дека само 7 од нив покажуваат знаци на напредок, додека во 11 има назадување.
Видете и ова: Граѓаните најмалку им веруваат на партиите, а најмногу на армијата
Северна Македонија е меѓу земјите од Западен Балкан каде граѓаните чувствуваат разочараност од домашните елити кои се противат на демократските реформи, бидејќи со тоа ќе ослабне нивната контрола врз моќта, оценува „Фридом хаус“ – организација со седиште во Вашингтон фокусирана на човековите права и промовирање на демократските вредности. Во извештајот е нотирано дека граѓаните на Западен Балкан исто така се чувствуваат напуштени од меѓународните елити, за кои сметаат дека им недостасува решителност да му дадат приоритет на процесот за пристапување во ЕУ.
Иако просечната нето плата во март годинава е зголемена и изнесува 34.925 денари, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), синдикатите реагираат дека над 90 проценти од вработените во администрацијата сè уште заемаат пониски плати, кои во просек се помалку од 23.000 денари. Додека примањата на илјадници работници се на ниво на минималната плата, во меѓувреме платите на функционерите пораснаа за 78 проценти, што е скоро двојно повеќе.
Но, Владата се фали дека зголемувањето на просечната плата е поради нејзините „предвидливи и конзистентни“ политики кои овозможиле константно зголемување на животниот стандард. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека просечната нето плата во март се доближила до индексот на трошоците за живот, односно инфлацијата.
„Дополнително креираме нови високо платени работни места, носејќи инвеститори кои воведуваат нови технологии и чии производи и услуги имаат висока додадена вредност, што неодминливо ја зголемува продуктивноста на целокупната домашна економија, а тоа е основниот двигател на растот на платите кои се повеќе и повеќе ќе растат“, изјави Битиќи на 23 мај.
По низата насилства меѓу децата во регионот, и македонската младина седна да дебатира. Meѓу средношколците седна и министерот за образование, Јетон Шаќири, кој сподели личен пример од ученичките денови, кога како што рече, фудбалот добро му одел, но воопшто не му одело танцувањето, на пример, па затоа врсниците го задевале кога танцувал. Во видеото погледнете како помина дебатата.
Примерите кои на дебатната трибина ги кажаа децата го засенија тој на министерот. Нивните беа пострашни и поголеми. Примери кажаа и професори и експерти и наставници.
Не кажуваа само примери, туку отворено кажаа и како може да им се помогне - и на жртвата на насилството, на булингот, но и на насилникот. И како да се спречи насилството. Останува само сето тоа да се примени во пракса.
Опасност од создавање неписмени генерации
Учениците не се само во опасност од насилство, булинг... Има и една друга опасност кој сериозни се заканува. Неписменоста.
Дел од просветните работници бараат соработка од родителите и предупредуваат на опасноста од создавање неписмени генерации во иднина. Резултатите од Меѓународната студија за читање (PIRLS 2021) покажаа дека учениците во четврто одделение се на дното на листата со потпросечен резултат во читање.
Но, „нечитањето“ носи низа други последици. Една од нив се и најновите резултати од Меѓународната студија за читање (PIRLS 2021), според кои македонските ученици од четврто одделение покажале потпросечен резултат во читање. Според нив, македонските ученици од четврто одделение се пласираа на 34-то место во светот на табелата од 43 земји од светот.
Според табелата македонските четвртоодделенци освоиле 442 поени и се под просекот од 500 поени според кое е извршено рангирањето. Девојчињата во четврто одделение имале повисок просечен резултат од момчињата, со предност од 25 поени.
Четвртоодделенците во Северна Македонија биле поуспешни во пронаоѓањето и директното изведување на заклучоци отколку во толкување, интегрирање и вреднување.
Војна и вештачка интелигенција
Во фокусот и неделава остана војната во Украина, особено борбите за Бахмут и нападите врз Киев. Додека украинските претседател Володимир Зеленски ги потенцираше авионите Ф-16 што ги чека од западните сојузници, украинската армија соопшти дека борбите се разгоруваат.
Објави дека успеала да спречи уште еден масовен напад со дронови врз Киев, а од другата страна, шефот на платеничката руска војска Вагнер, Евгениј Пригожин, објави дека неговите борци почнале да се повлекуваат од своите позиции во Бахмут и околината, отстапувајќи им ги позициите на припадниците на руската армија.
Повлекувањето на Вагнер од „мелницата за месо“ следува по неколкумесечните критики на Пригожин на адреса на Кремљ дека Русија сака победа, а не им дава муниција.
После сето тоа се случи и упад и напад од Украина во Русија, кај градот Белгород. По неколкудневната мистерија кој стои зад нападот, беше откриен идентитетот на некои од оние што учествуваа во нападот на 22-ри мај. Сите се руски државјани, некои од нив нео-нацисти, а некои се бивши членови на руските безбедносни служби.