Германија донесе закон со кој ја олеснува миграцијата од таканаречени трети земји, односно земји надвор од Европската унија. Законот стапи на сила на 1 март и тој предвидува забрзано признавање дипломи, како и забрзани процедури во процесот на издавање на работни дозволи и дозволи за престој.
Дојче веле објави дека Законот сега подразбира дека како стручњаци веќе не се сметаат само луѓе со висока стручна подготовка, туку и квалификувани лица со стручно образование од најмалку две години, но дипломите мора да бидат признаени во Германија. Процесот за издавање на визи за стручњаци се предвидува да трае од 4 до 6 недели.
Видете и ова: Македонски парадокс: Невработени има, работници нема
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија Миле Бошков оценува дека ова ќе значи конкуренција со која ќе се соочат работодавачите и македонската економија, но посочува дека генерално тоа е конкуренција која ќе ги намали капацитетите на потрошувачката економија и на работната сила.
„Треба да знаеме дека секој заминат граѓанин од земјата има двоен негативен ефект: како потрошувач и како придонесувач и како дел од македонската економија. Но, имаме проблем со тоа што покрај тоа што луѓето заминуваат за плати, се уште дополнително заминуваат и за животниот стандард, за јавните услуги и за целокупното опкружување во земјата“, вели Бошков.
Тој додава дека властите во земјата ќе треба добро да размислат и да разговараат за сериозни мерки за задржување на работниците во земјава.
Новиот германски закон предвидува дека секој експерт од земја надвор од ЕУ кој може да докаже дека има договор за работа во Германија и одредени стручни квалификации, може да дојде да работи во земјата.
Исто така, секој кој има договор за работа или конкретна понуда за работа ќе добие дозвола за престој на четири години или онолку колку што ќе трае договорот за работа, а секој кој сака да бара работа во Германија ќе добие виза на шест месеци, со предуслов да има средства да ги покрие трошоците за живот во тој период.
Новиот закон се однесува и на странци не постари од 25 години кои сакаат да студираат или стручно да се образуваат во Германија, но регулативата се однесува и на дефицитарните занимања како лекар, информатичар или медицинско лице. Тие доколку имаат најмалку пет годишно работно искуство, не им треба формално признавање на квалификациите.
Видете и ова: Платите растат, ама далеку се ветуваните 500 евра
И покрај тоа што новиот закон веќе стапи на сила, стариот закон за земјите од Западен Балкан ќе важи до крајот на годината, со кој може да доаѓаат неквалификувани работници.
„Стратешките документи треба да бидат паметни. Германците тоа го направиле имајќи предвид во која насока ќе се движи економијата, направиле анализа дека иднината на работните места не е секогаш покрај машините, туку дека е во дигитализацијата, во грижата за луѓето, особено за старите и во емпатијата како дел од економијата. Ние мора да размислиме како ќе ги чуваме старите луѓе и како генерално ќе се грижиме за луѓето“, вели Бошков.
Дарко Велков од компанијата „вработување.мк“, која поврзува работодавци работодаватели, вели дека во моментов има директна комуникација со интернет страници кои огласуваат работни места во Германија, но дека интересот за нив варира на дневно ниво.
Мендерес Кучи – стопанственик кој е дел од Стопанската комора на Северозападна Македонија вели дека на бизнис-заедницата и е познато оти со ниски плати не можат да ги задржат работниците во земјава.
„Кај нас веќе фалат кадри и тоа ги плаќаме според актуелните важечки цени на пазарот на трудот во земјава, но не можеме да нудиме плата како во Германија“, вели Кучи.
Според статистиките на Евростат, од 2017 година наваму се зголемил бројот на лица со македонски пасош што добиле дозволи за престој во земји на Европска унија и на ЕЕА, а бројката од 2008 до 2018 година е 157.000 лица.
Стопанската комора на Македонија неодамна објави дека според нивната анкета, 60 отсто од компаниите не можат да најдат квалификуван кадар и се соочуваат со недостиг од работна сила. Во исто време, во земјава има скоро 190 илјади невработени, од кои над 100 илјади луѓе активно бараат работа.