Под превезот на државна тајна помина денешната седница на комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. По три часа реферирање на новиот директор на АНБ Зарко Милошевски на седница зад затворени врати, јавноста нема да дознае за пропустите во АНБ кои довеле Украинецот со руски пасош Олексаднр Онишченко да добие македонско државјанство. Милошевски по седницата, во првото појавување во јавност, не откри никакви детали.
„ Јас ја исполнив својата законска обврска да реферирам пред комисијата за надзор на АНБ и АР, детално ги образложив фактите и аргументите кои беа презентирани пред комисијата, со оглед на фактот дека се работи за многу сензитивна материја, и кои што податоци се од строго доверлив карактер од највисок интерес не можам да ви дадам повеќе детали“ речи Милошевски и замина.
Видете и ова: Димовски: Го најдовме виновникот, јас не чувствувам одговорност за државјанството за ОнишченкоАгенцијата за национална безбедност е една од институциите, која дала позитивно мислење Онишченко, кој е на црната листа на САД, да добие македонско државјанство.
Повеќе детали не можеше да соопшти ниту претседателот на комисијата Љупчо Пренџов кој само рече дека комисиската расправа по информацијата заврши без заклучок кој ќе може да се сподели со јавноста поради класифицираните информации. Тој рече дека не може да одговори на прашањето дали новиот директор на АНБ е на линија со неговиот претходник Виктор Димовски.
Според Димовски и неговата внатрешна истрага во АНБ, вината беше лоцирана во еден од службениците во синџирот на одобрување, односно секторот за комуникација со стратешките партнери кој бил „алката што направила пропуст бидејќи требало да направи меѓународна консултација со партнерите во рамките на НАТО, а не го сториле тоа“.
Во однос на вчерашното барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за оставка од новиот директор на АНБ затоа што тој со свој потпис ја одобрил позитивната проверка пратена до МВР, Пренџов изјави дека сега остануваат само на ставот дека се потребни посериозни безбедносни служби.
„Во врска со оставката на господинот нов директор, доколку почнам да елаборирам за причините или за не причините и кажам било што поврзано со тоа, би се ослонил на аргументи коишто се дадени на денешната комисија, а не би сакал да споделувам информации од денешната комисија“, изјави Пренџов.
Милошоски: Димовски сноси одговорност
Случувањето со руско-украинскиот бизнисмен, кој е под санкции на САД и баран од Украина, не беше главната причина поради која Димовски замина од директорското место во Агенцијата за национална безбедност, но го одбележа крајот на неговата кариера во таа институција. Тој замина од Агенцијата откако беше предложен за амбасадорска позиција во Франција.
Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошевски од ВМРО – ДПМНЕ денеска побара од претседателот на државата, владата и шефот на дипломатијата да ја преиспитаат одлуката за испраќање на претходниот директор на АНБ Виктор Димовски за амбасадор во Париз.
„ Она што можам да го сублимирам дека фразата системски пропуст при доделувањето на државјанството на Онишченко носи објективна одговорност, а таа може во најголем дел да се лоцира кај претходниот директор на АНБ, во самата поставеност на работите и пропустите кои доведувале до несакани работи за Македонија и нашите сојузници, скандали од поголеми размери“, вели Милошевски.
Тој додава дека овој скандал остава безбедносни последици и не смее државата да си дозволи, како што вели, “Димовски е компромитирано решение и не треба да биде македонски амбасадор во Франција“.
Власта претпазлива во изјавите за Димовски
Претседателот Стево Пендаровски во телевизиско гостување изјави дека ако се утврди дека Димовски е одговорен за издавањето македонско државјанство на Олександр Онишченко, тој можеби нема да биде испратен за амбасадор во Париз.
„Но, ако се покаже дека од луѓето во четирите сектори во АНБ, некој од нив е кабает, тој мора да биде сменет и да понесе одговорност“, рече Пендаровски, кој нагласи дека сега концентрацијата треба да биде на интерната истрага во АНБ.
Видете и ова: Одземено државјанството на Онишченко, за одговорноста ќе се почекаПретседателот информираше дека до него, а најверојатно и до владата, имало реакции од Амбасадата на САД од каде прашувале како е можно тоа да се случи.
Внимателност околу дипломатската иднина на Димовски вчера изрази и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој рече дека заедно со претседателот и премиерот треба да утврдат став дали Димовски ќе биде предложен за амбасадор во Париз.
„Јас имам оформено став, мој личен како министер, јас сум дел од тој процес, меѓутоа мислам дека е коректно прво тој став да го искомуницирам со претседателот и со премиерот“, одговори Османи на прашањето која е неговата позиција во однос на тоа дали поранешниот директор на АНБ треба да оди за амбасадор во Франција по обелоденувањето на аферата „Онишченко“.
Тој рече дека е важно и мислењето на партнерите од НАТО.
Кој е Онишченко?
Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, Онишченко кој инаку има и руски пасош, дошла од македонската Федерација за коњички спортови. Позитивно мислење дал и Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.
Она што останува нејасно за јавноста е како ниту една од овие институции не проверила барем на Интернет кој е украинскиот репрезентативец со руски пасош. Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од „Партијата на регионите“ на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година, тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него.
Тој, како заменик-претседател на комисијата за енергенси е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица, меѓу кои и неговата 72-годишна мајка. Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра.
Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко. Онишченко избегал, прво во Велика Британија, а потоа во Шпанија, од каде што требало да биде екстрадиран во Украина. Од Шпанија заминал во Германија, но тие одлучиле да не го екстрадираат. Германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара.
Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа претходната 2020 година“.
Откако аферата со доделувањето на македонското државјанство беше објавена, владата донесе одлука да му го одземе државјанството на Украинецот Онишченко.