Достапни линкови

Македонец речиси еден месец во карантин на брод


Сведочење на Македонец „заглавен“ во карантин на брод
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:00 0:00

Сведочење на Македонец „заглавен“ во карантин на брод

Марјан Ѓичев наместо на работа на туристички брод завршил во карантин поради пандемијата со коронавирусот. Тој неколку пати досега работел на такви тури, но прв пат се соочува со ситуација кога на бродот има само персонал, но не и гости. Ѓичев 22 часа поминува во неговата кабина и дозволена им е прошетка на палубата само 2 часа во текот на денот. Бродот плови по Тихиот океан, а турата требало да ја опфати Аљаска, Северна и Средна Америка, а да заврши во Австралија.

Ѓичев колку време сте во карантин на брод?

После некое време почнуваш да губиш осет за време, за деновите да ги броиш, околу 22-23 дена, од некаде 29-30 март.

Дали очекуваше дека вака ќе се одвиваат работите?

Воопшто не, оваа ситуација ескалира мошне брзо. Јас наваму веројатно дојдов со последниот авион, на 12 март, на 13 март се качив на бродот, дури тогаш за малку немаше да не качат, ќе не вратеа одма дома, ама среќа одлучија дека забраната на претседателот Трамп не е важи за Истанбул, па не качија на брод, и на 16 март компанијата сама одлучи дека ќе ги суспендираат сите крузирања и ги вративме гостите и од 16 март сме без гости.

Значи само персоналот е останат на бродот?

Да, од 16 март само персоналот е на бродот.

За колку луѓе станува збор?

На овој брод, средна класа, има околу 700-800 луѓе. Мислам дека стотина луѓе од Индонезија си отидоа дома, бидејќи компанијата организира чартер летови до секоја земја, така ги носат сите членови на екипажот. Веќе неколку летови отидоа, уште неколку се закажани за дел од Европа, од Азија, дел од Африка, Северна и Јужна Америка, и ние сега чекаме да не известат кога ќе не носат нас.

Дали на бродот има заболени од коронавирус?

Секој ден имаме известување од капетанот, официјално според нивните кажувања има изолирано околу осум луѓе и таа бројка не се зголемува во овие 21 ден. Според новите правила во карантин треба да си 21 ден, а не 14 како што беше порано. И од тие осум луѓе со тестовите направени велат дека сега, засега нема заболени од коронавирус.

Како ти изгледа еден ден на брод во овие услови?

Станувам околу 6:30 или 15 до 7, односно не будат, ни носат доручек, бидејќи си изолиран секој оброк ти го носат до соба, па пијам кафе, малку гледам низ прозор, да видам малку утро, малку сонце. Околу 9 и 45 ни се јавува круз директорот преку разглас ни кажува дека имаме еден час за шетање, да прошетаме малку надвор на свеж воздух и сонце. Во 11 часот ни мерат температура да видат дали некој има температура над 37 степени. Ако некој има над 37 степени температура го изолираат на посебен кат во црвена зона, каде што има луѓе со температура. Потоа се враќам во кабина, зборувам со блиску луѓе, околу 3 часот пак имаме еден час слободно за шетање. Во 5 пак ни мерат температура, во 7 часот круз директорот ни подготвува игра преку разглас - Погодија ја мелодијата, погоди ја славната личност итн., потоа капетанот ни зборува, ни кажуваа ако некој не е добро, ако сакате да зборувате со некого, слободно зборувајте со нас, со вашиот менаџер, со одделот за човечки ресурси, вежбајте, читајте книги, гледајте телевизија, буквално цело време, цел ден има соопштенија.

Тешко ли е да сте затворени 22 часа?

На почетокот пред да си отидат стотина луѓе од Индонезија, дел од нас бевме во внатрешни кабини, без прозори и балкони тоа беше малку потешко, посебно ако си човек што сака да излегува, да првите 2-3 дена беше потешко. Потоа на секој 7-8 дена фаќа мала криза, но среќа сега имаме два часа дневно да излегуваме надвор, па се трпи некако. После некое време се навикнуваш, зошто сето ова е надвор од нашата контрола, а кога нешто е надвор од твоја контрола, тоа е.

Спомена дека очекуваш набрзо да ве вратат дома. Како ќе се одвива тој процес?

Има планови, ни праќаат известувања на електронска пошта, имаме апликација и на неа ни кажуваат како ќе не носат сите дома, има план според секоја земја. До секоја земја си има чартер летови, ги собираат, бидејќи корпорацијата има неколку крузерски компании, Ројал Карибијан, Селебрити, таму имам исто пријатели од Скопје, и кога ќе одлучат дека ќе може да не однесат, ќе ги соберат сите од Македонија, сите од на пример Украина и до чартер летови ќе не однесат до домашната земја.

Дали на бродот има уште некој Македонец?

Не сум, има уште еден дечко од Штип.

Дали ќе ти биде полесно кога ќе се вратиш дома да бидеш во карантин отколку на брод?

Дефинитивно, ако има прозор што ќе можам да го отворам, дефинитивно.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG