Почетокот на есента со себе ги донесе редовните предизвици поврзани со грижата за сопственото здравје. Пандемијата со ковид 19 само дополнително ги усложнува стравувањата од есенските вируси, настинки и инфекции. Па така родителите на кои детото пројавило симптоми на затнат нос, кашлање или покачена температура, сега се исплашени и во дилема дали детето треба да се тестира за ковид 19. Други пак, прават се за да го зајакнат својот и имунитетот на своите деца. Веројатно поради тоа, деновиве, аптеките регистрирале зголемена продажба на витамини, сирупи и најразлични суплементи чија основна цел е да го јакнат имунитетот.
Фармацевтите велат дека за своето здравје најмногу се грижат повозрасните и пензионерите. Дел од нив редовно си купуваат препарати за подобар имунитет, а некои само кога е сезона на вируси.
„Со години наназад витаминот це класично бил за целиот зимски период најпродаван. Тој ни е како секојдневие. Потоа се трошат цинкот и селенот, а по последните информаци за делотворното мислење на д витаминот во лечењето на короната, деновиве нагло пораснала побарувачката на овој витамин,“ вели фармацевт Нуцка Ристовска, сопственик на аптека во Скопје.
Стравот кој дополнително го покрена светската пандемија со ковид 19, а која веќе седум месеци ја живеат и македонските граѓани, ја поставува дилемата, дали како народ се грижиме за сопственото здравје, на тој начин штитејќи го и колективното?
Доктор Илир Љума вели дека дел од граѓаните знаат како да се заштитат од сезонските вируси и создавање на одбранбен механизам во организмот.
„За жал дел од граѓаните или не се информирани за тоа колку е важно да се превенира отколку да се лечи, а дел од нив знаат но за жал не ги орименуваат методите за употреба на втамини, минерали и сл.за подигнување на имунитетот. Според мене виновни се и моите колеги кои не посветуваат доволно внимание да им објаснат на пациентите дека подобро е да се спречи, отколку да се лечи. А превентивата значи употреба на одредени суплементи и витамини“, вели доктор Љума.
Видете и ова: КОВИД-19 ја смени трпезатаСпоред него, само редовната употребата на витаминот Д3 е подобра за зајакнување на имунитетот во однос на сите други вакцини против сезонските вирусни заболувања. Последните светски истражувања го потврдуваат тоа, вели Љума па одат и до таму што се смета дека оние кои примаат високи дози на витамин д3 имаат помали шанси да заболат од корона вирусот или ако се разболат, полесно закрепнуваат доколу го примаат горенаведениот витамин.
Ристовска пак, е на мислење дека граѓаните не треба да очекуваат дека д3 витаминот е волшебен лек кој ќе ги заштити од евентуална инфекција од ковид 19.
„Тој е секако корисен да го пиеме, особено повозрасната популација. Но треба да се внимава колку и кога се користи. Високите дози можат да направат калцификација. Треба да се објасни кој и дали треба да го користи и која јачина. Кај нас се се прави некако сензационалистички. Мислам дека луѓето едвај чекаат волшебство и веднаш да навалат“, вели Ристовска.
Долгогодишната работа во аптека и искуството од пракса и покажало дека има различни категории пациенти. Таа вели дека има луѓе кои се што ќе чујат или прочитаат, би го купиле.
„Оваа категорија на луѓе независно од пандемијата сакаат да си внимаваат на своето здравје. Суплементите ги земаат за подобрување на општата здравствена состојба за да можат да имаат поквалитетен начин на живот. Имаме пациенти кои ги сакаат суплементите за да не се доведат во ситуација да примаат медикаментозна терапија“, вели Ристовска.
Во меѓувреме, октомври е месецот кога традиционално почнува вакцинацијата против сезонскиот грип, иако како земја не може да се подфалиме со висок процент на граѓани кои се вакцинираат. Според Центарот за јавно здравје, во просек околу 5 проценти од населението во земјава се вакцинира против грип.
Поради пандемијата со корона вирус, годинава министерството за здравство набавува 40 000 бесплатни вакцини против сезонскиот грип, односно 40 проценти повеќе во однос на вообичаените количини од претходните години. Бесплатните вакцини се за ризичните групи граѓани во кои спаѓаат, лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и за децата на возраст од 6 месеци до 5 години. Останува да видиме, колку од нив ќе се вакцинираат а, Министерството за здравство најавува дека и оваа година преку едукативна кампања за граѓаните и за здравствените работници ќе поттикне поголема свесност за заштитата и придобивките што се имаат со вакцинацијата против сезонски грип, особено во тек на пандемијата со коронавирусот.
Во меѓувреме бројот на заболени од корона вирусот во земјава не стивнува. Бројките на дневно заболени се троцифрени, а во однос на смртноста, Македонија се искачи на врвот на земји со највисока смртност во регионот.