Досега ниту една влада ги нема издвоено овие пари, за развојот на општините и регионите во Републиката да биде еднаков. Главната причини за тоа е недостиг на политичка волја, како што наведува Институтот за европска политика во истражување објавено во 2020 година.
Ваквата состојба за РСЕ ја потврдува и актуелниот министер за локална самоуправа Горан Милевски. Тој вели дека сега постои зголемување на средствата за регионите, но институцијата која ја предводи и натаму дава значително помалку средства од законски предвиденото.
Видете и ова: Затворени фирми во рамки на просекот, но раст на отпуштени работници„Во времето на ВМРО-ДПМНЕ се трошеле 3,5 милиони евра од Министерството за локална самоуправа. Оваа власт тоа го зголеми за 100 проценти, за 7 до 8 милиони евра, но далеку е од постигнување на тој еден процент што е над 100 милиони евра, средства кои треба да се распоредат за рамномерен регионален развој“, вели Милевски.
Колку за државата е важен рамномерниот регионален развој, е прашањето кое го анализира Институтот за европска политика во истражувањето насловено „Рамномерниот регионален развој како спас за депопулацијата на Република Северна Македонија.“
Истражувачите од организацијата доаѓаат до заклучоци дека Северна Македонија е исклучително нерамномерно развиена земја, со „огромен степен“ на разлики на развиеност меѓу урбаните и руралните општини, како на пример меѓу Скопје и остатокот од Републиката.
„Голем број на општини не можат да ги покријат ни тековните трошоци, на пример за превоз на учениците и за затоплување на училишните објекти. Животот во селата и во помалите општини е многу тежок, поради што голем број луѓе, особено млади, заминуваат во урбаните центри или во странство“, се вели во истражувањето на Институтот за европска политика.
Истражувачите, меѓу другото, фокусот го ставаат на прашањето дали рамномерниот регионален развој ќе биде спас за спречување на иселувањето од земјата.
„Постојат многу причини за иселувањето на населението во странство, но ако се гледа големата слика, сите овие причини се поврзани со нерамномерниот регионален развој на Северна Македонија“, се вели во истражувањето.
Според анкетираните во истражувањето, најмногу луѓе заминале од Полошкиот плански регион со над 34 отсто, а потоа следува Скопскиот плански регион со над 32 проценти, што значи дека младите се иселуваат и од најслабо развиениот регион по БДП и од најразвиениот – скопскиот.
„Што е показател дека економските параметри не се најважни при определбата на граѓаните да заминуваат, пред сè тука е перспективата за подобар живот, животната средина, очекувањата за живот“, се вели во истражувањето на Институтот за европска политика.
Авторите наведуваат дека причините се тесно поврзани со нерамномерниот регионален развој на земјата, а како причина за тоа се посочува „недоволниот државен буџет.“
Во истражувањето се вели дека „заради недостиг на политичка волја, ниту една влада досега нема определено еден процент од БДП за рамномерен регионален развој, што според просечниот БДП треба да биде околу 6,2 милијарди денари (околу 100 милиони евра).
„Како буџетска ставка, за рамномерен регионален развој максималниот планиран износ е 100,3 милиони денари или 9,1 милион евра во буџетот за 2020 година“, наведува Институтот за европска политика.
Податоците од истражувањето покажуваат дека, иако во последните години се бележи тенденција на зголемување на буџетските средства, сепак во изминатите десет години тие се под нивото од десет проценти од законската обврска.
Според законот, земјата треба да ги намалува разликите на развиеност меѓу општините со тоа што повеќе ќе насочува средства кон помалку развиените региони.
Видете и ова: Усогласеност на царините со ЕУ за поголем извозМилевски вели дека иако Министерството за локална самоуправа не ги издвојува законски предвидените средства, според него, државата ги троши тие пари во општините, но не според степенот на развиеност.
„Ние како држава трошиме над 100 милиони евра, бидејќи секоја инвестиција е за општината. Се градат училишта во општините, се градат детски градинки во општините, се градат локални и регионални патишта низ цела држава, така да ние имаме потрошувачка над еден отсто од БДП во планските региони, меѓутоа немаме според степенот на развиеност“, вели Милевски.
Тој додава дека во новиот Закон за локална самоуправа е предвидено сите министерства кои имаат програми за рамномерен регионален развој, да мора да го почитуваат степенот на развиеност.
„И затоа ние сега во новиот закон предвидовме секое министерство кое декларира, да мора да го почитува степенот на развиеност. Или, ако некое министерство даде во некој регион повеќе, на пример за пат, друго министерство повеќе да испланира во друг плански регион“, вели Милевски.
„Така да ако немаме почитување на законот, нема да имаме ниту регионален развој“, вели тој.
Длабокиот јаз меѓу осумте плански региони, го покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика. Според бројките, во Скопскиот регион БДП по глава на жител е речиси 5.000 пати повисок во споредба со Полошкиот, а луѓето во Скопскиот регион имаат за околу 150 евра повисока просечна плата од оние во Североисточниот регион.