Лекарската комора го завршила надзорот за 4 смртни случаи како последица на ковид-19, а само еден од нив досега укажа дека се потребни технички и организациски промени во работењето на болницата, додека сите пациенти биле лекувани согласно протоколите. За уште 5 смртни случаи се чекаат извештаите, а во меѓувреме Македонија се уште е високо на листата по смртност од вирусот во светот.
Токму за случајот со 41 годишната пациентка која почина во болницата во Штип и кој предизвика најмногу рекации во јавноста Лекарската комора упати препораки, кои според одговорот на Минситерството за здравство до РСЕ се спроведени.
Видете и ова: Многу наставници, а малку места за менториОд комората беше посочено дека во болницата во Штип не се нотирало време на менување на кислородни боци и периодот кога се алармира за промена на боците од другиот медицински персонал и сугерирано е дека е потребно да се воспостави подобра телефонска комуникација, а потешките пациенти да бидат сконцентрирани во неколку простории и блиску до персоналот за да бидат под постојан надзор.
„Директорот на Клиничката болница во Штип го информираше Министерството за здравство дека е постапено според насоките дадени од Лекарската комора во врска со случајот со 41 годишната пациентка“, велат од министерството за РСЕ.
Надзор за случаи во Велес, Крива Паланка и Скопје
Во останатите случаи кои биле предмет на надзор, според министерството, нема утврдено пропусти во текот и начинот на лекување. Се работи за три случаи кои се лекувале во болници во три различни града низ земјата.
„Во случајот со пациент од болницата во Велес, комисијата едногласно одлучила дека матичниот лекар постапил правилно со лекување на пациентот. Во случајот со пациентка за која беа спроведени стручни надзори во две здравствени установи во Крива Паланка, комората констатирала дека од страна на здравствените установи биле направени сите потребни рентгенски снимања и лабараториски испитувања и пацинетката била хоспитализирана. Комората извршила стручен надзор и во Институтот за белодробни заболувања и туберколоза- Скопје во врска со смртта на еден пациент, при што терапијата која ја примал била во согласност со неговата состојба“, додаваат од министерството.
Потребна ли е анализа?
Во септември, минатата година се направи се интерна анализа на сите клинки и болници каде се лекуваа пациенти кои починале како последици од ковид-19. Анализата покажа дека над 85 отсто од починатите имале и други болести и биле на возраст од над 60 години. Од тогаш нова анализа не е направена.
Македонија во моментов е на 10 место во светот по смртност од ковид на милион жители. Просекот на ниво на цела држава на заболени во однос на починати изнесува 3,1 отсто.
Професорот Никола Пановски вели дека тој инсистрал да се направи анализа дали проблемот со високата смртност е начинот на лекување на што реагирала Лекарската комора.
Видете и ова: Усогласеност на царините со ЕУ за поголем извоз„Значи Лекарската комора не дава соопштение за тоа што ни се случува ги интересираше мојата изјава. Тие што не работат во болници да не даваат изјави затоа што ги плашат пациентите да одат во болница и затоа тие седат дома и затоа смртноста ни е висока. Дури и текст што го пишував три дена не ми го прифатија и рекоа не е за овој број. Тоа е однесување на Лекарската комора и вие очекувате да каже какво било лекувањето. Нејзе ќе и кажат што да каже. За жал таква е сега состојбата“, вели Пановски.
Според него, само Клиниката за пулмологија го објавила протоколот за лекување во ковид центарот, а другите иако имаат протокол тој не е јавно достапен.
„Знам дека не е исто лекувањето од болница во болница. Значи нема направено национални протоколи и дома и во болница. Тоа требаше да се направи, сега е веќе и касно и се надеваме дека нема да има потреба“, додава тој.
Институтот за јавно здравје информираше дека во периодот од 18 до 24 јануари пријавени се 69 смртни случаи од 23 града и има намалување од 12.7 отсто во однос на минатата недела. Од починатите, 55 лица биле над 60 години, 11 лица на возраст од 50-59 години, две лица од 40-49 години, како и едно лице од возрасната група од 30-39 години.
Од Институтот за јавно здравје се уште не добивме одговор која е најчестата причина за смртноста од ковид-19 во изминатиот период. Лекарската комора откако ќе го заврши стручниот надзор и за некој од останатите пет смртни случаи има рок од 8 дена да ги испрати своите сознанија до министерството за здравство.