Предизвик е справувањето со ковид во психијатриска болница

Психијатриска болница во Демир Хисар.

Менаџирањето со психијатриска болница во време на пандемија е многу тешко, вели директорката Тања Лозановска. Пациентите користат заеднички простории од трпезарија, санитарни јазли, ходници. Дел од нив можете да натерате да носат маска и ракавици, дел не, вели Лозановска.

Дваесет и шест пациенти и тројца вработени од Психијатриската болница во Демир Хисар се позитивни на ковид 19. Првата група која беше евидентирана со коронавирус броеше 19 пациенти и двајца вработени, потоа при дополнителни тестирања беа откриени нови седуммина заболени од лицата згрижени во установата и уште едно вработено лице.

Директорката на Психијатриската болница, Тања Лозановска вели дека во Болницата се формирани две ковид одделенија со заболени пациенти, преземени се мерки за заштита на сите други во болницата до кои болеста не допрела.

Видете и ова: Казните за неносење заштитна маска без ефект

„Од пациентите беа земени брисеви од Центарот за јавно здравје од Битола и од персоналот. Сите пациенти се изолирани и се во добра здравствена состојба, а негативните се во 14 дневен карантин. Првата група исто така е изолирана уште од петти август, дополнителни 15 денови. Од 20 август ќе се започне со тестирање на првата група за да се добијат два негативни тестови“, вели директорката.

Од заболените пациенти има само едно починато лице во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје , а уште едно кое се лекувало во болнички услови на Инфективното одделение во Битолската болница е излекувано и негативно на коронавирус, по што е вратено на одделението во демирхисарската установа.

Битола беше град со релативно малку заболени, а сега бројката расте

Вработените со ковид-19 се лекуваат во домашни услови.

„Медицинската сестра која беше позитивна е на домашно лекување. Кај физичкиот работник еднаш тестот излезе позитивен, еднаш негативен, месец и половина тој е во домашни услови. И последниот откриен позитивен, кој по професија е хигиеничар исто така е во домашна изолација“, вели Лозановска.

Ја запрашавме како е да се менаџира со Психијатриска болница во која навлезе коронавирусот?

„Во моментов, имаме две засебни ковид одделенија во Психијатриската болница. Осум месеци да се менаџира вакви институција пред предизвикот од пандемијата е навистина стресно. Категоријата е многу тешка, какви и протоколи да се конципираат многу тешко се спроведуваат, пациентите користат заеднички простории од трпезарија, санитарни јазли, ходници. Дел од нив можете да натерате да носат маска и ракавици, дел не. Но, ова останува како предизвик пред нас сите како тим да се избориме“, рече директорката.

Во установата забранети се посети, а се применуваат заштитни мерки од ковид-19 и за пациентите и за персоналот.