Ниту меѓупартиските препукувања, изборите или заглавените евроинтеграции не се меѓу петте главни проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Со години наназад, четири од петте главни проблеми што ги посочуваат граѓаните се економски – невработеност, сиромаштија, ниски плати... Петтиот проблем се менува зависно што било актуелно во тој период – спорот со името, иселувањето на младите, пандемијата на коронавирус...
Видете и ова: Постарите невработени најтешко до вработувањеТоа го потврдува и последното истражување на јавното мислење на Меѓународниот републикански институт спроведено од 27 ноември до 23 декември 2021, а објавено во март годинава. Според истражувањето, по 28 отсто од граѓаните одговориле дека најголеми проблеми со кои се соочува земјата во моментов се невработеноста и економската ситуација, потоа следуваат сиромаштијата и нискиот животен стандард, ниските плати и пензии и проблемите со ковид-19 и вакцините. Со оглед на тоа што состојбата со пандемијата во моментов е смирена, кога анкетата би била правена денеска, веројатно таа тема би паднала подолу на листата.
Невработеност
Невработеноста во Македонија континуирано се намалува од 2005 година, кога била над 35 отсто, и сега изнесува 15,7 отсто. Сепак, тоа значи дека околу 150 илјади луѓе се без работа, што е една од највисоките стапки во Европа. Невработеноста во истражувањата се наведува како една од главните причини за иселување на младите од Македонија. Резултатите од пописот покажаа дека Македонија изгубила 185 илјади жители во изминатите две децении. Бројот на луѓе над 60 години е зголемен за 140 илјади, но бројот на млади до 29 години е намален за 270 илјади луѓе.
Аналитичарот Сефер Селими вели дека токму иселувањето е една од главните причини за намалување на невработеноста.
„Ако се мериме сами со себе, постои прогрес, но веќе не живееме во изолиран свет каде што ние се гледаме само себеси, туку се натпреваруваме и со други држави и тука веќе се гледаат огромните разлики“, вели тој.
Економската ситуација
Македонија е една од најсиромашните земји во Европа. Стапките на економски раст се слични како просекот во ЕУ, што значи дека на земјава ќе ѝ требаат децении да го достигне европскиот стандард. Дополнителен проблем е нерамномерниот регионален развој. Над 43 отсто од целокупната економија во државата е сместена во скопскиот регион, додека внатрешноста е многу посиромашна.
„Гледајте колку е празен градот. Сите луѓе се на берба на јаболка во Италија. Сезонска работа, колку ќе заработи толку“, изјави Лазо Златев од Свети Николе.
Видете и ова: Пченица произведуваме недоволно, а сончоглед колку за грицкањеСиромаштија, низок животен стандард
Околу 22 отсто од граѓаните, односно околу 450 илјади луѓе, живеат под прагот на сиромаштија. Како сиромашно се смета четиричлено семејство со две деца кое живее со под 20 илјади денари месечно. Скоро 8 отсто од вработените и 7 отсто од пензионерите живеат под прагот на сиромаштија. Храната во изминатата година поскапе за 15 отсто.
„Од плата до плата не стига ништо.“
„Ако сте оделе во продавница со 500 денари, сега треба да одите со 800 денари за да ги купите истите работи“, велат анкетираните граѓани во центарот на Скопје.
Ниски плати и пензии
Минималната плата од март се покачи на 18 илјади денари, а просечната надмина 31 илјади денари. Сепак, околу 70 отсто од вработените добиваат плата пониска од просечната. Просечната пензија е околу 16300 денари.
Зголемувањето на минималната плата поттикна бран протести и штрајкови во јавниот сектор, со барања за усогласување на останатите плати со минималната.
Аналитичарот Сефер Селими вели дека партиите знаат дека граѓаните се најзаинтересирани за економските проблеми, но немаат решенија.
„На политичките партии многу полесно им е да направат меѓупартиски кавги, наместо да се фокусираат на решенија кои ќе донесат позитивни промени за граѓаните. Тоа е поради тоа што нема доволен капацитет во самите партии, но исто така тоа се должи на леснотијата со која може да се натпреваруваат меѓу себе“, вели Селими.
Ковид-19 и вакцини
Како петти проблем кој го навеле 13 отсто од граѓаните се ковид-19 и вакцините. Ситуацијата со коронавирусот сега се стабилизира на околу 70 нови случаи и еден починат дневно, а во болниците има место за сите на кои им е потребна помош. Вакцините сега се достапни, но спласна интересот за вакцинација. Укинати се речиси сите мерки за заштита. Од почетокот на пандемијата починаа над 9300 луѓе од коронавирус во земјава. Македонија е на петтото место според смртност од ковид-19 во светот. Досега се вакцинирани над 855 илјади луѓе, што е скоро 47 отсто од населението. На почетокот на вакцинацијата, Македонија се мачеше да обезбеди вакцини, па граѓаните масовно се вакцинираа со соседна Србија.