Ако сте курир, пекар или лекар - сега му е мајката

Илустрација

Работници за курирски служби и достава се најбараните позиции за вработување во време на корона-кризата, кога многу професии се погодени, а на работниците им виси работното место и приходите им се доведени во прашање. Меѓу позициите кои се бараат се и пекари, медицински лица, обезбедување.

Доставувачи, логистика, работници за во банки, курирски служби, обезбедување, занаетчии, работници за во мали производствени капацитети се дел од позициите кои се бараат и во време на корона-кризата. Кризата предизвикана од коронавирусот се одрази и на пазарот на трудот, па додека вработените во одредени сектори остануваат без работа, пазарот се отвора за други работни позиции. Апелите да се остане дома, ограничувањето на движењето и гужвите пред маркетите ги натера луѓето повеќе да користат сервиси за достава, па огласите изобилуваат со побарувања на работници кои ќе работат како доставувачи, дистрибутери, работници во куририски служби. Просечната плата во категоријата сообраќај и транспорт изнесува околу 24 илјади денари. По огласите може да се прочита дека платата за куририте се движи од 18 до 20 илјади денари, плус вклучен бонус.

Видете и ова: Македонската берза „заздравува“ од коронавирусот

Дарко Велков, сопственик на порталот Вработување.ком, вели дека коронакризата се одрази на многу професии, но има и такви кои и во вакви услови бараат вработени.

„Целата логистика, возачи, транспорт, е сè уште многу побарувано работно место. Многу се разви доставата. Банките исто така имаат потреба од луѓе, бидејќи голем дел од вработените се во категориите кои не смеат да бидат на работното место, па имаат потреба од пополнување на тие места. Обезбедување исто така во моментот се бара, затоа што сите големи компании мора да имаат редарска служба која одржува растојание меѓу луѓето. Курирските служби во моментот се најбараното место. Потоа занаетчии во мали производствени компании“, вели Велков.

Засега не се знае колку точно работници во Македонија останале без работа поради коронавирусот. Од државната Агенција за вработување на почетокот на април рекоа дека во март бројот на невработени се зголемил за 2000 луѓе. На веб страницата на Агенцијата може да се види дека има повеќе од 5200 слободни работни места. Според огласите, се бараат возачи, доставувачи, продавачи, градежно-занатски работници, пекари, готвачи, пица-мајстори, медицински лица, таксисти. Во март биле регистрирани 107.700 луѓе како активни баратели на работа, што е за 3000 повеќе од јануари. Уште 86 илјади се водат како други невработени лица.

Видете и ова: Губење работа во корона-кризата и брзо опоравување по неа

Велков ги советува луѓето кои немаат работа, да се прилагодат на новата ситуација, и да се вработат во секторите за кои сега постојат отворени работни места. Но, додава дека луѓето сепак тешко се прилагодуваат и ретко вложуваат во обуки.

„Во светот, во текот на годината да се завршат една до две кратки обуки, курсеви за нови компетенции е сосема природна работа, кај нас тоа многу ретко се случува, многу ретко се случува да завршуваат онлајн курсеви, можеби помладата генерација, но не и оние што се над 35 години. Ние мора да научиме нешто од ова, ова се лекции коишто само може да ни помогнат. Светот се прилагодува. Затоа им советувам на оние кои чекаат, да не чекаат, да станат, да добијат нови компетенции, да се прилагодат, оти тоа е единствениот начин, не постои друг начин“, вели тој.

Велков вели дека Македонците кои работеле во странство и кои поради кризата се вратиле во земјата се активни баратели на работа и побргу се снаоѓаат како да дојдат до работно место.

„Тие луѓе веднаш бараат работа, тие не чекаат. Во моментот по тоа што го гледам имаме зголемен дел на апликации и мислам дека добар дел се од нив. Сега ќе се измеша малку пазарот на трудот. По моја оценка тие пред септември-октомври нема да може да излезат од државата, а до тогаш мора нешто да работат“, вели Велков.

Според анкетата на Фајненс тинк, објавена во публикацијата „Квалитет на живот - економски ефекти од корона-кризата“, 75 отсто од вработените и компаниите во земјава се погодени од економската криза предизвикана од коронавирусот. Состојбата кај самовработените и микробизнисите е уште полоша, па 89 проценти од нив изјавиле дека кризата го погодила нивниот бизнис.

Од корона кризата погодени се и невработените, а повремените приходи се прекинати и кај невработените со инцидентни работни ангажмани, се наведува во публикацијата на Фајнанс тинк.

„Податоците покажуваат дека корона-кризата главно ги еродирала надежите за наоѓање работа кај навработените, проследено со намалување на доходот во домаќинството од кој и тие се издржувале. За разлика од нив, главниот удар врз невработените кои имале инцидентни работни ангажмани е преку намалениот или прекинат повремен доход, проследено со намалените надежи дека државата ќе помогне на каков било начин“, наведуваат од Фајнанс тинк.

За време на корона-кризата американската компанија за електронска трговија „Амазон“ соопшти дека ќе отвори 100 илјади работи места за да ги задоволи потребите до зголемени онлајн нарачки. Од компанијата соопштија дека се отвориле за работниците од погодените сектори од кризата и дека тие луѓе се добредојдени во нивните тимови, додека работите не се вратат во нормала.